Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска присуствуваше на одбележувањето на 60-годишниот јубилеј од постоењето и успешно работење на Националната установа Конзерваторски центар – Скопје.
Честитајќи го јубилејот, Костадиновска-Стојчевска истакна дека иако станува збор за навидум мала национална установа, Конзерваторскиот центар – Скопје се грижи за голем број споменици кои се белег на нашиот главен град, со богата историја.
„Професионалците од оваа установа веќе 60 години секојдневно и посветено работат на полето на заштитата на културното наследство. Овој јубилеј е повод да изразиме благодарност до основополжниците на институцијата, до сите ентузијасти, конзерватори и археолози кои со генерации наназад се грижат, го истражуваат и го чуваат нашето културно наследство“, изјави Костадиновска- Стојчевска.
Таа додаде дека сепак заштитата и грижата за културното наследство е наша заедничка обврска, наш белег на препознатливост.
„Зборуваме за Скупи, за Аквадуктот, за фреските од црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, за комплексот „Св. Спас“, каде што сме сега, и за познатата резба на Мијачката школа од која се испреплетува иконостасот во црквата „Св. Спас“, заедно со престолните икони, ремек-дело на Дичо Зограф. Богатата историја на Скопје во наследство ни ги остави и Мустафа-пашината џамија, многубројните анови и амами кои денес градат една синтеза на минатото и сегашноста, а за кои, исто така, одговорноста е наша“, вели министерката за култура.
Според Костадиновска- Стојчевска, Министерството за култура како искрен партнер во развојот и растежот на оваа носечка институција во Скопје, покажува целосна одговорност и поддршка за сите активности што Конзерваторскиот центар ги иницира и ги спроведува.
„Свесни за кадровската состојба во заштитата, од оваа година покрај финансиската поддршка на програмските активности, Министерството за култура овозможува и стручно усовршување на дефицитарни кадри од областа на културата и заштитата и на полето на конзервацијата.
Костадиновска- Стојчевска изрази голема благодарност до сите оние што ја носат одговорноста за професионалната грижа за културното наследство на градот и што придонесоа Конзерваторскиот центар на Град Скопје да се вброи во редот на институциите кои се еден од столбовите на македонската култура.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.