Многумина од постарите велат, дека не мрднале од Скопје во својот 70-80 годишен живот како место на живеење, а како да живееле во три различни градови. Првото Скопје е она од пред земјотресот, кога градот бил скоро целосно разрушен. Во тое мигови, не само огромни човечки жртви , биле уништени градби, замјотресот со еден збор ја урна вековната традиција и душа на градот покрај Вардар. Стариот Офицерски дом, Стариот Театар, Поштата, уличките низ Маџир Маало, Дебар Маало, Пајко Маало,куќите кои шепотеле традиција и спомени, исчезнале.
Она на што сите се сеќаваат сите, е шармот и уникатноста на градот пред земјотресот. Од овој период секогаш сме расположени да гледаме фотографии. По ова старо Скопје копнеат дури и оние кои немале можност да живеат во тоа време, затоа и секоја фотографија погледната од тоа време не прави носталгични.
После земјторесот 1963-та година Скопје се градеше со помош на целиот свет и се изгради во еден едноставен, современ град на кој пак се сеќаваат, оние кои во 70-тите и 80-тите години ги живееја своето детство, младост, со градот кој зрачеше од сонцевина, во кој се слушаше жуборот на реката Вардар, каде навечер во летните месеци се слушаа звуците на гитарите и грлата на младоста, на кои Кејот на Вардар им беше едно од омилените места. Така растеше Скопје, беше симбол на пријателство, другарство, забава и љубов.
Потоа од 2011 година градот Скопје почна да го менува ликот, да го губи тој сјај и да ја губи на некој начин својата душа. Со проектот Скопје 2104-та не само архитектонски што се смени Скопје туку се натрупа, доби барокен изглед (иако се изградија и многу вредни обекти како: Македонскиот народен театар, Филхармонија, Куќата на Мајка Тереза, Музејот на националната борба, плоштадот од другата страна на Вардар, Жичарницата…. ) Скопје, барем оној во Центарот од градот доби друг лик. Затоа многумина вљубеници во нашиот град од други места, кога ќе дојдат не можат да го препознаат тоа наше Скопје со „микро клима, топли лета, кочан зима….како што пее Влатко Стефановски.
Во ова Скопје, кога ќе излезеш во центарот можеш повеќе да се сретнеш со личности од минатото во форма на скулптура, отколку со луѓе, пријатели, познати…се изгубија ..се повлекоа пред налетот на архитектонските промени, на општествената состојба, на немаштијата која зафати се поголем број на граѓани, но и пред налетот на промените во кои многумина не сакаат и не можат да се снајдат.
Но, Скопје има една универзална димензија, која ќе остане секогаш присутна а тоа е неговата местоположба која ни прави нам што живееме во него „Светот да ни е достапен како на дланка од пружена рака“.
И секако Сонцето кое сјае најсилно од врвовите на Водно.