Иницијативен одбор на пензионери на Македонија утре, вторник, 28.03.2023 година, во 11.00 часот организира протестот пред седиштето на СЗПМ , до поставување конкретни барања и спроведување мерки за запирање на, според нив, процесот на нечесно работење, на автократско и криминално однесување на поголем број поедици, со злоупотреба на функциите и сомнително трошење на пензионерските пари.
Ексклузивно го објавуваме говорот кој утре ќе се прочита и со кој ќе ги побараат нивните барања:
****
Почитувани пензионери,
Денес е историски ден и овој датум ќе биде запаметен и запишан како почеток на новото време на пензионерската организација. Денес чукна часот и силно се слушна гласот на
пензионерите и се искажа револтот и незадоволството од работата во најмасовната пензионерска организација во Македонија. Не може повеќе да се издржи и да се толерира нечесноста, незаконитоста и манипулацијата во управувањето со здруженијата.
–Не може повеќе да се дозволи недомаќинско работење и неконтролирано трошење на пензионерските пари. Ако знаеме дека постојат повеќе од 330 илјади пензионери, а ФПИПМ секому запира по 30 денари за членарина, пресметајте колку пари месечно се земаат од нашите џебови. Најголем дел од овие средства ги трошат незаконски избраните, но како самите се нарекуваат докажани функционери и ангажирани лица со привлечни паушали и надоместоци. Ете зошто ѝм се зголемени апетитите и не ѝм се напуштаат фотелјите?! Од избори до избори тие самите се избираат и само си ги менуваат местата, божем за тоа од Господ се предодредени и незаменливи до крајот на животот.
Нивната манипулација достигна кулминација токму на годинашниве избори за кои во најголем дел здруженија под капата на СЗПМ има конкретни докази дека се незаконски, нелегитимни и нерегуларни.
-Денес сите во еден глас, јасно и гласно да ѝм кажеме “НЕ!” на ваквите постапки и местенки. Доколку не не послушаат, нема мирно и немо да набљудуваме и натаму да ги оставиме да нѐ манипулираат, да нѐ лажат и замајуваат!
Нема да дозволиме со нас да управуваат незнајковци, полтрони, камелеони, непотисти, клиентелисти и сите други исти послушници и поборници за лични интереси…
Ама не може многу да се заработи од ангажираноста во раководствата на пензионерите, ми вели еден од инволвираните?! Каков нонсенс, каква небулоза, каква срамота и будалаштина?! Зарем со такви цели доаѓаат на овие функции или да придонесуваат за доброто на пензионерите?! И сите тие така размислуваат и дејствуваат под мотото за земањето пари „Од нас за нив“, а не како што вистински треба да биде: „Од нас– за нас“. Тоа повеќе нема да го има. И запаметете: не е наша цел да ѝм го одземеме тронот, туку да ја реорганизираме и
облагородиме организацијата, да ја направиме полезна за сите пензионери, за да ѝм помогнеме на оние на кои најмногу ѝм е потребна помош и секој пензионер да го почувствува бенефитот од парите што ги издвојува од својата пензија. Денес овде јавно, јасно и гласно кажуваме и ветуваме за сите да слушнат дека:
-Не ги признаваме овие избори, а на новите ќе
избереме чесни, хумани, мудри и витални пензионери кои ќе бидат подготвени волонтерски да работат и да ги извршуваат раководните и другите функции во организацијата.
–Ќе извршиме реорганизација на организацијата со воведување нов начин на финансирање и работење исклучително во полза на пензионерите…
-Согласно постојните прописи ќе изготвиме нов статут на Сојузот со регулирано ограничување на мандатот на сите избрани и ангажирани лица во органите и телата и тој да биде само еден единствен и ништо повеќе. Со овој статут ќе се изврши усогласување на статутите во сите здруженија на пензионери.
– Ќе ја прошириме програмата за работа во Сојузот и здруженијата на пензионери со нови содржини и активности во кои ќе можат соодветно да се вклучат сите категории на пензионери и секој да може да го почувствува бенефитот на издвојувањето пари за членарина. Приоритет во дејствувањето ќе имаат социјалните, хуманитарните и културно- рекреативните активности, со посебна грижа и помош на изнемоштени и осамени лица, како и заштита на здравјето и стандардот на пензионерите.
–Ќе се заложиме за нов начин на дејствување на организацијата по примери и искуства од други пензионерски организации во Европа и пошироко со барање законски да се раздвои членарината од фондот за посмртна помош и тоа да биде на доброволна основа.
Почитувани пензионери, имаме предвид да внесеме уште многу вакви заложби и активности што постепено ќе ги развиваме и надоградуваме.
А сега во знак на благодарност за вашето присуство и надеж дека ќе успееме да ја реализираме оваа цел и да ја облагородиме нашата органиизација, предлагам
овој наш почеток да го обележиме и со една убава македонска песна, што ќе ја исполни нашиот познат градски и пензионерски хор „Серенада“.
Уште еднаш ве поздравувам и ве повикувам на решително, храбро и здружено дејствување.
Да живее пензионерската организација!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.