Вработените во Македонската филхармонија реагираат по повод одлуката на Владата новоформираната НУ „Оркестар за џез музика” просторно да биде сместена во Филхармонија.
Нѝ испратија петиција потпишана од 108 од вработени во македонската филхармонија, кое беше испратено до Министерката за култура и Претседателот на Владата со цел промена на одлуката за вдомување на Џез оркестарот во просториите на Филхармонија.
****
Почитувани медиуми,
Го упатуваме писмово до вас со цел преку вас да ја информираме јавноста во врска со последиците кои ќе настанат како резултат на владината одлука за вдомување на новоформираната национална институција НУ “Оркестар за џез музика” во објектот на
Националната установа „Македонска филхармонија“.
Имено, пред една недела веста дека Владата донела одлука за формирање на нова НУ “Оркестар за џез музика” нѐ затече сите нас. Иако ја поздравуваме одлуката бидејќи сметаме дека истата ќе придонесе за развој на културниот живот во државата, решението
оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и истото ќе направи повеќе штета отколку полза.
Како вработени во Филхармонија би сакале да ја изразиме нашата загриженост за функционирањето на институцијата и да укажеме на тоа дека во објектот на
Филхармонијата (која што е нашиот втор дом), не е возможно паралелно да работат две
институции, односно два различни субјекти.
Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и
изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија.
Ова се однесува пред сѐ на оркестарот на Македонска Филхармонија чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во Филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел. Имено, во објектот има точен број на соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно (на пример во собата за контрабаси, волуменот, квадратурата и акустиката е соодветна исклучиво за оваа група, не би можеле и не е соодветно оваа група на инструменти да ја сместите во собата за флејти, која што пак е направена специфично за оваа група, според потребата на групата, бројот на членови, и изработена со различна квадратура, акустика и волумен) и така за секоја група поединечно.
Покрај собите за вежбање, имаме и 4 гардероби (2 женски и 2 машки) чиј просторен капацитет е целосно исполнет согласно бројот на вработени во Оркестарот.
Исто така, капацитетот на просториите во кои се сместени вработените во делот на администрацијата и техничката служба, е целосно исполнет.
Во објектот има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби беше пренаменета една од просториите за вежбање.
Постои и кафетерија која што е дадена на користење, а која според проектот треба да се користи за цели на вработените и гостите на институцијата, а сегашната намена воопшто не соодветствува со првичната намена на истата.
Се разбира, тука се големата и камерната сала на Филхармонијата, кои што се користат за она што се наменети, односно за симфониски и камерни концерти.
Со сето ова погоре напишано сакаме да ја искажеме нашата загриженост од информацијата дека ние, институција која 70 години се бореше да добие сопствен простор, кој е проектиран исклучиво да ги задоволи потребите на еден модерен симфониски оркестар, треба да отстапиме простор на уште една институција, која што исто така треба да има простор за индивидуална работа, заедничка работа, административна служба, техничка служба, нототека, студио и сите други нешта кои се придружни на еден објект.
Крајно сме загрижени дека буквалното “втурнување” на уште еден оркестар, за кој сме среќни што постои и секогаш сме ја поддржувале нивната работа, сепак, ќе значи загрозување на интегритетот на Македонската филхармонија од аспект на секојдневно функционирање на двата субјекти.
Би сакале да нагласиме уште еднаш дека ние не сме против нашите колеги и постоењето на овој оркестар, дури и сметаме дека треба да ги поддржиме во нивните напори да си го добијат заслуженото место, но не би можеле да ја прифатиме одлуката оваа новоформирана институција да биде сместена и да функционира во нашиот објект.
Овој објект, овој музички храм го чувствуваме како наш бидејќи за еден професионален музичар денот започнува и завршува во концертната сала. Работниот век на професионалниот музичар е во целост посветен на концертната дејност која бара навистина големо вложување за да се постигнат добри резултати.
Сите знаеме за историјата на некогашниот џез оркестар во Македонската Телевизија кој за
жал беше укинат. Во истата куќа сѐ уште постојат студијата кои се најсоодветни за еден ваков оркестар, кој ќе може да работи непречено и да си ги подготвува своите проекти.
Веројатно би било и убаво да се возобнови традицијата на џез односно ревискиот оркестар кој постоеше и работеше во рамките на МТВ, повторно да се врати сјајот на студиото каде што некогаш твореа Шпато, Џамбазов, Пејовски…и многу други.
Постојат уште многу причини кои би можеле да ги наведеме зошто ние, вработените во Филхармонија, не се согласуваме со наметнатото решение за буквално присилно вселување на уште еден ансамбл во рамките на објектот, но сепак се надеваме дека вие како медиуми ќе го покренете ова прашање и оваа одлука од страна на надлежните институции, Министерство за култура и Влада на РСМ ќе биде сменета за општото добро на сите.
Сакаме јавноста да биде правилно информирана за она што во моментов се наметнува на Филхармонија и за нашиот обид да си го одбраниме интегритетот на институцијата.
Тажно е што надлежните институции сакајќи да решат еден проблем произведуваат друг проблем од невидени размери кој може да остави долготрајни несакани последици.
Веќе е испратен допис со реакција и листа со потписи од скоро сите вработени во Филхармонија до Министерот за култура на РСМ како и до Владата на РСМ. Уште еднаш ве замолуваме за објективно информирање на јавноста и однапред ви благодариме.
Со почит, вработените во Македонската филхармонија
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.