Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д мапинг и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „GROOVE” (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис” кој ќе се одржи на 21 април на сцената на Националната опера и балет.
На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис” под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Музичкото искуство на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.
На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
– „Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш. Користиме технологија која првпат се употребува на концерти од ваков тип и во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки и уникатната програма ќе ја разбуди синергијата кај секој од присутните.“ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Инаку, ова е следен во низата на концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“, откако минатата година ја одбележа настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану која ја наполни концертната сала на Националната филхармонија.
Настанот ќе се одржи во Националната опера и балет, на 21 април (петок) со почеток во 20 часот. Влезниците, по цена од 750 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс во државата, како и на следниот линк – https://mktickets.mk/event/groove/.
***
ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ (МК): Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
ЗА ДРАГАН ЃОРЃЕВИЌ – СУЗУКИ (СРБ): Драган Ѓорѓевиќ e еминентен виолончелист и професор по виолончело на Факултетот за музичка уметност во Белград. Почнал да свири виолина на шест години, но се префрлил на виолончело и ги добил првите часови кај проф. Реља Ќетковиќ. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград и ги продолжил студиите во Лондон, каде што свирел со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралската северна симфонија. Драган подоцна студирал со Јанг Чанг Чо на Hochschule fur Musik во Германија, каде што ја добил својата диплома со одликување и посебна чест. Како солист и камерен музичар, Драган настапувал на бројни меѓународни музички фестивали и соработувал со многу реномирани уметници. Тој е и уметнички директор на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја.