СИМЕ МЛАДЕНОВСКИ: Кога ги гледам моите успеси ги заборавам сите слатки маки низ кои сум поминал

Неодамна примивте Цветинова награда за мир, како признание за поддршката кон познатиот уметник Живко Поповски Цветин, и воедно и копија од писмото што нему му го испратила Мајка Тереза во осумдесеттите години. Што значи ова признание за вас?

– Секако многу ми значи Цветиновата награда за мир. Сите знаеме за што се борела Мајка Тереза, за еднаквоста меѓу луѓето, за хуманоста за мир во светот, за да бидат посреќни луѓето, да немаат пластични насмевки да имаат вистински квалитети во своите професии, да бидат продуктивни да се почитуваат едни со други и помагаат. Сето тоа што Мајка Тереза се борела и нѐ учела на такви работи јас истото го правам преку мојата емисија “Лица и дела” на Тв Сонце чиј автор и продуцент сум и преку афирмирање на македонската култура низ светот и уметност. Поради тоа многу сум горд и среќен што сум добитник на оваа награда која цел живот многу ќе ми значи и посебно што сум ја добил од рацете на Цветин, и заедно сме упатиле порака низ светот дека ќе чекориме по стапките на Мајка Тереза и ќе пробаме да помагаме колку можеме. Да шириме љубов, да сплотуваме, да ја отргнеме љубомората и да одиме напред и само напред, стигнувајќи до целта која можеби е далечна, но е остварлива. Да се добие награда меѓу толку големи имиња како академик Ферид Мухиќ, академик Јордан Плевнеш, ликовниот уметник Стадим, Драган Мијалковски, шаховскиот мајстор Димче Илиевски, не мала е награда, ова е многу ценета и призната награда.
Како продуцент учествувате во изработка на документарни филмови кои освојуваат признанија на меѓународни фестивали. Кои се тие филмови, кога ќе ги видиме кај нас?
-Моите документарци отидоа на многу филмски фестивали, како екипа и ние ги посетивме и учествувавме на нив и пак ќе учествуваме, иако таму конкуренцијата е многу голема, но подготвени сме за јаки предизвици. Ќе набројам кратко, иако по природа сум скромен и не сакам сам да зборувам за себе, но еве ќе набројам Сао Пауло, Бразилија, Буенос Аирес, Лион, Загреб, Ниш, Амстердам, Панама, Детроит, Сиетл и многу други иако ќе кажам сами се снаоѓаме за котизација која не е мала за учество. Но, голема сатисфакција ни причинува кога ќе имаме одличен производ работен со месеци во многу лоши услови, снег, дожд, ветар, кал, но нема пречка за нас тоа е голем мотив и чекориме смело и гордо кон целта. Сме влегувале зимно време во вода, на дожд за да доловиме добри кадри кај нас нема импровизација, сме се качувале по козји патеки со многу опрема, но сето тоа е желба за успех и таа нѐ носи далеку до успехот, сме посетиле многу села градови многу семејства со трогателни приказни многу тажни. Во нашите филмови ги прикажуваме убавините на Македонија традицијата, обичаите кои сега за жал да не кажам изумреа, а тоа се нашите корени и треба да ни биде гордост. Поради натпреварувањата на филмските фестивали засега не би откривал околу филмовите, има критериуми кои мора да се запазат. Ќе кажам само документарецот “Јад” доживеа најголем успех, чиј продуцент, сценарист и режисер сум јас. Преку нашите филмови упатуваме порака до светот постоиме и ние сме библиска земја која Господ ја чува и брани. Само Сонцето е постаро од Македонија.

Во изминативе години примивте доста признанија за емисијата што ја продуцирате “Лица и дела”, која прикажува познати личности од областа на културата и уметноста кај нас.
– Кога ќе кажеме “Лица и дела” – Тв Сонце тоа е голем бренд кој опстојува 11 години во етерот со многу гости многу познати имиња во Македонија и во светот. Добивме многу награди ширум светот за “Лица и дела како бренд емисија. Макотрпно работев ова да биде бренд, тоа се многу емисии во кои гостувале многу доктори на науки, професори, пејачи, глумци, поети, министри, градоначалници, директори. Ние едноставно правиме во емисијата комплетен портрет за гостинот на поле на професијата и сето тоа што постигнал. Гости кои ни биле Гаро Тавитијан, Гуру Харе, Стојна Костовска, Димче Мешковски, Наум Петрески, Елена Јованова, Људмил Спасов, Љубојна и многу други. Ние секогаш ги подржуваме фестивалите, манифестациите… Ние всушност ја бркаме ексклузивата и секогаш успеваме во сето тоа.
Од сите Ваши ангажмани, продуцирање, снимање, музика, откривање таленти, кој Ви е најдраг? Дел од публиката ве памети и по “Денс машин” кога бевте актуелен?
– Кога зборуваме за “Денс машин”, тоа беше посебна приказна во 90- тие години од минатиот век жаревме палевме секаде низ Македонија и надвор од неа. Бевме одлична музичка група која беше во состав јас како лидер на групата и текстописец, Партимен како аранжен, композитор и постпродукција и вокали Ања и Ане и Андријана. Учествувавме на многу фестивали имавме и награди, но го направивме познатиот хит “Љубовта е како вино” чиј текст е мој, а Партимен музика аранжман. Тоа време заедно со партнер бев сопственик на добра познатата Галерија и таму направивме одлична промоција која многумина ја памтат. Имаше сѐ, бевте и Вие, и многу новинари и претставници од медиуми. Исто така тогаш го направивме и спотот “Љубовта е како вино” најскап спот тогаш од 4.000 марки, со најсовремена опрема и добитник на многу награди. Тоа време за прв пат направивме и веб страна наша тоа беше одлично време, и би сакал барем дел да се повтори, со одлични искрени дружби, тогаш Скопје живееше Скопје имаше многу убав ноќен живот и сѐ функционираше супер. Тоа време “Денс машин” беше бренд, бевме посебни и секогаш уникатни во сѐ.
Што работите во моментов, на каква документарна тематика сте посветен?
-За мојата работа не би зборувал многу макотрпна забавна бара многу труд посветеност, многу контакти многу снимања голем залог е за сето тоа дадено. Јас работам само со странство таму како продуцент и режисер ја гледам мојата иднина. Работам со многу познати режисери низ светот ќе споменам работев со Костурица и пак спремаме нешто, со Гапиќ со Лончар, Сава Релиќ, со Житомир Папиќ, Далибор Чворе, со многу сега веќе одлична соработка со Едуардо познат аргентиски режисер. Летово работев многу Албанија, Србија сега работам два играни филмови во Србија и имам многу проекти до февруари. Многу работа и обврски но кога ќе се добие одличен производ тогаш сите сме среќни и се гордееме за целиот труд и сите слатки маки кои ги поминавме заедно и тимски тоа е голема тимска работа. Во Ниш сега снимаме игран филм на младиот режисер Милошевиќ кој има завршено филмска академија во Лос Анџелес во класата на Роберт де Ниро. Сум запознал многу филмски ѕвезди, како Џони Деп, во Сараево, Ричард Гир, Џорџ Клуни кога се снимаше “Миротворец” во Охрид, Мими Лејџер најпозната филмска режисерка и Санторини познатата режисерка, но и музичарите 50 сент, Продиџи и многу други. Но, едно ќе кажам тие се многу народни луѓе и многу пријатни за муабет. Многу поминав во животот и драго ми е што ниедна пречка не ме сопре но голема благодарност до Бога за сите отворени врати и за сета енергија, а благодарност и до мојот тим и моите браќа Саше, Младен, Боби и Силве огромна подршка мојот братучед од Америка главниот мој финансер на филмовите, благодарност до сите и до вас новинарите. Да споменам и за поетската онлајн манифестација “Сплоти се Македонијо” ја правиме секоја година и сѐ поуспешни сме.


Што подготвувате за во иднина?
-Кои се моите планови за во иднина ги има многу, но јас ќе бидам среќен половина да ми се исполнат. Издувниот вентил ми се документарците тука го наоѓам мирот и задоволството, премногу вложувам во документарците и тоа бара многу труд, енергија и многу непроспиени ноќи. Но мојот најголем сон е Греми и Оскар на популарност во Америка се надевам таму Бог ќе ни ги отвори вратите и ќе ни даде сила да постигнеме успех, неуморно работиме и ќе работиме и целосно ќе бидеме посветени на тоа. Потоа ќе учествуваме на филмски фестивали насекаде низ светот ќе правиме одлични производи ќе ја презентираме Македонија насекаде низ светот. За крај ќе кажам натпреварот трае 90 минути, мораш да го истрчаш смело и храбро до крај за да постигнеш одличен резултат на кој сите ќе се гордеат. Животот е еден и треба да се живее со среќа, со љубов, со позитивна енергија, храброст, со сплотеност, хуманост и мир низ светот.

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.