За одбележувањето на Меѓународниот ден посветен на лица со попреченост, Националната галерија својата општествена одговорност во насока на подигнување на личната и колективната свест за поддршка на ранливите категории традиционално ја реализира со инклузивна програма. Оваа година се одржа работилница во техника – мозаик, под наслов „Парче од себе“. Завршните работи од работилницата ќе бидат прикажани на изложба која ќе биде отворена на 15 декември 2023 во 13ч, во мултимедијалниот центар Мала станица. На отворањето ќе има обраќање директорот на Националната галерија д-р Дита Старова Ќерими и едукаторот Маја Димитрова. Воедно, дел од учениците кои беа вклучени во проектот ќе имаат музички настап.
„Вчера бев паметен. Затоа што сакав да го сменам светот. Денес сум мудар. Затоа што сакам да се сменам себе си“
Шри Чинмој
Секоја промена во општеството започнува првенствено од нас самите. Ако сакаме промените да се случат и вистински да функционираат, треба првенствено да ја имаме широката слика за светот околу нас, а тоа, меѓу другото, е и грижата и почитта кон сите, особено кон ранливите категории деца.
Во таа насока, постоењето на едукативните проекти на кои се работи според моделот на социјална инклузија се покажува како повеќе од потребно и исклучително функционално. Од година на година бараме нови начини и форми за учење, а сè со цел да се стави фокусот на нивната функционалност и нивните потенцијали.
Во амбиентот на Даут-пашиниот амам реализиравме креативни работилници со децата од ДУЦОР „Партениј Зографски“, училиште за деца со оштетен слух и говор, учениците од СУГС гимназија „Јосип Броз Тито“, паралелка меѓународна матура, СУГС „ Димитар Влахов“, како и со студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн.
И оваа година ни беше забавно бидејќи имавме можност да научиме нешто ново. Децата влегоа во магичниот свет на мозаикот. Под менторство на наставникот Игор Китановски, тие од стари парчиња керамички плочки создаваа комплетно нови уникатни креации. Во текот на работилниците тие го учеа процесот на изработка. Се започна со скица, потоа коцкичките со различни бои и форми ги втиснуваа на сè уште свежото лепило и на крајот ги полираа. Со оглед на тоа дека мозаиците ќе бидат подарени на Зоолошката градина на Град Скопје, децата се потрудија мотивите да бидат токму од нејзините жители. Панда, риба, коњ, пеперутка се само дел од овие уникатни парчиња мозаик. Радоста и возбудата дека токму нивните мозаици ќе ја красат Зоолошката градина им дадоа дополнително чувство на мотивација дека и тие придонесуваат за среќата и задоволството на некои други деца.
Во овој проект секое од децата не го даде само своето парче камен во создавањето на големата слика. Тие дадоа многу повеќе од тоа. Тие дадоа парче од себе!
Изложбата ќе биде поставена до 25 декември 2023.
м-р Маја Димитрова, координатор на проектот