Повеќе Холивуд од Холивуд: Гала ноќта кога “Пурпурниот дожд” стана златен!

Скопје, 28.02.2024
“Убавино, ти ме заморуваш веќе” со восклик и врисок го парафразирам во себе славниот бард Блаже Конески, уште веднаш по првите изведби на песните, вечерва во Опера и балет…
Сега се надоврзувам јас со моја илузија и веќе сум во Холивуд на 10 март, во театарот Долби во Лос Анџелес излегува Џими Кимл и вели…”Почитувани гледачи Оскарите се откажуваат поради тоа што веќе се одржаа некаде на земјината точка, но пред да се одјавиме Ве молиме громогласен аплауз за само едниот Оскар кој ќе го делиме вечерва, а Оскарот оди кај “Оскаровската гала вечер” од 28 февруари…се гледаме следната година, веќе не тука, можеби отсега натаму- таму!”
…Понатаму некаде во средина на ноќта замислувам како на сцената едно време се симнуваат вселенски летала, ја качуваат интерпретаторката која успеа “Пурпурниот дожд” да го претвори во златен….а до мене Спилберг ме чукнува по лактот и вели- “станувај, не сме на кино на концерт сме, гледам ти имаш подобро сценарио од мене, одиме да режираш, јас ќе ти бидам асистент” …
И подрипнувам во место и правам масажа на врат, па на чело, прво со благи и понежни па со погруби допири… ја чувствувам крвта како ми плива низ глава …ова веќе не е замисла. Ова е реалност откако “Спилберг ме расони”. Знам дека некаде низ чантата имав апче, го видов претпладнето кога ја претуривав во градски автобус, барајќи го паричникот кој сум  го заборавила дома, па се враќав по него… Го пијам со водата што ми ја дадоа пред малку на паузата во холот, каде нѐ служеа и со благи колачи и чоколадни бонбони. Тоа беше на паузата…кога сите беа замелушени од убавината на првиот дел…не ми е вака од мирисот на онаа вештачка ајкон цигара која некој запали на сред сала, од возбуда ми е, од пре-убавини.
Ајде во вториот дел можеби малку притисокот ќе ми се спушти, навистина преголема возбуда ме нападна… Ама, пак исто.
Да слушате оскаровските музички точки во кои вие ги имате Горан Наумовски Тамара Раѓеновиќ, Ана Петановска, Христијан Тоневски, Ана Мицковска, Андријана Јаневска, Даниел Данн, Маја Гроздановска Панчева,  Денис Димоски,  Наде Талевска, Весна Ѓиновска Илкова, Игор Дурловски … диригент Бисера Чадловска, Оркестарот на НОБ и Националниот џез оркестар, е нешто помеѓу сон и јаве. Плус танцови двојки Ендру Кук и Саша Ефтимова,  Андреј Димоски и Ангела Спировска. Режисер Дејан Прошев…и бројни други професионалци кои ги читам во програмата (за прв пат имам само еден примерок, обично на врата ми давале по повеќе, но сега има премногу навалица од посетители, кои седеа дури и на помошни столчиња на краевите на редовите).
Ама ајде ќе оставам тоа новинарите да напишат во своите извештаи кој сѐ зел учество и кои песни се испеале, зар е важно при толкава магија вечерва…
И секако очекувам дека, на чисто срце и сосема професионално ќе известат дека вечерва сцената на послужавник ни принесе уште една многу надежна ѕвезда. Ана Петановска!
Врв!
Ана  Петановска, која со изведбата на “Пурпурен дожд” од Принц ја крена салата на нога, и така простум ѝ аплаудираа. Таа веќе е родена ѕвезда. Не формирана по штабови, по продукции, по маалски шеми. Ѕвездениот момент ја роди неа вечерва. Ве молам сите познати и славни автори не ѝ нудете песни на Ана на база на вашето “извикано” име. Магијата се создава само тогаш кога самата се создава. Ана е создадена да избира, како што ќе почувствува. Не да ѝ се нуди. Ако сакате да ја имате… Долго!
За другите ѕвезди секоја кажана пофалба е само повторување на познати констатации, зарем треба да се нагласува нешто повеќе за нашите оперски првенци кои се и што можат тие со своите грла?
Во нивното славно друштво од вечерва еве  имаат и уште една достојна колешка!
Тука е и ѕвездата на ноќта, поттргнете се да помине, нејзиното телевизиско височество Миланка Рашиќ, идејниот творец на ова ремек- дело заедно со Горан Наумовски.
Миланка!  Две децении одеше по споредни патчиња (откако ја отстранија), а не беше на тронот на кој одамна беше застанала како најголема и недопирлива тв ѕвезда, и можеби на прв поглед делува како да е за неа напразно потрошено време, но се чини, не, туку тоа беше само тест на времето дали навистина припаѓа каде што припаѓала. Ако некогаш била ѕвезда, вечерва се покажа дека е комета која го осветлува цело телевизиско небо.
Смени неколку свечени фустани, но и по бањарка да излезе никој нема ни да забележи, маѓепсува со нејзиниот волшебен радиофоничен глас и енергија. Сета таа природна гламурознист што ја носи во себе, сета таа аура…тоа само БОГ дава.
Не ѝ требаат џишкави фустани да го освои вниманието, никој не ја ни погледнува во фустаните, но оваа ноќ и тие беа грижливо одбрани за неа, од модната куќа на Елена Лука, класични и одмерени.
Но, знаете што? Сепак да не беше отсутна од главната (тв) сцена Миланка изминативе години, немаше да се спуштат толку критериумите па да дојдеме до разни профили на лица по медиумите. Тоа ја уништи фелата. И немаше да има трка на голи коленици, гради и “женски триаголници” во преден план. Ќе имаше престиж во престижот. Престиж во магичноста. Која ретко која ја има како Миланка, односно таа навистина ѝ припаѓа само неа.
Што би кажала повеќе, кога сѐ тоа ќе може да се гледа на телевизија наскоро.
Би дала само еден генерален заклучок:
Сите заедно, нѐ извибриравте премногу јако. Ви благодариме!
Се врати нивото во полн сјај!
Вечерва:
Македонија си ја врати државата!
Да!
МАКЕДОНИЈА СИ ЈА ВРАТИ ДРЖАВАТА !
Со првата гала оскаровска ноќ на македонски начин…
Валентина Ѓоргиевска Парго
Новинар и уредник во КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.