27 Март Светски ден на театарот- “Љубов! Тоа е вистинскиот збор за театарот“

Денеска на 27 март од 19.30 часот, театарот “Војдан Чернодрински” од Прилеп ќе ја изведе  претставата “Да инспекторе…” со која ќе го одбележи Светскиот ден на театарот.

Во Театар Комедија во Скопје, публиката ќе има можност да ја види претставата “Стјуардеси“ која ќе ја има својата 150-та изведба, а во Велешкиот театар вечерва  (20 часот) на репертоарот е “Синиот портокал“ во режија на Александар Ивановски.

 

“Денес вам ви се обраќам, но не само за да се каже нешто или да се прослави таткото на ситеуметности, ‘театарот’, на неговиот ден. Туку повеќе од се’ сакам да ве поканам да застанеме заедно, сите ние, рака за рака, рамо до рамо, да вреснеме од длабочината на нашите гласови, онака како што сме навикнати на сцената тоа да го правиме, и да овозможиме зборовите да излезат будејќи ја совеста на целиот свет, барајќи ја во себе изгубената човечка суштина. Барајќи слободен,толерантен, сакан, емпатичен, нежен и достапен човек. И да си дозволиме да не напушти ова непријатно опкружување на бруталноста, расизмот, крвавите пресметки, едноумието и екстремизмот. Човекот чекорел на земјава, под сонцево, со илјадници години, и ќе продолжи да чекори понатаму. Затоа зграпчи му ги стапалата од вртлогот на војната и крвавите конфликти, предложи му да ги напушти, пред вратите на сцената. Можеби нашата хуманост, која стана засенчена и заглавена во сомнежи, повторно категорично ќе зацврсти, хуманост со која сме квалификувани да бидеме горди што сме луѓе и дека сите сме браќа и сестри во просторот на хуманоста“, –напиша во својата порака по повод Светскиот ден на театарот Самиха Ајуб, египетска актерка која им се обрати пред се на своите колеги театарските уметници од целиот свет.

Таа додава: “Нашата мисија е, нам драматичарите, носителите на факелот на светлината, од првата појава на првиот актер на сцената, да бидеме фронтално конфронтирани кон се’ што е грдо, крваво, и нечовечно. Се конфронтираме со се’ што е убаво, чисто и хумано. Ние и никој друг, ја имаме способноста да го афирмираме животот. Затоа да го шириме животот заедно за доброто на светот и човечноста“.

Самиха Ајуб во својата порака се повика и на зборовите на големиот Константин Станиславски, „никогаш не доаѓај во театар со кал на чевлите. Остави ја прашината и валканоста надвор. Преиспитај си ги своите мали грижи, караници, проблеми и остави ги на закачалка како твојот капут – сите работи кои ти го уништуваат животот и ти го усмеруваат вниманието далеку од уметноста – таму кај вратата.’’

Авторката на национална порака од Македонија, актерката Теута Ајдини-Јегени која е првенка во НУ Албански театар, Скопје, пак, за театарот ќе рече: “Љубов! Тоа е вистинскиот збор – кој ми доаѓа на ум кога мислам на театарот, кога сум во него, на сцената, во публиката, додека ја подготвувам улогата… А чувствата – е, тие не можат да се опишат така лесно со зборови…  тука се испреплетени и срцето и душата, и умот и телото, тука се и потта и солзите, и смеата и лутината, и болката и радоста…  Тоа е, сигурна сум, она што му се случува на секој театарски деец, затоа што без тие чувства не секој еден учесник во создавањето на идниот живот на една претстава, не ќе може да ја пренесе драмската магија до публиката. Секој еден од нас кој работи и живее со театарот, ја има таа љубов во себе. Но, да не должам со емоциите… Се разбира дека театарот не постои единствено за да ѝ ја пренесе на публиката магијата која ја создаваат драмските автори, заедно со режисерите, актерите и сите други театарски творци и работници. Неговата задача и мисија е и да го следи животот, да реагира на случувањата во општеството, во светот, да укаже на опасностите и девијациите во нормалноста и хуманоста, да ги соопшти пораките кои светот и човекот има потреба да ги слушне во времиња на кризи.“

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.