Несекојдневен настан: „Григор Прличев во компаративен клуч“

Охрид, 25 Март 2023

На денешен ден пред 163 години, на традиционалниот конкурс за поема, што се одржал во Атина, големиот поет и преродбеник Григор Прличев го добил Ловоров венец за поемата „Сердарот“ и бил прогласен за втор Хомер.
Во сеќавање на тој настан НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и ќерката на академик Милан Ѓурчинов, проф. д-р Анастасија Ѓурчинова вчера во родната куќа на татко ѝ организираа книжевен настан под наслов: „Григор Прличев во компаративен клуч“.
– Не случајно за првпат за јавноста се отвори дел од куќата на проф. д-р Ѓурчинов во Охрид која крие уште една симболика во себе. Во 1965 година градската библиотека функционирала на првиот кат од куќата. Со овој настан го продолживме и чествувањето на 130 годишнината од смртта на Прличев. Денеска ние ставивме само ново камче во мозаикот нарачен куќата на Ѓурчинови која е под заштита на државата и пишуваме нова историја во која се надевам ќе има место и за други книжевни средби, рече Милчо Јованоски, директор на Библиотеката.
– Долго време се носев со идејата по смртта на моите родители Анка и Милан Ѓурчинови да направам нешто со што оваа куќа ќе заживее повторно, токму во духот на книжевноста. Бидејќи тука мојот татко ги напиша најголем дел од книгите полни со домашна и меѓународна литературна критика, а во овој салон каде што сме собрани престојувале безброј домашни и странски поети, добитници на Златниот венец на поезијата на СВП и познати слависти со кои моите родители имаа долги разговори во кои
доминираше поезијата и воопшто пишаната реч. Посебно сум му благодарна на Јованоски, директорот на охридската Библиотека за поддршката и тоа што ме охрабри да го одржиме овој настан, рече ќерката на академик Ѓурчинов, д-р Анастасија Ѓурчинова.
Професор Татјана Дурнева маестрално го презентира есејот „ Делото на Григор Прличев
на фонот од Балканскиот културен плурализам“ од академик Ѓурчинов и самата се потсети на нејзините студентски денови и контактите со него.
-Во овој есеј на мојот татко, академик Ѓурчинов поентата е дека споредувајќи го нашиот Прличев со другите поети од тоа време, нему му даваме само додадена вредност како автор кој и денес е актуелен и ненадминат барем кај нас, рече проф. д-р Ѓурчинова. Годинава се навршуваат 95 години од раѓањето на проф. Ѓурчинов. Со многу емоции од присутните посебно од најблиските на академик Ѓурчинов беше проследен дел од аудио записот авторство на м-р Милчо Јованоски од проектот на Библиотеката „Роднокрајни критичари“ во кој покојниот Ѓурчинов зборува за детството и семејната лоза.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.