Утре (четврток) 14.12.2023 година, со почеток во 12 часот, во Македонската академија на науките и уметностите ќе биде промовирана научната студија „Типологија на писмото“ од д-р Игор Радев, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик.
За книгата, која е издание на „Македоника литера“, ќе зборуваат академик Катица Ќулавкова и авторот.
„Типологија на писмото“ е компаративно и научно изведена студија за видовите писма во светот, историјата и развојот на писмата, но и за писмата како фактор на влијание во развојот на културните системи низ историјата на човештвото. Врз основа на прецизни методолошки рамки авторот нуди нова типологизација на системите на пишување што се користат во светот.
Книгата се состои од три главни дела: во првиот е образложен концептуалниот апарат врз којшто се темели методологијата применета за да се изврши класификација и типологизација на разните писма, односно, системи на пишување на повеќе рамништа; во вториот дел нуди решение од теоретска природа на проблемот на односот помеѓу типот на писмото и својствата на јазикот кодиран од него; во третиот дел, со помош на анализа на конкретни примери од историскиот развој на писмото, ја оценува валидноста на понудената теорија.
Игор Радев (1977) дипломирал класични јазици на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирал лингвистика и докторирал (доктор по кинеска филологија) во Пекинг, Народна Република Кина.
Промоција на “Типологија на писмото” од Игор Радев
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.