Здружението на новинарите на Македонија ги додели годишните награди на ЗНМ. На настанот беа доделени трите главни награди – „Крсте Петков Мисирков” за животно дело, наградата „Јашар Еребара” за истражувачко новинарство и награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење, но беа доделени и четири признанија и една плакета за посебен придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство.
Комисијата за членство во состав Соња Колевска Делевска, Среќко Поповски и Ријад Мурати покрај редовните награди, наградата за животно дело ја додели на Драган Ѓорговски, наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара” беше доделена на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), додека награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење замина во рацете на Аднан Ќаили.
Добитниците на овогодинешните награди на ЗНМ се заблагодарија за наградите со најава дека нема да застанат тука, ќе продолжат да креираат и раскажуваат приказни вредни за јавноста.
Членовите на Комисијата одлучија да доделат една плакета за посебен придонес кон професионалното новинарство за известување од војната во Украина на Кристина Атовска и уште четири признанија за посебен придонес во професионалното истражувачко новинарство на Фросина Димевска, Мартин Пушевски, Петар Клинчарски, Ирена Мулачка.
Во своето поздравно обраќање Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски кажа дека оваа година имаше голем број на апликанти кои пријавија навистина квалитетни стории во секоја категорија:
„Секоја година имаме сѐ поголем број на пријавени кандидати за наградите, што особено ме радува бидејќи тоа е показател дека сѐ уште има уште многу стории и приказни кои чекаат да бидат објавени и раскажани. Голема одговорност е да информираат граѓаните, а уште поголема да се биде во нивна служба. Имаме многу медиуми кои не секогаш се солидарни меѓу себе, но тоа не значи дека и ние новинарите и медиумските работници треба да го следиме тој пример. Ако медиумите се поделени, новинарите треба да бидат сплотени ” – кажа Чадиковски.
Годинава имаше вкупно 42 пријави од кои 18 апликации за наградата новинарско истражување на теми од локално и регионално значење, 17 за наградата „Јашар Еребара” за истражувачко новинарство и уште 7 пријави за наградата за животно дело.
Здружението на новинарите на Македонија искажува голема благодарност до сите заинтересирани новинари за овогодинешниот конкурс.
ЗНМ ги додели годишните награди
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.