Голема уметничка привилегија ќе биде доаѓањето на славниот Иво Погорелиќ во Скопје, каде на 22 април ќе одржи концерт со камерниот состав “АЈГА”, кои се и организатори, а под диригентство на младата Ана Спасовска.
*Многу надеж и возбуда внесе најавата за гостувањето на големата светска ѕвезда. Кога и каде ќе се случи овој голем настан?
-Концертот на Иво Погорелиќ за нас претставува особена чест и гордост, бидејќи како што кажавте овој легендарен пијанист за првпат настапува во Скопје со македонски оркестар и диригент. Настанот ќе се случи на 22. април во големата сала на Македонската Филхармонија во 20 часот .
* “Неговите евокативни интерпретации, обликувани од префинет музички вкус, ги проширија хоризонтите на литературата за пијано…“ стои во описот за грандиозниот уметник. Но, како дојдовте на идеја, до шанса и до реализација воопшто на ваков грандиозен момент?
-Да бидеме искрени, идејата произлезе од сето тоа што го напоменавте погоре. Тоа е мал дел од критиките напишани за него, но воопшто не е нешто непознато за пошироката публика. Без размислување се одлучивме дека сакаме Иво Погорелиќ да е првиот солист со оркестарот “АЈГА”. А кога е некој сигурен во идејата, тогаш реализацијата е лесна.
*Овој легендарен пијанист ја одбележа класичната музичка сцена на нашето време, велат исто така за генијалецот и додаваат: “Неговиот уникатен музички талент и иновативниот пристап го ставија меѓу најоригиналните музички умови на денешницата”. Но, што е она што во Ваши очи, како уметници го прави уште попосебен?
-Неговата оригиналност и интерпретација според нас се недостижни. Маестро Погорелиќ е докажан уметник во светски рамки. Настапува како солист со најдобрите светски оркестри во најубавите светски сали. Не би го криеле и моментот дека овој успешен уметник има југословенско потекло и самиот тој сакаше да настапи во Скопје како солист.
*Негувајќи го култниот статус на уметникот, Deutsche Gramophone објави двојно ЦД во 2006 година со неговите интерпретации, насловено „Генијалецот Погорелиќ“. Од тогаш доби дополнително поголема слава, поточно се дозна за него на големи светски ѕвона. Во Скопје со каков репертоар ќе настапи? Ќе слушнеме ли нешто од овој фамозен албум?
-На наше големо задоволство, да. Ќе имаме шанса да го слушнеме Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Шопен. Неговата снимка на овој концерт, со Абадо и Чикаго Симфониски оркестар според многу светски критичари е недостижна.
*Кој ќе биде во негова придружба на сцена?
-Маестро Погорелиќ досега никогаш нема настапено со македонски оркестар. Огромна среќа, но и одговорност нѝ претставува тоа што за првпат ќе настапи со оркестарот “АЈГА” и Ана Спасовска како нивен диригент.
*Која е нашата музичка “АЈГА”? Која е Вашата карта на препознатливост? Освен што се наведува е дека Ајга е прва престолнина во времето на Македонското Кралство. Според античката традиција, градот го основал Каран, легендарниот родоначалник на македонската кралска куќа, митскиот предок на Македонците. Честопати се поистоветува со Воден (Едеса)…А сега е и уметничко име.
-Со оглед на тоа дека “АЈГА” е формирана во септември 2022, ние за три месеци успеавме да реализираме два успешни концерти со полни сали. Оваа сезона имаме многу примамлива програма. Ќе настапиме на отворањето на 46-тото издание на фестивалот Денови на македонската музика на 27. март со диригентот Виктор Митревски. Нашиот втор концерт ќе биде на 22 април. Тоа е концертот со солистот Иво Погорелиќ и диригентката Ана Спасовска. И пролетната сезона ќе ја затвориме на 29. мај со германскиот виолинист Кирил Трусов, нашата добро позната обоистка Гордана Јосифова Неделковска и флејтистот Страшо Темков.
*Во Охрид во 2015 година овој сјаен маестро одржа два концерти на славната манифестација “Охридско лето”. Може ли да се случи и во Скопје реприза на оваа музичка чест, доколку има голем интерес?
-Веќе имаме голем интерес и многу позитивни реакции. Тоа беше до некаде и очекувано за настан од ваков тип. Сепак одлучивме да направиме само еден концерт, без реприза овојпат. Се надеваме дека публиката на време ќе реагира на концертот, а можеби во иднина ќе го имаме и за вторпат, па ќе имаат втора шанса да го слушнат.
*За крај и малку технички информации. Колку чинат билетите и каде може да се набават? Ќе имаат ли обожавателите некоја друга можност да го сретнат во Скопје за време на неговиот престој?
-Билетите можат да се купат онлајн на страницата kupukartazase.com; исто така достапни се во Југотон ГТЦ и сите продажни салони во мрежата на КупиКартиЗаСе. Цената варира во сооднос со местото кое го избирате.
*Бидејќи ја редактирав книгата со мемоари на Војче Китановски наидов и на оваа анегдота. Тој запишува: Едно лето седевме на терасата со режисерот Емир Кустурица во хотелот “Екселзиор” во Дубровник, многу ми е драго што ме покани мене за друштво на маса ама беше крај на туристичкиот ден, на зајдисонце. И тогаш, некој се затрча кон нас. И гледајќи го Погорелиќ, Кустурица го праша- “Дали вие работите тука?” Погорелиќ молчи, и по триесетина секунди, Кустурица го гледа, сфаќа кој е пред него и му се извинува “Леле вие сте Погорелиќ, извинете Ве молам”. Но Погорелиќ итро му возвратил “А дали пак можеби Вие работите овде?”… Потоа се случила дружба… Верувам и ние ќе раскажуваме доста, по неговото доаѓање во Скопје. Го очекуваме со нетрпение!
Валентина Ѓоргиевска Парго
“АЈГА” И АНА СПАСОВСКА: Иво Погорелиќ за прв пат ќе настапи со македонски оркестар!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.