На денешен ден е роден Блаже Конески

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.
Значајни дела- „Везилка“, „Стерна“, „Црква“, „Црн овен“
Значајни награди- Златен венец на Струшките вечери на поезијата, Хердерова награда, Његошева награда, АВНОЈ, 11 Октомври, 13 Ноември.
Роднини: Цака (мајка), Ордан (татко), Милица (сестра), Дунавка (баба)

(Википедија)

Везилка- Блаже Конески

Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?

– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.

Везилке, крени наведена лика,
погледај небо во претпладне златно:
се шари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.

За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
Две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои- црвена и црна.

Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.

– И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.