Кинотека: Програма за април 2023

Сте помислиле ли некогаш дека одредено годишно доба може да се илустрира со филмовите на некој филмски режисер? Или, обратно, сеедно.
Еве, зимата можеби асоцира на Ингмар Бергман, есента можеби на Андреј Тарковски, летото на вестерните на Џон Форд, или, пак, нивната „шпагети“ верзија, Серџо Леоне. А пролетта? Пролетта нема алтернатива нити кондиционал, пролетта сигурно се филмовите на Милош Форман!
Форман не асоцира на пролетта заради политичката пролет 1968 година во некогашна Чехословачка или само заради чешкиот „нов бран“ во филмот. Форман бил круцијален протагонист на тој „нов бран“ со неговите рани дела, во кои мајсторски го спојува документарното и играното, создавајќи посебен сензибилитет. Роден во 1932 година, во гратчето Часлав, како Јан Томас Форман, ги изгубил родителите Ана и Рудолф во нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд бидејќи имале еврејско потекло. Во средината на 1950-тите години Милош Форман студира сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ, каде што дипломира во 1957, а потоа си го пробива патот во чешката кинематографија, работејќи на разни позиции.
Кинотеката ќе прикаже поголем дел од неговата филмографија, и тој избор ги опфаќа неговите луцидни пионерски чекори во среднометражниот КОНКУРС (Konkurs / Audition, 1964), потоа ЦРН ПЕТАР (Černý Petr / Black Peter, 1964), ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА (Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love, 1965) и ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (Horí, má panenko / The Firemen’s Ball, 1967), неговиот последен чехословачки наслов пред заминувањето во САД. Наградите и признанијата што ги добива Форман за овие дела само ја отсликуваат свежината што чехословачката и европската кинематографија ја добија со тој „нов бран“, па не чуди што на два пати го освојуваат „Оскарот“ за најдобар странски филм– Јан Кадар и Елмар Клос со ПРОДАВНИЦАТА НА КОРЗОТО (1965) и Јиржи Менцл со СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (1967), а Форман бил номиниран за оваа награда во 1966 со ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА. Видете само каква филмска репрезентација била оваа!
Пролетта не е годишно доба, туку состојба на Формановиот филмски ум, што ќе го пренесе во американските филмови и европските копродукции. Форман ќе го освои првиот од двата „Оскари“ во неговата кариера со ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО (One Flew Over the Cuckoo’s Nest) во 1976, по кој следуваат КОСА (Hair, 1979), АМАДЕУС (Amadeus, 1984) и вториот „Оскар“, НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ (The People vs. Larry Flint, 1996), и последниот игран наслов, ДУХОВИТЕ НА ГОЈА (Goya’s Ghosts, 2006). Форман почина во 2018 во гратчето Денбери, Конектикат, САД, а следната година е промовиран чешкиот документарец ФОРМАН ПРОТИВ ФОРМАН (Forman vs. Forman), кој ќе можете да го видите во оваа ретроспектива на големиот мајстор на филмот.
Априлската програма содржи и неколку филмски „деликатеси“ – филмови кои ќе можете да ги гледате на 35 мм лента. Почнуваме со ТРЕЈНСПОТИНГ (Trainspotting) од 1996 година на Дени Бојл, продолжуваме со МАЛЕР (Mahler) на Кен Расел од 1974, па веќе споменатиот НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ на Форман, и ЧУДЕСНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИ ПУЛЕН (Le Fabuleux destin de Amélie Poulain / Amélie) на Жан-Пјер Жене од 2001 година.
Со проекцијата на филмот ЈАД (Anguish) на Кирил Ценевски од 1975 година потсетуваме на неодамна починатиот актер Танасие Узуновиќ, а го утврдуваме „оскаровското“ градиво со проекција на годинешниот победник СЀ ВО ИСТО ВРЕМЕ (Everything Everywhere All at Once). На априлскиот распоред, меѓу останатите филмови, е и норвешкиот анимиран филм БАШ СУПЕР! (Helt super / Just super) од најновата продукција, како и новата хрватско-македонска копродукција И СВИЊИТЕ ОДАТ ВО РАЈОТ (Nosila je rubac crleni / Even pigs go to heaven) на Горан Дукиќ.
Што да кажеме за крај? Можеби да ја парафразираме онаа позната реплика од КАЗАБЛАНКА со молба до Миле Миленковски, филмски техничар и еден од кинооператорите: „Сврти ја таа ролна повторно, Миле!“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.