Скопје 21 април 2023
Изведба со млад оркестар, диригиран од млада диригентка, кој ќе го придружува светскиот маестро број еден Иво Погорелиќ, утревечер, ќе значи едно џентлменско поддавање рака на младите и отворање кон еден нов свет, нова димензија за нашата културна сцена.
Делуваше предимензионирано дека млади сили ќе може да застанат рамо до рамо со светскиот пијанист, а и дека тој ќе се согласи со тоа, но тоа е веќе реалност, за која денес на неговата прва прес конференција во Скопје, во Филхармонија самиот соопшти дека и нему ќе му биде задоволство.
Гудачки камерен оркестар “Ајга” е името на младиот состав, запаметете го добро, а Ана Спасовска е младата диригентка, кои заедно со пијанистот утревечер 22 април 2023, ќе ја создадат магијата во Филхармонија.
Светската ѕвезда Погорелиќ е за прв пат во Скопје, два пати претходно настапил во Македонија, со рецитал во 1981 и во 2015 година, на “Охридско лето”.
Во Скопје ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Фредерик Шопен, а за неговиот начин на изведба на ова ремек- дело голем број критичари и пијанисти велат дека е недостижен, концерт во чија изведба малкумина се впуштаат. А оркестарот „Ајга“ ќе ја изведе плус и седмата симфонија од Бетовен.
Концертот ќе биде музичко патување од највисок светски ранг, што исклучително ретко може да се проследи воопшто на овие простори. Организатор на настанот е Дејан Мојсовски.
Влезниците (2.500 денари) се пуштени во продажба на КупиКартиЗаСе, МКтикетс, Југотон ГТЦ и сите книжарници на „Литература“.
***
Меѓу бројните обврски и проби, денес најде време и за прес конференција. На новинарското прашање “Каде понатаму ќе продолжи оваа турнеја?”, Погорелиќ рече дека се чувствува дека цел живот е на турнеја, а актуелнава продолжува сѐ до Кина.
Неколку телевизии снимија прилози, во кои тој зборува за себе, за своите видувања, за својот живот и за својот однос кон творештвото на Шопен, што е и негов заштитен знак, и како што самиот кажа, негов херој и револуционер.
***
Навидум несвојствено за пијанист Број Еден да настапува со млади и сѐ уште непознати таленти, но тој е познат и по својата богата општествена активност и за него се врзува фактот дека во 1986 година основал фондација во Хрватска за помош на младите музичари, а во Германија основал музички фестивал за поддршка на младите музичари кои се наоѓаат на почетокот од својата кариера. Значајна е и неговата хуманитарна активност во соработка со Црвениот крст и со други невладини организации, а прогласен е и за Амбасадор на добра волја на УНЕСКО.
****
Погорелиќ е роден во Белград. Почнал да учи пијано на седумгодишна возраст, на дванаесетгодишна возраст го продолжил школувањето во Москва.
Привлече големо внимание од светската музичка јавност во 1980 година како лауреат на престижниот 14. Меѓународен натпревар за пијано во Монтреал, каде во финалето одржал спектакуларна изведба на Третиот концерт за пијано на Сергеј Прокофјев. Истата година, учествувал и на 10. Меѓународен натпревар по пијано “Фредерик Шопен” во Варшава, каде од причини кои никогаш не биле целосно објаснети, бил елиминиран пред последната рунда. Оваа контроверзна и неоснована одлука резултираше со незадоволство кај одредени членови на жирито, кои го напуштија натпреварот во знак на протест, додека пијанистката Марта Аргерич ја објасни својата одлука за заминување прогласувајќи го Погорелиќ за гениј. Овој настан, како ниеден друг во историјата на музичките натпревари, одекна низ светската музичка јавност, која го сметаше Погорелиќ за вистински победник на овој натпревар.
“Неговите евокативни интерпретации, обликувани од префинет музички вкус, ги проширија хоризонтите на литературата за пијано…“
Легендарниот пијанист ја одбележа класичната музичка сцена на нашето време. Неговиот уникатен музички талент и иновативниот пристап го ставија меѓу најоригиналните музички умови на денешницата. Благодарение на неговите бескомпромисни уметнички критериуми и посветената потрага по идеалот на музичкото изразување, Погорелиќ, за повеќе од четири децении свирење, оствари автентични достигнувања, ценети и од публиката и од критиката, додека неговите концерти ширум светот се здобија со статус на “со нетрпение очекувани култни настани”.
Култниот статус на уметникот во 2006 година го потврди Deutsche Gramophone, објавувајќи двојно ЦД со неговите интерпретации, насловено „Генијалецот Погорелиќ“.
Денес и утре, на наше задоволство, Генијалецот Погорелиќ е наш гостин во Скопје, доаѓа ново културно остварување за во антологија!
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.