Вчера, 6 ноември 2023 година во Ликовната галерија „Амам“, беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, во организација на НУ Музеј- Гевгелија. Изложбата ја отворија директорот на НУ Музеј- Гевгелија, Цеца Танчевска и кустосот историчар на уметност, м-р Александар Каракабаков. За застапените дела на 13. ликовни уметници од Гевгелија, Каракабаков истакна:
– На оваа изложба, по повод празникот 7 Ноември (Денот на ослободувањето на Гевгелија), на која што учество зедоа тринаесет автори, чии изложени дела говорат за нив самите и нивниот творечки немир, се: Никола Бутров, Фиљо Танов, Атанас Крстов, Михаил Петров, Гордана Николоска – Петрова, Вангел Срнаков, Мирјана Крстева Массетти, Перо Кованцалиев, Иван Кал’чев, Анамарија Митриќеска Кал’чева, Адриана Манчева, Ирена Пејович и Ана Петрова.
Континуираната репрезентација на избраните годишни остварувања на уметниците од Друштвото ја резултира оваа експозиција, како еден вид резиме на актуелните текови на гевгелиската ликовна сцена. И она на што гледачот наидува, е импозантен преплет на – експресионистичка сила, импресионизиран реализам, апстрактна поетика, симболика, игра со линијата, лирска деликатност, надреалистичка, нестварна фантастика и концептуална интервенција- стилистички ориентации на уметничките идентитети, со истанчен цртачки и колористички мулти медиа израз. Визуелна интерпретација на уметнички искуства собрани на едно место и во еден простор што одразуваат различности но и хармонично се надополнуваат.
Годишната изложба на ДЛУГ, во кое што членуваат сите ликовни уметници во Гевгелија, според полето на изразување- сликари, графичари, скулптори и мулти-медија уметници, почнувајќи од повозрасната, па, се до најмладата генерација, членуваат во Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија, е редовна активност во годишните културно- уметнички програми за чествување на 7 Ноември.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.