Од ликовната уметност на крајот на 2018-та издвојуваме

likovna dejnost

Изложба на портрети на Феликс Надар

Четириесетина најдобри портрети на францускиот фотограф со светска слава, Феликс Надар (1820-1910) беа изложени во изложбениот простор на објектот Мала станица во декември минатата година .
Меѓу портретите се и оние  на Сара Бернар, Александар Дима, Клод Дебиси, Шарл Бодлер, Жорж Санд, Жак Офенбах, Емил Зола, Жил Верн и уште десетина големи имиња од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

likovna dejnost

Изложбата беше реализирана  со  заедничка организација на Францускиот институт во Скопје и Националната галерија на Македонија, благодарение на престижниот Jeu de Paume вo Париз, во соработка со Медијатеката за архитектура и културно наследство и Министерството за култура на Франција.

Гаспар-Феликс Турнашо,познат под псевдонимот Надар е роден во Париз на 6 април 1820 година. Работел како фотограф, карикатурист, новинар и писател.

Бунтовен и храбар, со чисто изразени социјални идеи, бил првиот фотограф кој се спротиставил на општото јавно мислење, развивајќи ги до крај своите лични идеи и вкусови. Неговото име ќе остане запишано во историјата на фотографијата, како првиот човек кој направил фотографија од воздух.

Ги претставува и воведува жанровите аерофотографија и портрет. Сакал да ги фотографира оние кои лично и непосредно ги познава. Архивата на Надар содржи фотографии од речиси сите познати писатели, поети, артисти, актери, музичари и танчери во своето време. Бил нарекуван и „фотографот на ѕвездите“, своевиден експериментатор и впечатлив артист, чии портрети претставуваат Пантеон на неговото време.

Изложбата, „Славните портрети на Надар“ ги покажува богатството и виталноста на  соработката  на полето на фотографијата и во сите културни сфери воопшто меѓу Франција и Македонија .

„Фотографијата е прекрасно откритие… Теоријата може да се изучува за еден час, основите на технологијата во еден ден… Но она што не може да се научи е чувството на светлина. Начинот на кој светлината паѓа на лицето, мора да го фатиш самиот. За да добиете сличност, а не банален портрет, мора да сте сојузници со портретираниот, да ги почувствувате мислите и неговиот лик, вели самиот Надар. 

likovna dejnost

Изложбата на портретни фотографии на францускиот фотограф, карикатурист, аерограф, романсиер, новинар со меѓународна репутација Надар – Гаспар Феликс Турнашо“ беше значаен културен настан од областа на ликовната уметност кај нас изминатиов период.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.