СЛОБОДАН МАРУНОВИЌ, СЛАВЕН ЦРНОГОРСКИ АКТЕР:  Човек само со љубов може да стане бесмртен!

Слободан Маруновиќ е славен црногорски актер, чие портфолио импресионира. Тој, се разбира, согласно талентот и можностите на времето во кое живееме, има остварувања на сите меридијани.
Ако со некого треба да го споредиме, иако споредбите се неблагодарна работа и секој си е за себе “нај- нај”, најсоодветен би бил Раде Шербеџија- што е тој за филмот, тоа е Слободан за театарот.
Но, ајде да се запознаеме одблиску со името кое во иднина повеќе ќе циркулира на македонските сцени и медиуми.
*Мене ми е исклучителна чест што Ве запознавам, сосема случајно, но ништо не е случајно, сѐ си доаѓа на своја точка кога треба. Вие сте приватно во Скопје сакав да Ве добијам за едно интервју. Интересно, кога се сретнавме рековте дека размислувате јубилејот 35 години од првата изведба на Вашата славна претстава која ве прошета низ цел свет “Последниот час на Његош” (“Потоња ура Његошева”), летово да го прославите во Македонија, покрај една извонредна држава каква што е Црна Гора, и со габарит на една извонредна кариера каква што е Вашата, распослана на сите меридијани. Тоа е двојна чест. Би ве замолила за почеток да ми откриете зошто така посакавте?
-Таа идеја се роди по поканата на Јордан Плевнеш да гостувам на фестивалот “Актерот на Европа” во Ресен. А годинава се бројат 35 година од премиерната изведба на монодрамата “Потоња ура Његошева”, мојата прва монодрама работена по текст на Слободан Томовиќ, извонреден његошолог и во режија на Благоја Ераковиќ… Веќе 35 година постојано се игра низ цела Планета. Со неа ги обиколив најголемите градови на светот од Њујорк, до Париз, Лондон, Сан Франциско, Чикаго, Детроит, Стокхолм, Цирих, Рим, Виена, Ташкент, Самарканд, Мелбурн, Сиднеј, Скопје, Нови Сад, Улан Батор, Москва, до Битола и Скопје. Во разни училишта, села, цркви, манастири, на бродови, во репрезентативни театри низ светот. Тоа навистина е куриозитет веќе 35 година, а уште се игра. Ќе ја играм повторно во Улан Батор на светски фестивал, имам покани за Ерусалим и Каиро, за Александрија, добивам и многу други покани. Секако, јас сум многу активен и во претставите на мојот матичен Црногорски народен театар, каде сум и првенец, и со тој ансамбл играм точно 40 година, и одиграв преку стотина улоги. Веднаш можам да ви кажам дека театарот е моја љубов, моја професија, моја судбина и извор за живот, театарот е моето сѐ, така што, на некој начин, сум комплетен во театарот. Јас режирав и преку 30 претстави и со алтернативни, ад-хок групи и со професионални театри. Многу го сакам Скопје и Македонија. Некако, покрај Црна Гора, ја сметам за своја драга земја, во која би можел да живеам, да имам многу пријатели, како од светот на  глумата, така и луѓе со разни професии. Постои нешто што никогаш не би можел да го дефинирам, нешто што ги поврзува нашите два народи, нашите две држави. Моја концепција е апсолутно граѓанска концепција, не ме интересира од која нација е, вера, политичко убедување, ме интересира само човекот кој седи спроти мене и со кој делиме исти вредности кога е во прашање перцепција на  светот, животот, љубовта, поврзаноста и мислам дека тоа се суштински вредности на она  најважното што ги поврзува луѓето со другите народи.
*Која е врската што ја најдовте меѓу својот и нашиот народ? Можеби затоа што сме некако мали меѓу сите оние други малку поголеми балкански народи, или не?
– Можно е да е и таа изјава точна. Морам да додадам нешто во врска со принципите кои можам да ги согледам во црногорскиот менталитет, кој е малку поекспресивен, склон на медитација и манифестирање на малку повеќе експресија. Македонецот е нежен, вреден, верен пријател, побожен. Во Црна Гора нема толку побожни луѓе, ако не го сметаме ова ново време на “политички верници”. Кога е некој богобојазен, благ, вреден и кога низ историјата некако се одржал, без држава, главно без држава, тогаш го привлекува поинаков морален или етички кодекс. А, сега, за пријателство, нам нѝ одговара таа блага варијанта, стишана, а на Македонците можеби ѝм одговара онаа друга варијанта, подигната, епска, а исто така пријателска. Постои етички момент кој ги спојува овие две спротивности кои се привлекуваат. Навистина имам најдобри пријатели Македонци, воопшто низ животот од војска до театар, некако секогаш имам посебен однос кон Македонците. Тоа е неверојатно. Со Дејан Пројковски разговарам со часови или со Мето Јовановски. Мето и јас обично се слушаме во некои доцни часови, кога не е време за разговор, но тоа трае, тој е супер личност. Тој доста играше во мојот театар.
*Ова  ми го објаснивте прилично његошевски, добив богат одговор. Ми се допадна… А да се игра Његош е монодрама сам по себе, не Ви требаат два лика, апсолутно, зошто знаеме кој е Његош, тоа е мит не само за Црна Гора туку за цел Балкан, а секако и пошироко. Целата приказна со монодрамата трае преку три децении, но да се вратиме малку наназад- кога глумец почнува кариера со Његош, што може да очекува понатаму, како да напредува и духовно и професионално да расте? Затоа што, тоа е  некој плафон.
– Со Његош почнав пет години по почетокот на  мојата професија. Играв во неколку Његошеви дела, играв и во „Горски венец“, го играв владиката Данило, неколку стотина пати. Играв и во „Лажниот цар Шчепан Мали“, тоа е генијален Његошев текст според реална приказна. Се појавил во Црна Гора, никој не знае кој бил, дали е вистински или лажен, ни од каде дошол, но ја средил Црна Гора, ја искоренил крвната одмазда. Ги искоренил крадците, знаел да лечи, правел патишта. За жал е убиен по налог на тајни служби, го убија тајни служби, кои не сакаат Црна Гора да е дел од Европа, светот и Западот. И денес се повторува  иста ситуација, нашата земја сакаат да ја тргнат од европскиот пат, со ист мотив, некому од политички, хегемонистички и геостратегиски причини ѝм пречи како независна држава. Во Црна Гора денес се случува неверојатен апсурд- тоа е најстара држава на овие простори со илјадагодишна традиција и континуитет, со четири династии Војислављевиќ, Балшиќ, Црнојевиќ и Петровиќ Његош, непрекината линија од генијални владетели книжевници. А тоа значи да бидеш истовремено и духовен и световен господар и уметник. Пишуваа  генијални дела. Његошевата „Луча Микрокозма” важи за едно од најгенијалните дела напишани на светот. Тоа е космогонија, една од приказна за создавањето на светот, со источните  Рамајана, Махабхарата, Библијата, Талмуд, Куран. Тоа е навистина је неверојатна приказна за создавањето на нашиот свет, на целосно оригинален начин. Тој за основна тема ја има  побуната на Сатаната и на Адам против Бог, побуната на синовите против таткото, творец на Универзумот. Како епилог и казна кој метафорички ја исплаќаме ние луѓето, поради  Адамовиот грев. Бог, нашиот прататко на небото, го казнува Адам, иако  Адам се покајал, создавајќи му ја преубавата планета Земја и на неа сѐ во изобилие, но прави да биде смртен. За да се врати повторно во царството на бесмртни духови, ќе мора единствено да го заслужи тоа  со чесен живот на Земјата.
*Интересно, Вие сте навлегле во суштината на нештата, преку духовен пат.
– Според овие идеи и големи размислувања, “Луча микрокозма” е на исто ниво со „Изгубениот рај“ на Џон Милтон, со „Фауст“ на Гете и делата на Шекспир. А овој текст „Последниот час на Његош“ е преведен на англиски, руски и шпански. И кога го играм како претстава во Америка или Европа, луѓето го прифаќаат и разбираат целосно подеднакво. Дали во Скопје или во некое македонско село или во Њујорк: сите се раѓаат, умираат, љубат, мрзат, се разболуваат, и секаде се истите проблеми.
*Сакам да продолжам да зборувавме за таа духовност, морам да признам дека малку ме подигна, ја почувствував. Во тој наш неврзан разговор рековме дека денес чудно се прогласуваат за светци луѓе кои можеби не се достојни. Сепак, ме чуди што Црна Гора никогаш не го покрена прашањето за прогласување на Његош за светец. Затоа што тој ја дешифрира душата. Дешифрира нешто за човекот кое важи многу векови. Зборува за нешто што и ние денес го доживуваме…
– На тоа прашање ќе одговориме многу лесно ако го знаете неговиот живот. Његош бил монах, бил и духовен и световен учител. Но, Његош на многу начини отстапил од црковните канони. Значи, тој живеел световен живот, но ретко носел мантија, поминувал многу време во Италија, Австрија, Русија… неверојатно го привлекувала медитеранската и латинската култура, културата на Рим, Падова, Венеција. Бил воодушевен од Виена и од Петроград, Његош бил многу „жив“, пишувал меѓу другото и еротска поезија…
*Секако и тој бил човек во телесен облик …
 -Тој ја напиша и една од најубавите еротски песни во светот. Напишана е од некој што не смее да размислува за тоа. Тоа е еротска песна и вели “Сњежана јој прса округла, а стрецају светим пламом, дв’је слонове јабучице на њих дубе слатким мамом; црна коса на валове низ рајске с игра груди… О дивото!”… Бил господар  на Црна Гора, а некој што бил господар во 19. век, во земја која била поробена и опкружена со непријатели од сите страни, морал да биде и воин. Тој исто така морал да биде безмилосен, знаел дека најлошите противници се во самата земја и дека со предавниците треба да се постапува сурово. Христијанската догма има свои граници, а Његош „многу често излегувал и пловел во вселената“ надвор од тие догми. Меѓутоа, денес имаме и поплава од кич, невкус, турбофолк, медиокритети, скрибоманија, имаме псевдоидеологии, псевдорелигии и за светци се прогласуваат, што е цивилизациски апсурд, токму оние со страшни гревови, дури и злосторства. На Његош не му е местото со „такви светци“. Нека неговиот дух слободно шета во бескрајните небесни пространства, тесно му беше на Земјата…веројатно затоа и млад замине од неа.
*Имате манастир кои е многу актуелен, Острог.
– Острог е црногорски манастир. Огромно светилиште и едно од најголемите духовни атракции во Европа. Но, минатата година сите црногорски цркви, манастири и гробови, сето национално богатства на неразбирлив начин станаа сопственост на црквата Србија, што според мене е неодржливо пред Бога и пред луѓето… и е против здравиот разум. Можете ли да замислите некој тоа да ѝм го прави на вашите светилишта во Македонија? Ние сме стара херојска земја која со векови ја чувала својата слобода, духовност и црква, и создала висок етички кодекс за животот и за егзистенцијата. Слободата е врвен принцип на смислата на постоењето на мојот народ.
                          **********
“ТЕБЕ ЊЕГОШЕ СЕКОЈА КУЌА ТИ Е ОТВОРЕНА”
                         **********”
*Наидов на еден фасцинантен податок на интернет, Вашата монодрама за Његош е изведена 1.500 пати и ќе се запрашаш, ова е малку неверојатно, ќе кажеш како е тоа можно, има 365 дена во годината, и мислам дека  човек ќе се умори од 150 настапи, а камоли од 1500. Од каде таа енергија?
– Тоа е актерска определба, јас не сум формален во ништо, а камоли во мојата професија. Театарот е навистина единственото место што наликува на живот. Сè што е сурогат не е театар, ниту личи на живот. Тоа е имитација. Вистина е дека театарот е огледало на животот. Мислам дека денешниот театар е вистински, оригинален театар, а не лажен театар со перики, највистинска говорница на планетава, пореална од онаа во собранието. Таму се лаже и се измислува, во вистински театар не се лаже, во театарот се разоткрива животот. Во театарот гледаме еден лик: лицемерен, подмолен, лажен, невистинит или еден: длабоко морален, благороден кој ја почитува љубовта со сите нејзини квалитети… Театарот е синтеза на сите уметности. И литературата, и музиката, и архитектурата и сликарството, сите манифестации на човекот. И така, натаму ден актер, модерен актер, покрај неоспорниот талент, мора да владее и со многу вештини.
 *Да, мора добро да го знае и уметничкиот и практичниот дел.
-Искуството што го стекнуваме со години, нѝ се случува, секој ден, секој момент да се таложи и во човекот и во актерот. Ние, исто така, засекогаш ги апсорбираме овие моменти кога се разменува енергијата, како вербално така и без зборови.
 *Добар психолог сте, читате книги, знаете точно да ги дефинирате луѓето. Ја споменавте и архитектурата, таа е елемент на сценската култура. Пронајдов податок дека сте колекционер на уметнички предмети, слики, скулптури и книги. Ме интересира тој мотив, од каде ги купувате, колку ги собравте?
 – Не е голема колекција затоа што нема да правам музеј. Секоја слика во мојот стан, скулптура или книга е поврзана со некој мој важен период. Сум бил низ целиот свет, на пример, најдолго сум се задржал во Париз, таму гостував со претстави десетици пати, а кога мојот син Благота студираше таму имаше изнајмен стан и јас останав дури и подолго.
Таму научив многу за сликарството и за литературата… па посакав да имам своја колекција на слики и на прочитани книги кои предметно ќе бидат во мојот дом.
*Сликарството облагородува, колку сте му посветен како вљубеник?
-Имав можност да отворам изложби на големи сликари од нашите простори. На пример, ја отворив последната изложба на Миодраг Дада Ѓуриќ во Жизор, Франција, каде што живееше и твореше овој генијален уметник. Отворив изложби и на големите Димитриј Поповиќ, Милош Шобајиќ, Златко Гламочак и многу други познати и непознати сликари. За време на моите гостувања по светот, покрај театарските претстави што ги гледам, посетувам галерии и музеи. Тоа е некоја постојана потреба на духот во потрага по естетика, по изворниот и суштински израз на човекот во обид да се оттргне од профаното и да направи чекор кон стремежот да ја сфати Вистината за смислата на нашето постоење.
*Имавте огромен број настапи, се случија многу необични работи. Дали има некоја анегдота поврзана со вашата монодрама?
– Како не?! И тоа од самиот почеток кога почнав да ја играм таа претстава. Играв пред куќата во која е роден Његош, на Ловќен, излегов од неговата куќа во мантија, во театарски костими… Луѓето носеа столови преку рамениците, секој од својата куќа и во селото направија театар, поставувајќи ги пред куќата во која е роден владиката. И почнувам да играм и мислам – “Ова не е театар, ова е живот”. Глумам и слушам колективни воздишки, плач. Тоа веќе не е игра. Тука се спојуваат играта и животот. Се наежувам и сега. Некој умира (во претставата) и почнува да бие ѕвоното, не знам кој го направи тоа во вистински момент. Претставата заврши, нема аплауз. Луѓето „влегоа“ во неа и „со некое чудо“ ги поврзаа играта и животот. Во тој момент сум збунет, заминувам во нешто што личи на „бекстејџ“ и соблекувална, стојам настрана и луѓето почнуваат да се приближуваат, да се ракуваат и како да ми изразуваат сочувство. Еден човек, мислам дека беше претседател на месната заедница на селото, со капа, се качи меѓу народот и одржа говор „Тебе Његоше, секоја куќа ти е отворена овде, нѐ врати во тоа време што сите го знаеме и го носиме во гените“, ми вели. И што направив јас? Во близина на Његуши (родното село на Његош) има меана стара 300 години во која се служи медовина, пршута, сирење, топол домашен леб, и ги поканив сите што беа таму да се дружиме во таа стара меана, да поразговараме со пијалоци и други работи… до зори. Имав потреба со тие луѓе таа вечер да ги споделам моите чувства и размислувања за големиот Његош, чии посмртни останки почиваат на врвот на нашата митска планина Ловќен, кој се издигнува над местото каде што се родил генијот и каде што таа вечер со жителите на неговото село ги споделив моите размислувања за Његош, Црна Гора и за судбината на нашите луѓе низ милениумското постоење во заедницата.
*Според овој текст е снимен игран филм во кој и Вие играте.
– Да, го играм Његош и на филм. Но, монодрамата е она што има силно темпо. Никогаш не сум имал менаџер. Таа ме влече. Сега ја играв во Загреб, а претходно во Нови Сад треба повторно да ја играм во Монголија. Пак ќе одам таму. За прв пат ги доживеав Улан Батор и будизмот, кој неодоливо ме привлекува токму таму. Таму е роден и Далај Лама. На тоа патување беше и мојот син Благота, кој за фестивалската публика го преведуваше текстот од црногорски на англиски и на француски јазик. Никогаш не сум имал менаџер да ме препорача за ново гостување. На пример играм во Битола, таму ја запознав драматургот и режисерката Нина Мазур од Хановер и по гледањето на претставата таа ми препорача да играм на најстариот фестивал на монодрама во светот во Украина. Ја добивам и најголемата награда. Од таму веднаш ме препорачуваат на 10 фестивали од Ерусалим до Чељабинск, во Германија, Русија, Монголија, Казахстан. Сè е тоа поврзано. Но, да ви кажам нешто, првите 10 години одиграв огромен број претстави во големата Југославија. Да речеме, напладне во 12 часот доаѓам во Никшиќ. Играм две претстави за основни училишта, две за средни училишта, една навечер за граѓанството. По пет претстави на ден. Само во првите 7-8 години играв 700- 800 емисии…А другата половина е оваа друга бројка.
*Кога ја отворив Вашата биографија, искрено сфатив дека не можеме да правиме класично интервју, бидејќи ако зборувавме за сите Ваши улоги тоа ќе беше серијал, а не интервју, а потоа сфатив дека треба да опфатиме некои точки кои се клучни. На самиот почеток сам почнавте да зборувате за тоа што сакав да прашам. Сепак, Његош е секако симбол на Вашата кариера, а гледам дека сте одиграле многу класични дела, а сте добиле и награди. Но, како дојдовте да играте во претстава на македонски режисер?
-Прв пат играв во „Тетовирани души” на Бранко Ставрев, една мала улога. Се запознавме во театарот. Тој ми пријде со, за мене, сосема езотеричен пристап, а јас сум склон да бидам метафизички, езотеричен. Во нашиот театар претстави режираа и други македонски режисери. Секако, покрај прекрасниот Ставрев, најголем уметнички белег во Црна Гора оставија и генијалните уметници и луѓе, маестралниот актер Мето Јовановски, прекрасниот режисер Дејан Пројковски… како и посебниот Никола Ристановски. Бевме многу поврзани со Македонците во поранешна Југославија. Има еден апсурд, во текот на целата војна и распадот, тогаш играв во сите земји од поранешна Југославија, а во Македонија дојдов дури пред десет години, иако Македонија е отворена за мене и имам пријатели. Покрај споменатите колеги, морам да го споменам неверојатно имагинативниот сценограф Валентин Светозарев, кого размислувам да го ангажирам да ја направи сценографија за мојот иден проект „ Луча Микрокозма“. Оценувам дека само тој може со својата уметничка визија да го долови просторот на Рајот во кој се одвива дејството на драмата. Посебна приказна се моите пријатели од Македонија Ѓоле ​​Стојковски, Алија Реџиќ, Боро Попивода, Диме Костадинов, отец Томе Вељанов… и многу други за јавноста непознати луѓе со кои постојано, братски и пријателски се дружам.
                 *******
ТЕАТАРОТ НЕ Е ТРКА НА СТО МЕТРИ
                ********
*Малку бев изненадена што имате толку импресивна кариера со која секој би се пофалил. Зошто не се истакнувате, како некои актери или режисери кои создаваат фама околу себе и своите филмови?
-Никогаш не гледав на мојата професија како на нешто посебно, ниту копнеев по слава или сонував да се збогатам од неа. Тоа ѝм го кажав и на моите деца кои почнаа да работат во театар, едниот син е режисер, а другиот дипломат и се занимава со филм, додека ќерката наскоро ќе дипломира глума. Јас и реков – „Ако размислуваш за глума и ако мислиш да играш во некои сапуници и тоа е твојата судбина, немој да го правиш тоа“. Театарот не е трка на 100 метри, туку што би рекол Пастернак за животот „животот не е исто што и да се премине полето“. Театарот не е она што е преминување на полето… А за професијата актер може да биде само оној кој е вистински посветен, кој театарот го доживува како мисија. Има многу глумци, но глумец кој нема харизма и “здрав однос” кон професијата ни е комплетен глумец.
*Снимате и компакт дискови со извонредно меко рецитирање на стихови, а дали сте и во серии?
-Воопшто не гледам серии, иако имам играно значајни и интересни улоги и во домашни и во странски серии. Гледам филмови на Нетфликс, понекогаш и во кино… немам време, можам да гледам само оригинални и уметнички филмови. Што ќе рече, авторски филмови. Многу сум пребирлив. Истото важи и за музиката што ја слушам, книгите што ги читам, сликите и скулптурите што ме интересираат.
 *Дали го читате сценариото пред да прифатите улога?
– Секој добива сценарио, понекогаш целото, понекогаш само дел. Треба да го прочитате. Затоа што во секоја улога што ја играте треба да го дадете вашиот личен и духовен хабитус. Мора да се дадете себе си. Да го пронајдеш карактерот во себе, да го анализираш карактерот, и во тој карактер да пронајдеш што е твое лично, од корпусот духовно и физички да дадеш и што треба, и да го унапредиш. Актерската професија е една од најтешките професии.
*Која соработка Ви е најомилена досега?
 – Мојата омилена претстава „Две кристални чаши“, по текст на хрватскиот автор Иван Раос, во режија на Благота Ераковиќ со одличен партнер, легендарниот југословенски актер Миша Јанкетиќ, ја изведовме преку 150 пати. Има и други. Некогаш бев партнер на легендарната актерка Мира Ступица, таа апсолутно беше актерка на милениумот… Замислете, во 1993-4 година, Југославија се распаѓа, сѐ се распаѓа, земјата се распаѓа, само ние, театарот, функциониравме. Играме заедно во претстави актери од цела Југославија Бранка Петриќ, Ненад Стојановски, Енвер Петровци, Предраг Ејдус, Варја Џукиќ, Јернеј Шугман, Сенка Булиќ … Театарот нема граница. Ако е вистински ќе го победи секое зло кое нѝ застанува на животниот пат.
*Читав дека Вашиот син Данило сега ја режира „Хасанагиница“ во Народниот театар во Сараево, претстава која и Вие на времето ја игравте.
– Да, неодамна беше премиерно прикажана во Сараево и имаше голем успех. Да се прашував јас кога се определуваа, ниту едно од моите три деца немаше да се занимава со оваа професија. Но бидејќи јас не се прашав, ниту влијаев на било кој начин, тие сами одлучија, и денес сум среќен затоа што тие на вистински начин ги водат своите професии. Кога зборуваме за театар, тие секогаш пружаат отпор, но на крајот секогаш ме слушаат. Но, знам добро да ѝм објаснам, на близнаците Благота и Данило (36) и на ќерка ми Ангела (22), но и на моите внуци Виктор кој има четири години и Нора која има 10 години. Ми се чини дека детето во мене никогаш не ме оставило… Можеби сум утопист, но ако театарот не помести човек за еден милиметар, тој не е значаен. Ако не ги помести убавината и доживувањата на светот, ако не ги помести границите. Според мене, театарот мора да биде ангажиран. Ако не е ангажиран, не мислам само на политички план, туку и на човечко морално ниво, нема функција. Мојата работа мора да се работи со љубов, а јас верувам дека љубовта е единствената димензија на човекот и дека само со љубовта човекот може да стане бесмртен. Маж и жена, родители и деца, пријател и пријател. Апсолутна љубов. Таа љубов е бескрајно давање. Јас сум човек кој се обврзал да се занимава со сѐ, од читање до драматизација, глума, режија… Јас сум интровертна личност и во исто време многу динамична личност, но имам периоди на меланхолија. Екстровертноста и интровертноста се менуваат кај мене. Ме инспирираат на посебен начин. И така, за време на пандемијата, прочитав се што не сум успеал да прочитам досега, а бидејќи многу ја сакам природата, а татко ми е од Мартиниќ, прекрасно село кај Даниловград, тогаш отидов таму да се одморам, до реката во природа и семејниот дом на моите предци. А мајка ми е од северот на Црна Гора и на тоа место изградив колиба на високо место и таму поминав многу креативно време. Со селаните научив да правам сирење. Купував свежо млеко, купував газа во аптека, сириште и квасец во продавница, видов како се прави сирење на Интернет,  и научив да правам сирење… Тоа е подобро сирење од секое што го купувам на пазар. Еден ден го правам, потоа  три дена стои и јадеме младо сирење. Го ставам во чинија, врз него тегла полна со вода, и можам да бидам ваш инструктор да ви покажам како ха ха ха.
(Синот Данило, синот Благота со сопругата Андреа, внуците Виктор и Нора, и ќерката Анџела Маруновиќ) 
*Знаете што? Ако е така, тогаш сте го разбиле митот за мрзливоста на црногорците.
– Тоа воопшто не е точно. Тоа е сосема погрешно. Сега ќе ви кажам што е тоа. Црногорците се војнички народ и куќата била оставена на жената, жената ги воспитувала децата, сѐ, па кога дошол мажот од бојното поле спиел, одморал, затоа велат дека Црногорците се мрзливи. Еве ќе ви кажам еден факт, до смртта на татко ми никој од моето семејство не умре од природна смрт, сите загинаа во војни. Мојот дедо, прадедо, прапрадедо… татко ми беше првиот што умре од природна смрт. Затоа оваа предрасуда за Црногорците како мрзливи луѓе воопшто не е точна. Се знаеше само кој што прави. Црногорската куќа и семејство историски почиваа на жената. Мажот беше „бранител на црквата и на племето“ како што Његош вели во “Горски венец”.
*Нашево интервју трае колку и претставата и уште малку повеќе, зарем не?
– Така е, монодрамата трае еден час.
*Во Македонија имате многу пријатели, од различни сфери и професии, многу актери и режисери, разговаравте дури и со митрополитот Стефан, а ако 35 годишнината ја прославите овде, ќе нѝ биде голема чест, бидејќи ние сме толку блиски во сè, а сè уште не сме постигнале врските да нѝ бидат максимално поврзани,  мора да работиме на тоа. Можеби прославата на Вашата годишнина ќе значи чекор напред во развојот на односите меѓу Македонија и Црна Гора. Колку добро ја познавате македонската култура, театар, книжевност, филмови, музика? Што во тој поглед најмногу Ве интересира кај нас?
– Знам многу, од историја до литература. Познавам многу македонски поети, актери, музичари и нивните дела. Знам дека Блаже Конески направи феноменален превод на Његош. Јордан Плевнеш е личност кого многу го ценам и кој со своето дело и живот стана икона на јужнословенската и европската уметничка елита. Горан и Влатко Стефановски, Дуковски, Пројковски, Унковски, Георгиевски, Благој Мицевски, Мето Јовановски и цела плејада уметници што би можел да набројувам до утре, чии дела оставаат неизбришлив белег во севкупното цивилизациско создавање. Тоа е тим од исклучително талентирани луѓе. Мислам дека Македонија е мешавина од Исток и Запад и дека навистина овде се случи посебен поглед на светот, кој македонските уметници го почувствуваа и го пренесоа во своите дела.
Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.