ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија ги додели наградите од Конкурсите за расказ на слободна тема, есеи и корица на книга, наменети за учениците од основните училишта и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, распишани по повод Месецот на книгата. Имено, директорот Стефан Марковски им ги врачи наградите на: Ирина Алчинова од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија под менторство на Вили Караколева за освоено 1. место; Марија Јанчева од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија под менторство на Мери Олумчева за освоено 2. место и Георгина Ризова од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија под менторство за освоено 3. место на Литературниот конкурс за расказ на слободна тема.
За Литературниот конкурс за есеи на слободна тема, им беа врачени наградите на учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија – за 1. место на Виолета Чугунцалиева под менторство на Тони Аврамов, за 2. место на Весна Папучиева под менторство на Славица Маркова и за 3. место на Ѓорги Новаковски под менторство на Тони Аврамов. На Ликовниот конкурс за дизајн на корица, наградени се Верица Стефаноска – 1. место, Георгина Ташева – 2. место, Спасе Ќириќ – 3. место и Марија Николовска – Пофалница, ученици од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, под менторство на Михаил Петров. На останатите, им беа доделени Благодарници за учеството на овој традиционален конкурс.
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија упати благодарност до членовите на Комисиите, коишто учествуваа во оценувањето на пристигнатите творби.
Вечер на слем поезија
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија организира Вечер на слем поезија. Македонски слем поети и поетеси од различни генерации ќе бидат дел од книжевната вечер, којашто ќе се одржи утре (22 декември 2023 година) во хотел „Аполонија“- Гевгелија.
Настанот ќе започе во 19:00 часот, а влезот е слободен.
Ќе настапуваат: Миланчо Пендев, победникот на 13. Национален слем- натпревар, второпласираниот Виктор Спасески, третопласираната Валерија Танчевска, како и Игор Трпчески, Елена Пренџова, Тихомир Јанчовски и Димитар Арнаудов.
Анимиран филм за деца “Биби и Боби: Звуците на Новата година”
“Сказна за рибарот и рипката”
Предновогодишно, членовите на Драмската секција за деца при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, под менторство на Катица Џишева Дупарова, ќе се претстават со камишибаи- претстава „Сказна за рибарот и рипката“ од Александар Пушкин. Претставата ќе се прикаже утре (22.12.2023 г.), во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.
Влезот е слободен.
Илустрациите, како дел од сценографијата за камишибаи- претставата, се на Антонија Крстова, член на Ликовната секција при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, под менторство на м-р Александар Јанев.
„Биби и Боби: Звуците на Новата година
ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, на 23 декември 2023 година, во Народниот театар- Гевгелија, ќе го прикажува анимираниот филм за деца „ Биби и Боби: Звуците на Новата година“. Влезниците се пуштетни во продажба по цена од 100 денари и можат да се купат во Народниот театар- Гевгелија. Емитувањето ќе започне во 12:00 часот.
Гевгелија во предновогодишна и празнична атмосфера
Во Гевгелија, се почувствува предновогодишната атмосфера со украсувањето на градот. Имено, и оваа година, Општина Гевгелија се погрижи граѓаните, особено најмалите, да ја почувствуваат новогодишната магија. За таа цел, во централното градско подрачје и на повеќе јавни места се поставени украсени елки и светлечки фигури коишто ги симболизираат новогодишните празници.
Амбиентот, годинава, е збогатен и со Новогодишен базар во организација на Општина Гевгелија. Од вчера, на Градскиот плоштад, со учеството на Локалниот младински совет, Локалното собрание на млади и Клубот на волонтери при ОО Црвен крст- Гевгелија е отворен Базарот, којшто ќе трае до 31 декември. Поставени се куќарки, на коишто ќе учествуваат повеќе претставници од граѓанскиот сектор со забавни содржини по повод Новата година.