ИКС го објави вториот извештај за присуството на штетните наративи

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави вториот извештај во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ- НА), сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери и нивното пренесување во медиумите во ноември и декември 2023 година, во кои се идентификувани штетни наративи.

Резултатите од мониторингот и анализата на партиската јавна комуникација за периодот ноември – декември 2023 година покажуваат дека на партиските веб-страници и на Фејсбук-профилите на политичките актери, најчесто се изнесуваат непроверени наоди, како и непоткрепени обвинувања за корумпираност, нетранспарентност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност како основа за напад на политичките противници. Реториката кај поголемите политички партии се базира врз употребата на зборови и формулации со коишто се оцрнува политичкиот противник или одредена група луѓе со цел да се предизвикаат поделби. Овој поларизирачки наратив и во овие два месеца најчесто извира од доминантните обвинувања за приврзаност кон „проевропски“ и „антиевропски“ блок.

Кај медиумите, во најголемиот број случаи, штетните наративи се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите. Во ноември и декември утврден е благ пораст на објави со штетни наративи кај онлајн-медиумите. И во овој извештај доминира практиката некритички и еднострано да се пренесуваат непроверените наводи од политичките актери, најчесто во форма на целосно пренесени партиски соопштенија и говори на политичари. Кај телевизиските станици пак, бројот на прилози со штетен наратив е речиси на исто ниво како и минатиот мониториран период. Најголемите политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, остануваат најчести актери во ударните ТВ-термини.

Сериозното отстапување од професионалните новинарски стандарди, пристрасното и необјективно известување, не само што негативно влијаат на јавниот дискурс и го загадуваат медиумскиот простор, туку ги нарушуваат и основните принципи на демократија и отворена дебата.

Истражувањето ШТЕТ- НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.

Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.