Денес, 13.12.2023 година во фоајето на Националната опера и балет се потпиша Договорот за реконструкција и адаптација на просторот доделен на НУ Џез оркестар на С.Македонија, кој се наоѓа во подземните простории на овој објект.
Договорот го потпишаа вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска и Генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт.
На конференцијата присутните ги поздравија и ВД директорот на новоформираната институција НУ џез оркестар-Гоце Стевковски и директорот на Македонска опера и балет Васо Ристов.
Македонските џезери седум години се здружени во Здружението на џез музичари, направија концерти и фестивали со кои го издигнаа на највисоко ниво музичко- културно- сценскиот живот во земјава, а со својот концепт, врвен труд, дела, остварувања, успеси и достоинствен начин на професионално и еснафско делување, му дадоа нов правец на културното движење воопшто.
Во здружението членуваат докажани инструменталисти, автори, маестра и професори по музика, а воедно и млади таленти едуцирани во земјава и во странство на престижни музички академии, кои напати биле и дел од соработки со светски музичари- добитници на највисоки музички признанија, дури и “Греми”.
Имаат своја публика, која од ден на ден расте и уживаат исклучително висок респект и рејтинг и кај публиката и во фелата, и секогаш со секој концерт и проект се надминуваат себе си, а бројот на нивни приврзаници и љубители се зголемува.
Валентина Ѓоргиевска Парго