Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС го организираа меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме просторот за дигитални информации“ како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
„Младите размислуваат“ е петгодишна програма, финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и имплементирана од ИРЕКС во соработка со локалните партнери – Институтот за комуникациски студии (ИКС), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ).
Директорката на ИКС, Жанета Трајкоска , го отвори настанот и ги претстави целите на симпозиумот, и истакна дека во денешниот медиумски заситен свет медиумската писменост е клучна компетенција за сите, па едукативните програми и иницијативи мора да бидат инклузивни за да стигнат до што поголем број луѓе. „Медиумската писменост мора да е респонзивна на постојаното менување на дигиталното окружување. Таа во себе мора да вклучува и креативност и технологија, а граѓаните мора да развијат вештини од начин на проверка, преку разбирање и истражување, па се до идентификување на изворите и градење отпорност кон дезинформациите“, кажа Трајкоска.
Во своето обраќање, претставникот на УСАИД Северна Македонија, Џери Дајбл , истакна дека медиумската писменост и критичкото размислување ќе им помогнат на младите луѓе да се справат со информациските нереди. „Консументите сами да ги носат заклуоците наместо пасивно да ги примаат информациите од алгоритмите. Медиумската писменост е важна за да се справиме со дезинформациите и мисинфомациите за задржување на демократските вредности“, рече Дајбл.
Ирене Андриопулу, заменик генерален секретар на Меѓународниот управен комитет на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, ги нагласи опасностите од дезинформациите и важноста на медиумската писменост и критички настроени млади за сузбивање на нивниот ерозивен ефект. „Секој денес има свој вулкан од мислења кој еруптира во зависност од агендата и тоа најмногу се рефлектира преку социјалните медиуми. Информациите може да бидат подеднакво ризични ако луѓето само ги восприемаат и затоа е важно да умеат да сортираат. Дезинформациите не е лесно да ги препознаеш особено кога ќе се измешаат со останатите вести“, кажа Андриопулу во своето излагање.
Паоло Челот, основач и генерален секретар на EAVI – Европската асоцијација за интереси на гледачите, ја истакна важноста од активни млади граѓани со цел поттикнување на професионални и веродостојни медиумски содржини. „Учеството е способност на поединецот за користење на медиумите во поглед на критичкото размислување. Учеството се однесува на поврзување, споделување и учествување во јавниот живот. Медиумската писменост е во основата на сето ова. Овој концепт се поврзува со дигиталното или активното граѓанство кое пак е во врска со демократијата, дезинформациите, комуникациите, поврзаноста, давањето моќ или ангажирањето во суштина“, рече Челот.
За време на симпозиумот беше одржана и работилница за млади водена од фондацијата SHARE, на која група од 50 средношколци, студенти, и други млади луѓе научија како да управуваат со современите дигитални медиуми на безбеден и одговорен начин.
Се одржа меѓународен симпозиум на тема „Да си го вратиме просторот за дигитални информации“
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.