Златна плакета за Џакомо Скоти и Снежана Дабиќ

Здружението за Литература и Култура “Бран 2010″ од Струга на 13-ти февруари 2023 година на Џакомо Скоти и Снежана Дабиќ им додели Златна плакета за посебен придонес во промоцијата на македонскиот јазик и литература.
Џакомо Скоти роден е на 01-12-1928 година во Савијано, Неапол – Италија. Во 1947 година од Италија се преселил во Хрватска. Скоти е италијански и хрватски писател, новинар, литературен преведувач. Тој е член на Хрватското книжевно друштво – Риека и член е на Друштвото на хрватските писатели и Пен.
Професионално се занимава со новинарство од 1948 година, истовремено посветувајќи и се на литературата. Промотор е на хрватската литература и македонската литература во Италија. Тој е еден од најплодните писатели во регионот на Истра и Риека.
Џакомо Скоти во средината на 20 век дава голем придонес во афирмацијата на македонската литература во Италија со преведувачки прилози, есеи и антологии. Меѓу другото, ги објавил антологиите La poesia macedone (Сиена, 1965), Narratori macedoni (Сиена, 1967), Canti popolari macedoni dal Medio Evo ad oggi (Милан, 1971).
Во репрезентативни антологиски избори ги претстави поетите и раскажувачите Блаже Конески (La ricamatrice, 1967), Божин Павловски (L’ombra di Radovan, 1968), Матеја Матевски (Nebbie e tramonti, 1969), Анте Поповски (Terra di Macedonia, 1972), Славко Јаневски (Il soldato due metri sotto terra, 1975), Кочо Рацин (Albe candide, 1975)…
Покрај тоа, преку преводи и написи во книжевни списанија, тој на италијанската културна јавност им претставува повеќе од дваесет македонски романсиери и раскажувачи, почнувајќи од Константин Миладинов до Ристо Јачев и Санде Стојчевски.
За неговиот голем придонес во афирмацијата на македонската литература и култура во Италија и Хрватска, Здружението за Литература и Култура ,,Бран 2010″ од Струга му додели Златна плакета за посебен придонес во промоцијата на македонскиот јазик и литература.
Снежана Дабиќ, професор по српски јазик и литература. Работела во основното училиште „Миќа Стојковиќ“ во Умчари. Живее во Белград.
Член е на Литературното друштво „Раковица“ од Белград. Главен уредник е на училишното списание „Училишни огледала“ на ОУ „Мица Стојковиќ“ во Умчари. Нејзини публикации се:
„Магијата на сонот и имагинацијата на Братислава Магдиќ“ – есеј – Литературно списание за млади „Гороцвет“, Јагодина, 2011 г.
„Поезија на верата и надежта“ – есеј – во стихозбирката на Братислава Магдиќ „Виорот и исчезнувањето“ – Обележја плус, Белград, 2012 година.
„Молитва на Маријана-Бор Паздњикова“ – во стихозбирката на Маријана-Бор Паздњикова „Прегрни нè, небески ветрови“ – Струга, 2013 година, во збирката на Снежана Дабиќ „Прегрни нè небески ветрови“, Белград, 2013 година.
Снежана Дабиќ има повеќе книжевни преводи од српски на македонски јазик. Има учество во преводот на два романи на македонскиот писател Петко Шипинкаровски ,,Утринска молитва” и ,,Златни обетки за Марија”. Има и други авторски преводи од српски на македонски јазик.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.