Некогаш нѝ изгледаше сосема недостижно светски музичари да бидат наши драги гости, а нашите музичари да ги пресретнат подеднакво виртуозно, и да ѝм парираат, малку по малку сега тоа како да нѝ станува рутина. Бесценета рутина.
А од она што го слушнавме неодамна како заедничко велемајсторство на светскиот музичар Роџер Ино и на македонскиот музичар со светски квалитет Џијан Емин, изведено од Македонска филхармонија, би рекла како да не беше дозирано малку по малку, беше малку повеќе од повеќе.
Седев на “Седеф” и размислував, ако седеф е најмекото во мекотелите во школката, концертот беше “школката” која се отвора само по потреба да се земе најскапоценото од неа, бисерот.
Составен од медитативната музика на Роџер Ино, аранжерски прегрната од Џијан, нашиот фамозен аранжер воедно и диригент, за кого ќе речам дека од сите негови аранжмани и музики искрат искри и создаваат еден чуде(се)н елекрицитет кај публика, но морам да признам покрај џезот, рок, поп фанки, забележливо дека класика и тоа како му прилега(ла). Тоа се покажа во оваа комбинација. Музиката обликувана во една сосема класична варијанта, час и половина ја впивавме во целосна тишина во салата, молчешкум дури и со сопрени воздишки.
Во срцевината на авторските композиции од опусот на Ино, е мелодија која создава атмосфера, а тоа беше максимално запазено и зачувано од страна на аранжерот, само беше покриена нежно, проѕирно, прозрачно, со музички целофан.
Господинот Ино беше сосема искулиран, повремено свиреше на пијаното па седнуваше на фотелјата на сцена, од каде рецитираше своја питка поезија, а во заднина на ѕидот одеа визуелизирани видео анимации кои ја надополнуваа убавината.
На самиот почеток тој нѝ го претстави својот клавир, стар 50 години, а на видеото одеше и снимка од „кремирањето“ на клавирот со што се прости од него, видео анимација проследено со музика. Симпатично опуштениот гостин рече дека Џијан завршил одлична работа, а заедно со оркестарот ги пофали дека го издржале и повеќе од неговата сопругата.
Концертот почна во фоајето, со изложбата „Посветло отколку без светлина“ на уметникот Стефан Шашков, чии дела се инспирирани токму од музиката на светски познати музичари меѓу кои и Роџер и Брајан Ино, Харолд Бад, Џон Хаел…
Односно, ако вратиме поназад концертот всушност “почнал” во 2019 година кога новинарот Ненад Георгиевски го запознал на концерт во Берлин, а потоа ги поврзал со Емин.
Инаку, за значењето на британскиот музичар Роџер Ино во светски рамки зборува и фактот дека бил номиниран за наградата БАФТА. Кариерата ја започнува работејќи со својот сега славен брат Брајан Ино на саундтракот за филмот „Дина“ (на Дејвид Линч), додека неговата музика е аудио- подлога во филмови „Девет и пол недели“, „Лудачка кошула“, “Треинспотинг” (затоа на моменти на концертот ја препознававме музиката). Од сер Тревор Нан бил одбран да компонира музика и за извонредната продукција на „Предавство“ на Харолд Пинтер во лондонскиот Кралски национален театар. Инсталации од овој мултиталентиран уметник се претставени и во британската галерија „Тејт“, на Фринџ фестивал во Олдборо, во Словачка и Австрија, во Ноќниот музеј во Источна Англија, како и во разни изолирани средновековни цркви. Како соло- изведувач, пак, има настапувано во својата Британија, низ Европа, САД и Јапонија- во пештери, шатори, неговиот локален театар и во концертната сала „Квин Елизабет”.
Маестро Џијан во оваа прилика на свој начин ја воздигна неговата музика, ѝ вдахна посебност. И модерно, и класично. Тоа му го кажав и лично на Роџер по концертот, го затекнав во стилот на “момче од соседството” како седи на клупа зад Филхармонија со чаша вино во рака и муабети со младиот прекрасен скопјанец Симон и една девојка, Симон изрази длабока одушевеност, особено од вториот дел на концертот, во кој пак и јас бев речиси вовлечена до сон, и покриена со мека музичка покривка. Се разбира. Убавата музика свиреше, сакаш- нејќеш ја воспримаш со секој свој дел и те заспива без да почувствуваш и без да си свесен за тоа.
На прашањето пак директно упатено до мене “Како ми се допадна сето тоа?”, му објаснив што помислив за време на нашето музичко патување.
Мојот брат некаде во 2000-та година од Германија ја донесе целата компилација на најдоброто од сите најголеми светски класици на сите времиња, на 20 компакт дискови. Беше многу фино за слушање, заразно, магично и не те пушташе да ги прекинеш, со часови. Создаваше чувство на возвишеност кај слушателот, слушајќи го она што е дестилирано од најдоброто. По толку години токму овој концертот спонтано и неочекувано ми го врати тоа чувство, на најдоброто, поминато низ најчист филтер.
Ја почувствував мекоста на душата, и душата на мекоста на овој музички седеф, кој како печат ќе остане втиснат во нашите трајни музички сеќавања, чинам… Сега останува прашање на време кога ќе бидат изведени и некаде пред поголем аудиториум.
А, веќе реков, до само пред некоја година ние и не верувавме дека големите уметници од светот ќе дојдат во нашата голема прегратка, полна со уметност и големи соништа, малку по малку сосема остварливи и сѐ повеќе на дофат.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Новинар и уредник во КулАрт
(Фото- Бојан Георгиевски)