Во Националната галерија, објект Даут пашин амам, на 10ти ноември 2023 година (петок), во 13 00 часот ќе се отвори Годишната изложба на основните училишта под наслов „Шемов и јас“. На отворарањето ќе се обрати директорката на галеријата д-р Дита Старова Ќерими, проф. Симон Шемов и едукаторот на проектот м-р Маја Димитрова.
„Годишната изложба на основни училишта е изложба која традиционално е поддржана од Министерството за култура, а во организација на Националната галерија. Идејата на проектот е: секоја година најмладите да учествуваат во ликовните работилници, да совладаат ликовна техники, но и да запознаат некој од нашите најголеми македонски автори.
Работилниците беа реализирани во текот на минатиот месец, а во нив учество земаа ученици од следните училишта: ОУ „Коле Неделковски“, ПУ„Јахја Кемал“, Интернационално училиште „Нова“, ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Лазо Трповски“, ОУ „Киро Глигоров“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, ОУ „Климент Охридски“, и ОУ „Лазо Ангеловски“. На изложбата ќе бидат изложени дела на учениците изработени под менторство на соработниците во проектот, професори и студенти од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Универзитетот Фонтис од Холандија и соработничката Maaike Fekkes“ – истакна едукаторот м-р Маја Димитрова, одговорна за проектот.
Годишна изложба на основните училишта „Шемов и јас“.
Динамичното време во кое живееме сè повеќе бара поврзување на теоријата што се учи со пракса за знаењата да бидат лесно прифатени и како такви – трајни. Така, ако сакаме да ги образуваме најмладите во ликовната област, праксата треба да се поврзува со теоријата низ сите сегменти од воспитно- образовниот процес. Учеството во креативните работилници е одлична можност за таков тип поврзување, а сето тоа да биде забавно за децата. Крајниот резултат е секогаш среќни и задоволни деца, деца што имаат научено нова вештина. На таков начин тие се образуваат за уметноста и за уметникот воопшто.
Годишната изложба на основните училишта со години наназад го има ваквиот пристап на учење, при што учениците се директно вклучени во креативниот процес. Учиме за нашите најголеми македонски автори. По што се познати? Која е нивната автентичност?
Творештвото на Симон Шемов беше одлична можност и нов предизвик за учениците. Сликар, графичар, еден од првите истражувачи на алтернативните насоки на уметност. Интересирањето за природните феномени е присутно во целата негова уметност, инсталациите, објектите, интервенциите во природен и урбан простор, а особено во делата од рачно изработена хартија. Во рамките на проектот, учениците имаа можност да го запознаат авторот лично и да поминат повеќе време заедно. Беа организирани и работилници за рачно работена хартија, кои беа ретка и неповторлива можност за учениците одблиску да го видат процесот како се изработува таа. Тие беа под менторство и во соработка со професорите и студентите на Факултетот за ликовни уметности од Скопје, како и со тимот професори и асистенти на универзитетот Фонтис од Холандија. На разни позиции во Даут-пашиниот амам, во амбиентот на изложбата, децата под менторство на студентите од двата факултета изработуваа разни облици од хартија, наоѓаа креативни решенија. Некои ги поврзуваа со конци, со материјали собрани од природата, а потоа истите обоени за на крај да се создадат композиции слични на изложбата „Мултиверзум“ на Симон Шемов.
Децата помнат многу за она што го доживуваат во детството и тоа влијае во голема мера врз односот кон себе и кон другите. Посетата на галеријата и создавањето уметност е едно од таквите сеќавања. Убаво е чувството кога знаеме дека креираме весели спомени за нив.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.