13 .11 2023
И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива која ја започна минатата година, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик на кој се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, на овогодинешното издание на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави.
За вечерашниот репертоар на МОТ се две претстави:
Вилицата на Ибен Бајерс
20:00 НОБ мала сцена
автор: Филип Грујиќ, режија; Борис Василевски
„Вилицата на Ибен Бајерс“ сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток.
Застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми.
Играат:
Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли
Драматургија: Стефан Миленков
Музика: Сашко Костов
Сценографија: Ненад Тонкин
Костимографија: Марта Дојчиновска
Дизајн на светло: Александар Јовановски
Дизајн на плакат: Искра Илиеска
Продуцент: Андреа Маркоска
Немиот келнер
22:30 МКЦ – Фросина
автор: Харолд Пинтер, режија; Александар Ивановски
Политички ангажирана претстава, која зборува преку секојдневните човечки односи и се занимава со процесите и состојбите низ кои поминуваме додека сме обесправени, немоќни и понижени.
Бен и Гас се наоѓаат во подрумска просторија и се во исчекување на насоките за извршување на нивната следна задача. Но, настаните го менуваат својот вообичаен тек.
Ова не е апсурд. Ова е реализам кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува.
Играат:
Васко Костовски, Мартин Ѓоргоски
Превод од англиски: Марио Стојаноски
Извршен продуцент: Батухан Ибрахим
Сценографија: Ненад Тонкин
Костимографија: Елена Кузманов
Дизајн на светло: Андреј Неделковски
Дизајн на плакат: Тео К. Атанасовски