Наслов на меѓународниот симпозиум е „Еј, што имаме да изгубиме?Архивирањето како колективен чин на отпор“. Покрај симпозиумот ќе биде отворена и изложба, која ќе биде достапна за јавноста од 31 мај до 7 јуни 2019 во МСУ.
Потребата да се реализира еден ваков симпозиум во Скопје, уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска од Прес ту егзит причините ги бараат во инцидентот од 21 април 2017 година, кога пожар го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Лоциран во неколку бараки од 60-тите години, во Заводот беше сместена архивата за реконструкцијата на пост-земјотресно Скопје (1963). Архивата на заводот, која содржеше планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети значајни за македонскиот идентитет, веќе лошо оштетена од пламен, чад и вода, беше оставена во руините на заводот и изложена на случајните минувачи.
„Неколку недели по пожарот, за време на одржување на 6. Меѓународен симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции фикции и други заеднички именители“, тимот на Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, а со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организиравме акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите од понатамошна штета. Овој гест и собраните документи ќе бидат појдовна точка за македонската програма во рамки на симпозиумот“, велат меѓународно признаените уметници Чаловски и Иваноска.
Преку овој јавен настан ќе се реанимира прашањето за нашиот однос кон незаштитеното модернистичко културно наследство, особено во однос на современото Скопје (пост „Скопје 2014”) и општествената употреба на просторот. Ќе се разговара и за недостатокот од достапна, кохерентна и јавна архивна материја по прашањето за културолошкото значење на Мастер планот за Скопје и како да се архивираат преостанатите спомени од материјалната модернистичка култура на градот, и за поимот „архивизам” како обединувачки концепт за архивистичка систематизација на документи вклучително и чинот на граѓанска свесност и учество во процесот на ескавација и истражување на документи најдени во јавен простор.
Во Скопје пристигнуваат истакнати куратори, директори на институции од музејската дејност и уметници како: Сабина Саболовиќ – членка на кураторскиот колектив од Хрватска What, How & for Whom/WHW, која ќе зборува за кураторскиот пристап кон архивата како нешто што оди подалеку од ригорозната или научна дефиниција. Илустрираното предавање на Чарлс Еше – директор на Ван Абе музејот од Ајндховен ќе се фокусира на музејот и употребата на музејските збирки, документација, спомени и односи во создавање на специфични изложби и истражувачки проекти. Себастиан Цихочки – заменик директор на Музејот на модерна уметност во Варшава, во својата презентацијата ќе зборува за експериментот Бродно Биенале (Варшава, 2018).
„Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ е дел од двогодишниот меѓународен проект „Взаемно поле на културна меморија“ финансиски поддржан од Креативна Европа – Програмата за културно наследство 2018 година. Дополнителна подршка за програмата во Скопје е добиена од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација за уметнички иницијативи од Њујорк и Фондот Мондријан од Амстердам.
Во рамките на настанот ќе биде отворена и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Свои панели ќе имаат и претставници од партнерските организации на Прес то егзит како: Наташа Бодрожиќ (Слободне Везе, Загреб), која ќе ја претстави и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ и Марјока де Греф и Анастасија Пандиловска (Санс анд Старс, Амстердам).