Книжевен портрет на Ефтим Клетников во Гевгелија

На 11 април (вторник) во 13 часот во Народниот театар во Гевгелија ќе се одржи книжевен портрет на познатиот македонски поет, книжевен ликовен критичар, есеист и преведувач Ефтим Клетников.

Клетников (роден во с. Негрево, 1946 год.) е едно од најзначајните поетски имиња во својата генерацијаВо 1969-та година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал студиски престој во Париз (1979/80) како стипендист на француската влада. За своето творештво кое вбројува над 20 стихозбирки, Клетников е лауреат на бројни значајни домашни и меѓународни награди, меѓу кои и наградата на Президиумот на Меѓународната академија ЗАУМ во Русија и наградата „Леополд Седар Сенгор” од Европската академија за поезија, литература и уметност со седиште во Париз. Член е на македонскиот ПЕН центар, каде ја извршувал и функцијата секретар. Работел како новинар и книжевен уредник, а бил и директор на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Поетски збирки: Модер вир, Зраци и самраци, Окото на Темниот, Песни за Огнен, Икра и крило, Гласови, Триок, Магновенија, Маж и жена со лице спроти ѕвездите, Прасјај, Троја и други.

Поезија за деца: Кула со златно ѕвоно, Златна рипка, Море во сонот, 88 песни за месечината, Сончеви песни.

Есеи и критика: Орион, Јатка, Во потрага по целината.

Има подготвено неколку антологии на македонската поезија.

Препејува од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик.

Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици.

На книжевниот портрет во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев” – Гевгелија со свое излагање за книжевните достигнувања на Клетников ќе се обратат директорот на библиотеката, македонскиот писател Стефан Марковски и младиот македонист Пепи Стамков.

Модератор на настанот е Емилија Старделова, а во рамки на истиот ќе има настап и пејачката Теодора Гошева – Теда. 

Стихови од Клетников ќе интерпретира Петар Јанчев.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.