Скопје, 8 Март 2023
Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата, со особено задоволство го најавува второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии“.
Отворање на 9 Март 2023, Чифте амам, 12 часот
Изложбата која го носи предзнакот 2, ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции. Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6та и 7та деценија на 20 век: Вангел Коџоман, Василие Поповиќ– Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија. Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија.
Изложбата ќе ја отворат г-дин Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија, г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија и д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска- Михајловска, виш кустос во Националната галерија.