ШОПЕН ОДЕКНА ВО СКОПЈЕ: Со изведбата на Иво Погорелиќ, ѝ растеа крилја на публиката!

Exif_JPEG_420

Скопје, 23 април 2023 година

Многу магија и убавина распосла во Филхармонија светскиот пијанист Иво Погорелиќ, синоќа на својот прв концерт во Скопје, придружен од младиот гудачки оркестар “Ајга”. 
 
Тој пред нас положи совршена музика, што ти ја исполнува секоја клетка од телото, и ти ги разработува сетилата и умот.
 
Блесокот во очите на публиката, од сласта со која му се насладуваше на секој отсвирен тон од Маестрото (тон кој подеднакво допираше до секоја точка во салата, од првиот до последниот ред), беше оној повратен сјај кој се надоврзуваше на неговата волшебничка аура.
 
Потоа, потребни беа 12 часа и преспивање да  слегнат и се избистрат синоќешните емоции што ни ги створи.
 
Моќта да господари целосно со сите слушатели,  моќта да ти разбуди една милина во душата, да ти покрене полетни енергии, моќта да ти создаде илузија на непобедливост и неминливост, се дел од рецептот, со кој увидовме дека Тој ја подготвува својата надалеку позната и неодолива музичка магија.
 
Чудесна и недофатлива изведба со прстите, а толку мека, филувана со музичката придружба од камерниот состав “Ајга”, под диригентство на младата Ана Спасовска, направија изведбата на специфичниот и деликатен Концерт за пијано и оркестар бр.2 од Фредерик Шопен, да биде нешто незаборавно, засекогаш.
 
Целокупниот начин на изведба на ова ремек- дело правеше да ѝ растат крилја на публиката.
 
Во вториот дел само „Ајга“, феноменално ја изведе седмата симфонија од Бетовен, и тоа веќе ни дава за право да кажеме дека многу надежен оркестар, составен од четириесеттина големи таленти, стапнува на сценското тло.
 
Во една реченица кажано- Иво Погорелиќ, Генијот на пијаното, го облагороди Скопје со музичко волшебство! 
 
Аплаузите на крај беа најсилниот бумеранг. Долгите и несопирливи аплаузи во ноќта беа поздрав и музичка здравица за Генијалецот, кој со својот концерт и тоа како ни отвори лакомост да посакаме пак да го слушаме, и тоа што е можно поскоро.
Валентина Ѓоргиевска Парго 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.