На 16 и 17 ноември во Струга проекции на првиот долгометражен документарен филм за Конески – „Јанѕа“ на Калајџиски.
Долгометражниот документарен филм Јанѕа ќе продолжи да се прикажува низ неколку кино сали во државата, известува Контраст филм продукција.
На 16 ноември во Струга ќе се одржи премиерата на првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески– „Јанѕа“, според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, од истакнатиот македонски документарист, Никола Т. Калајџиски. Филмот е подготвен во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.
Режисер и сценарист на филмот е Никола Т. Калајџиски. Монтажата е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.
Филмот се остварува сo поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија. По премиерите во Скопје и Битола, филмот го продолжува својот пат во останатите наши градови.
Следната проекција е закажана на 16 ноември 2023 (четврток), 18 часот во НУ Центар за култура „Браќа Миладиноци“ – Струга. На 17 ноември во 19 часот следува уште една проекција на филмот во Струга.
Филмот „Јанѕа“ е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници / истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот– негови современици и потомци.
Сценаристот и режисер на филмот, познатиот документарист Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови кои се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали. Овој негов најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот XX век, се очекува да фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија.
Во наредните месеци следуваат проекции на филмот во Штип на 28 ноември како и во Прилеп на 13 декември.
Првиот долгометражен документарен филм за Конески- „Јанѕа“ на Калајџиски патува за Струга, Штип и Прилеп
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.