Ана Дорник ќе ја промовира својата книга во Скопје

Конечно македонската публика ќе има можност одблиску да ја запознае популарната српска хуманитарка и инфлуенсерка Ана Дорник, жената која со својата работа ѝм помага на многу жени да се справат со борбата со ракот.
Ана Дорник е хероина, една од нас, жена која победила во борбата со ракот на дојка и одлучила со своето искуство да ѝм помогне на сите жени кои поминуваат низ иста фаза во животот.
Со своето здружение „Жена уз жену“ и автобиографската книга „Ти си таа“ таа се бори за поголема свесност за раната превенција, едукација и поддршка во лечењето и секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените кои се борат со оваа болест.
На 29 март, во хотелот Александар Палас, со почеток во 19 часот, Ана ќе ја промовира својата автобиографска книга „Ти си таа“ а гостите ќе имаат можност да проследат дел од нејзините мотивациски говори како и одблиску да ја запознаат и да поразговараат со неа. Поддршка за македонското преставување Ана Дорник доби од нашето Здружение ЕЗРА.
-Искрено се радувам и со нетрпение ја очекувам средбата со македонската публика. Веќе имам многу следбеници од Македонија, кои постојано ми пишуваат и ме канат да дојдам кај вас. Затоа, со помош на моите пријатели од Езра, одлучивме да ја направиме оваа промоција и да се запознаеме и во живо. Нашата борба е универзална, не познава граници или јазични бариери, сите сме ние исто во нашата истрајност да го победиме ракот. Затоа е важно да зборуваме отворени и да се поддржуваме- вели Ана Дорник.
Инаку, за својата хуманитарна работа Ана Дорник ја добила наградата за животно дело на министерството за здравство на Србија, како и други награди кои се признание за нејзините заложби. Таа ја води и ТВ емисијата „Со Ана без табуа„ во која гостувале многу естрадни ѕвезди и јавни личности од Србија и регионот.
За време на промоцијата, посетителите ќе можат да ја набават нејзината автобиографска книга, а целиот приход од продажбата ќе биде наменет за борбата со ракот на дојка. Исто така, Ана Дорник заедно со претставниците на здружението Езра ќе ги посетат и жените кои се ново оперирани на клиниката за торакална хирургија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.