28.02.2024
Неодамна, АРНО ги додели наградите за младите социјални претприемачи од проектот RISE. Жири комисијата за победници ги прогласи Биохајд- тим кој ќе се занимава со производство на био кожа од чајот комбуха и Целилишус- тим кој ќе произведува безглутенски печива и ќе помага на лицата со целијакија. Преку RISE програмата тимовите се наградени со паричен износ од 3000 евра и понатамошно неформално образование, менторство и регионално вмрежување. Во рамки на ова издание доделена беше и специјална награда за трет тим- Комбо (уметнички еко-колектив) за регионална мобилност, во вредност од 500 евра. Настанот се одржа во Фондот за иновации и технолошки развој, со учество на публика и јавни презентации.
„Ние во АРНО се радуваме што RISE има свои продолженија и е препознаено како програма за млади претприемачи, не само проект. На младите им треба поддршка, па така, АРНО е не само во улога на инкубатор, туку и поддржувач и конектор на сите верувачи во социјалното претприемништво. Многу квалитетни ментори, обучувачи, донатори, медиуми кои веруваат во младите луѓе се дел од оваа сложувалка. Навистина сме потребни сите за овие идеи да успеат и младите бар да се обидат да останат во оваа земја и да се реализираат преку социјални претпријатија“ – изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО.
На завршниот настан се обратија и донаторите на проектот и поддржувачите. Ирене Кетоф од Француската амбасада во Скопје упати честитки до младите и до сите тимови, нагласувајќи ја важноста на социјалното претприемништво. Фестим Халили, директор на ФИТР кои беа домаќини на настанот, изрази поддршка и добредојде за сите идни социјални претприемачи и во рамки на нивните програми. Во име на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) честитки за сите тимови, победниците и поддржувачите упати Владимир Ѓорѓевски-директор на локалната канцеларија.
Одлуката за победниците ја донесе независното експертско жири составено од Добринка Стефанова-ПроКредит Банка, Игор Маџов-Стартап Македонија и Нест Груп, Владимир Ѓорѓевски- РИКО, Фисник Јусуфи-ФИТР, Александра Лопарска Илоска-Асоцијација Паблик. Менторска поддршка за четвртата RISE генерација на млади социјални претприемачи дадоа: Катерина Златановска Попова, Јасмина Главинче, Натали Ристовска, Катерина Илијовска, Светлана Ѓоргон Боцевска, Димитар Јовевски, Симона Василева и Јана Клопчевска.
Во овогодинешното издание на RISE учествуваа 8 тимови со 24 членови од Скопје, Охрид, Битола и Кочани од кои 7 тимови презентираа пред жирито (BioHide, Celilicious, Creative Mind, TravelTales, Combo, TarshPinger и Vision for a better future).
Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс и Француско-германската канцеларија за млади, а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД), Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Еразмус+ програмата на Европската Унија. АРНО е гордо што е избрано за локален инкубатор и национална структура која го спроведува 6 годишниот проект заедно со партнерите од регионот.
*
Имплементиран од страна на шест локални инкубатори од Западен Балкан и координиран од конзорциум на регионални и европски партнери, проектот RISE (Regional Incubator for Social Entrepreneurs – „Регионален инкубатор за социјални претприемачи“) има за цел да го збогати социјално-претприемачкиот екосистем на Западниот Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развиваат иновативни општествени решенија и со тоа да придонесат кон помирувањето и соработката во регионот.
АРНО е гордо што е избрано за локален инкубатор и национална структура која ќе го спроведува проектот заедно со партнерите од регионот. Позитивната промена во Западен Балкан е возможна, додека пак стабилноста и просперитетот можат да бидат постигнати само преку негување на помирувањето и соработката во регионот.
Станува збор за продолжение на проект кој започна 2019-та година и ќе се имплементира до 2025-та година во регионот на Западен Балкан.
Повеќе информации за проектот можат да се најдат на www.risewb.org, како и на профилите на Facebook, Instagram и Linkedin.