Во пресрет и на Денот на македонското востание – 11 Oктомври, Гевгелија го чествуваше 100-Годишниот јубилеј на фудбалскиот клуб „Кожуф“, со што започнува организираниот спортски живот во Гевгелија. Во далечната 1922 година, неколку ентузијасти и вљубеници во фудбалот го формирале ФК „Кожув“, којшто бил втор по старост регистриран клуб во поранешна Југославија, после ФК „Хајдук“ од Сплит. Првиот официјален натпревар ФК „Кожуф“ го одиграл во пролетта 1923 година со струмичката екипата „Тиверија“, а потоа следуваат бројни натпревари и гостувања во земјата и странство.
– Еден век фудбал во Гевгелија, период во којшто голем
број фудбалски легенди и спортски работници беа дел од овој спортски колектив и истите направија ФК „Кожуф“ денес со гордост да
го доживее овој јубилеј – 100 години постоење. Се гордееме со она што тие го оставија за нас, а наша обврска и аманет е чување и негување на „Кожуф“. Затоа што ФК „Кожуф“ е гевгелиски бренд, симбол за сплотеност и долгогодишна истрајност. Во иднина, ФК „Кожуф“ ќе мора да ги следи модерните текови во спортот и фудбалот, што значи, да се подобрува од година во година и на фудбалски и на организациски план, истакна во својата честитка по повод јубилејот градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Прославата на јубилејот започна со прослава на градскиот плоштад во Гевгелија, во организација на Навивачката група „Фантоми Север“, со поддршка од Општина Гевгелија, каде што продефилираа локални пејачи и изведувачи, а беше прикажан и филм за легендите на ФК „Кожуф“. На градскиот стадион, беа одржани ревијални натпревари: во неколку младински категории, помеѓу ветераните на ФК „Кожуф“ и ФК „ Работнички“, а силите ги одмерија и првите екипи на двата клуба.
На повеќе спортски работници и активисти од страна на Управата ѝм беа врачени Благодарници за несебичната поддршка и придонес за развојот на фудбалот во Гевгелија.
Навивачката група на „Кожуф“, „Фантоми Север“ прославата ја збогати со своето пиротехничко шоу, кое ја “запали“ Гевгелија. Додека, бројни фанови извикуваа „Еден клуб – Еден град“, парола којашто беше исцртана во графит и во иднина ќе ја краси главната трибина, небото над Гевгелија беше обоено во разновидни светлосни шари, а на градскиот стадион факелите го испишуваа јубилејот.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.