ОД МОЈ АГОЛ: Тројцата Величествени!

Да не беше Ковид- карантинот, немаше да дознам дека сум пропуштила шанса за дует со Оливер Драгојевиќ, дури тогаш средувајќи ја фонотеката најдов снимка од првото наше интервју, во кое го прашувам зошто толку многу дуети снима со млади и речиси непознати пејачи, на што хрватската легенда ми одговори дека сака да им помогне во нивната кариера,  тие се обидуваат да се вивнат, а немаат многу финансии.
Исто така, тоа беше кон крајот на деведесеттите кога немаше социјални мрежи и не можеше да се дојде до таква музичка ѕвезда и легенда, чие реноме беше далеку над сите тие соработници и во ништо не зависеше од нив. Тој ги прослави.
Не се сеќавам дека сум го прашала  како што покажа касетата,  секако било прашано на шега “Не одбивате никого, па дури ни мене ако посакам дует?”.
-Да, да, да, секако, зошто да не ? Ако сакате ќе снимиме дует, најсериозно одговори Неповторливиот, верувале или не!
Она што ми остана во силен впечаток од гитаристот број еден на сите времиња Џими Хендрикс, е дека во својот кус живот меѓудругото успеал да остави аманет за младите. Првиот совет е оваа мудрост:
-“Понекогаш, ќе бидете толку фрустрирани што ќе сакате да се откажете од гитарата- ќе ја мразите гитарата. Но, сето ова е само дел од учењето, бидејќи ако се држите до тоа, ќе бидете наградени”.
Следниот, упатен до младите уметници е да внимаваат на себе си да не западнат во замките на бескрупулозните луѓе во музичката индустрија.
– На почетокот, уметниците во музичкиот бизнис се позиционирани така што имаат улога да збогатат други луѓе со значително помал талент од нив. Затоа, не потпишувајте слепо договор за снимање и не бидете жртва на експлоатација. Важно е да се знаете за мрачните начини на музичкиот бизнис, затоа што матните деловни зделки можат да влијаат на секој уметник, но во таа трка до целта, младите музичарите не треба да брзаат да го потпишат својот прв договор за снимање. Важно да се направи размислен избор а не да ја ставите вашата кариера во рацете на првиот човек што ќе изрази интерес. Најдобро е да не потпишувате ништо прерано. Прво фатете си адвокати. Менаџерите можеби не знаат сѐ, ама адвокатот знае што е правилно. Иако, ќе има и многу поединци во музичката индустрија кои го сакаат најдоброто за своите клиенти, но препознајте ги оние кои се заинтересирани само да ги зајакнат своите банкарски сметки, на сметка на уметникот, беа лекциите кои им ги делел на своите помлади колеги.
И додека овие двајца жанровски сосема различни музички херои ги сакам и почитувам еден век, на листата од пред некој ден рамо до рамо со нив на ТОП место застана лично и персонално Иво Погорелиќ. Секако дека отидовме од една на друга страна на музиката, но има нешто овие тројца музички великани ги спојува и во мои очи ги прави едно.
На мое изненадување и Погорелиќ својата недостижна кариера лесно на става во служба и во функција на младите. Мене најпрво не ми беше верна најавата кога прочитав дека млад гудачки оркестар со име “Ајга” ќе свири со Погорелиќ, макар и за огромни суми, и очекував да излезе дека е само некаков маркетиншки трик, се извинувам ако некого повреди моево признание. Но, не само што концертот се случи и беше величествен, би рекла и историски, јас по повод тој концерт дознав дека пијанистот Број Еден не се штеди да настапува со млади и сѐ уште непознати таленти, тој веќе зад себе има(л)  богата општествена активност а дури во 1986 година основал фондација во Хрватска за помош на млади музичари, а во Германија основал музички фестивал за поддршка на младите музичари кои се наоѓаат на почетокот на својата кариера. Соработува со Црвениот крст, а прогласен е и за Амбасадор на добра волја на УНЕСКО. Па можеше ли да биде поблескав од сево ова?
Оттука, на неговиот концерт отидов со летање. Во истата онаа Филхармонија за која не така одамна прочитав од млад музичар како се жали (во фрката на релација Филхармонија -ЗЏМ) дека некои нејзини членови по ходници му се заканувале и ликувале велејќи му “Ти никогаш нема да се вработиш тука”. Каков личен дебакл. Но ни тоа не ми го помати чувството на одење со летање на концерт.
Ни билетите кои направија проблем на врата, кога некои посетители нарачале преку Интернет па имало “дуплирање” на билетите со оние продадени на друга онлајн платформа и на билетара,  и додека ги сместат, а ги сместија сите, имаше нервоза на почеток. Ништо не можеше да ми го помати убавото расположението, откако дознав кој навистина ќе свири таа ноќ.
Величествениот!
Затоа што, уметноста е талентот, но севкупната трагата што Уметникот ја остава го вклучува и карактер и хуманоста. Инаку, уметноста не е целосна ако е само за себе и ако лесно не ги прегрнува младите генерации? За кого тогаш ќе постои?
Одлика на големите уметници е несебичност и помагањето, поддавање рака на помладите. Солидарност.
Ги има многу такви. Но, ги има и оние другите. Тие не се толку битни како овие првите. Нема што да паметиме од нив како гест. 
Помошта и поддршката што ја даваат на младите е огледало за нивната генијалност. Затоа се и таму каде што се. Тоа ги прави Големи, уште поголеми од она што го даваат на полето на културата. Големи во очите на светот. Големи на полето на Хуманизмот. 
Уметноста е хуманизам. Само големите, тоа може да го сфатат! Само тие тежнеат кон воздигнување со своето дело на сцената, подеднакво и надвор од сцената.Тоа е филозофија и стил на живот, преку кој го  афирмираат своето достоинство и вредноста што ја имаат и како уметници, и за сантименатар поважно, и како личности. Тие се мојот избор!
 
Валентина Ѓоргиевска Парго 
Новинар и уредник во КулАрт
 
 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.