Најзначајната фигура на македонскиот 20 век, Блаже Конески, ќе го видиме претставен во новиот филм “Јанѕа” на авторот Никола Т. Калајџиски.
*Многу пријатно ме изненади кога видов постер дека е снимен филм за Конески и дека во март ќе биде во кино салите.
-Јас искрено се надевам дека “Јанѕа”, работен по мотивите на “Дневник по многу години” од Блаже Конески, во март конечно ќе ја доживее премиерата. Филмот е активно подготвуван две години, со активни истражувања уште две години наназад. Значи вкупно се четири, почнува петта година. Многумина прашуваат зошто филмот сѐ уште нема видено бел ден? Ако ви кажам зошто филмот сѐ уште нема премиера ќе ве излажам, зашто и самиот не знам. Од проста причина што подводните гребени на политиката и нечии суети го доведоа филмот до ова дереџе, обидувајќи се да направат јас да се откажам од негова реализација. Меѓутоа, еве со помош на одредени луѓе, и одредени структури, филмот конечно ќе види бел ден. Неодамна имавме една затворена проекција во Кинотека на Македонија.
*Значи завршен и готов е филмот?
-Па, останува уште тонската и колор обработка. Драматуршката работата е завршена.
*Она “конечно” ми падна во очи. Ние сме горди и веќе неколку години чествуваме јубилеј сто години Конески, јубилеј кој не се врзува само за годината во која е роден, туку и многу повеќе од тоа, затоа што Конески е актуелен во секој момент, со сето негово значење за македонскиот јазик и за македонската нација. Но зборот “конечно” некако малку непријатно ме загрепка.
– Видете, јубилејот е важен и не е важен. Јубилеите се пригоди, а Конески е вечност. Како оној стар македонското збор векутумски. Еве зошто: Блаже Конески е еден од столбовите на сѐ што значи македонска култура, македонски идентитет и македонски јазик. Нели ја знаете онаа негова реченица “Македонскиот јазик е нашата единствена целокупна татковина”, тоа е мотото и идејата на филмот. Кога влеговме во филмот тргнавме со идеја да не правиме портрет на Блаже Конески, всушност преку приказната за Блаже Конески да го направиме портретот на Македонија. Некогаш, вчера и утре. Затоа неслучајно мотото на филмот е една парафразирана реченица на Конески „Не ме дума минатото. Ме дума денот утре како ќе го толкува моево денес…“. Филмот е провокативен во наводи и ги кажува сите сцили и харибди на македонското опстојување низ милениумите, ги кажува сите болки на Конески, меѓутоа ги кажува и сите оние вознеси кои Конески ги носел во себе. Всушност филмот, еве си дозволувам да бидам дрзок да кажам, го спроведува тестаменталниот аманет на Конески. Дека сме тука на овие простори, дека сме Македонци, дека сме свои и дека не може никој да нѝ го земе тоа што го имаме, дека е наше, македонско…
*Со оглед на Вашето искуство и реномето што го уживате како документарист број еден,меѓу водечките, а јас професионално го следам одамна, документарист кој работел долги години на многу значајни документарци и со големи имиња од Македонската телевизија, која беше Ваша матична куќа, сосема разбирливо е што и филмот и темата се во Ваши раце. А, другиот дел од екипата како ги избиравте и кој сѐ ја сочинува?
-Беше големо задоволство да се работи со кинематограферот Дејан Димески кој е европско име, воедно и продуцент на филмот и мојот прв соработник Аристид Филактов кој е ученик на покојниот Андреја Зафрановиќ, врвен монтажер, кој патем е и мој соработик на филмот како асистент на режија. Има десеттина имиња во екипата, ова се најблиските. Филмот е финансиски поддржан од Агенција за филм на Република С. Македонија.
*Вие го направивте сценариото?
-Сценарио, режија и текст.
*Како дојдовте на идеја?
-Во, сега веќе далечната 2016 година, кога сѐ уште беа актуелни нападите врз ликот и делото на Конески, морам да признам јавниот сервис таков каков што е, ми дозволи да го изработам документарниот филм “Големиот од Небрегово”. Тоа беше основниот мотив. Но знаете МТВ како работи- не ви дозволува многу да истражувате, туку ви дава рокови и термини, спакувај синопсис, снимај два три дена, монтирај два три дена. Нејсе. И си дадов задача себе си за стогодишнината од неговото раѓање со поддршка на некои луѓе, можам да ги споменам двајца- професорот Људмил Спасов и директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова Грујоска, да направиме еден долгометражен документарец од сто минути, пригодно за стоте години, работевме истражувавме и еве го резултатот. Инспирација односно предлошката беше “Големиот од Небрегово” претходниот филм кој е 40 минути и за волја на вистината МТВ го пушти на програма без оглед на сите отпори, и рака на срце го емитува сите пригодни моменти и ден ден. И сега, кога го изработивме овој филм за Конески беше идејата да го спакуваме пригодно за годишнината, сто години. Меѓутоа што ќе направевме, ќе го залепевме само. Ништо повеќе. Зошто жарот е едно кога работите емисија, друго е кого работите документарец, има своја синтакса. Си има филмски јазик. И излезе филм од сто и една минута. Морам и да кажам дека филмот не е на некој мигови пријатен за гледање, покрај сите наши вознеси зборува и за нешто што се случува не е многу пријатно. На пример има моментуми кои младите генерации не ги знаат, а да не зборувам за нападите, кои се врзани, врз македонскиот идентитет и врз јазикот. А она што многу боли во филмот, луѓето кои го напаѓаа ликот и делото на Конески денес излегуваат негови најголеми поддржувачи и луѓе кои зборуваат без перде без срам, каков Македонец бил. Голем Македонец бил, вака, така, А забораваат што зборуваа за него.
*Мислите ли го смениле своето мислење, често тоа знае да биде искажано и под влијание на партиски рефлексии.
-Не. Не е на партиски. Внимавајте и јас сум политички определен, меѓутоа мојата определба никаде не ја афирмирам. Особено не во филмовите.
*Вие сте висок професионалец, тие немаат такво ниво во својата професија.
-Тоа се луѓе без’рбетници, за жал ги има и во едната и во другата политичка провиненција. И тука е проблемот. И веројатно филмот се најде меѓу чеканот и наковалната, така што дури и една моја соработничка вели “Никола кај најде сега да го работиме филмот, горе високо долу длабоко”. Но тој е мојот одговор на сите напади па и лажни пофалби во наводници, се надевам премиерата ќе расчисти многу нешта.
*Сега тука дозволете ми да дам една своја констатација, значи независно од која партија сме или не сме кога станува збор за ваква национална вредност прво треба да има општ отпор од луѓето, кога некој од тие без’рбетници ќе си дозволи да каже некоја глупост, или ќе дал слободно произволно, но недозволиво мислење за нешто што за нас има големо значење. Но Вашиот одговор чинам дека е баш во стилот на Конески. Вие правите сега филм со којшто филм ѝм докажувате на нив дека не се во право, толку не се во право што дури го промениле и сопственото мислењето…
-Конески беше вулкан, но и многу тивок човек. Конески работеше за интересите на Македонија и не се бореше некому да докаже. Македонија е арте факт низ милениуми, не е Македонија ниту ВМРО ДПМНЕ ниту СДСМ, ме разбирате. Јас само се обидував сето она што го создал Конески, коцките на мозаикот и на полето на лингвистиката и на полето на литературата, да го спакуваме во една целина. Нели цело е кога има сѐ. Колку сме успеале, не знам. Можеби сме ја промашиле темата, меѓутоа се водевме во филмот да не повредиме ничии чувства, ниту сакавме, а иако можевме многу лесно да именуваме- овој вака направил, оној онака направил. Се обидовме да го зачуваме дигнитетот и на непријателите, а сега пријатели на Конески. Зaшто, Конески е епоха. Филмот преку приказната за Конески се обидува да нѐ обедини во ова време.
*Велат тоа е најголемата мудрост непријателот да го претвориш во пријател. Тоа е таа исконска сила таа аура на Конески која чинам сѐ уште живее.
-Ќе се изненадите од филмот, јас се изненадив. Добив поддршка и од претседателот на државата господинот Стево Пендаровски, а знаете сега и за сите напади врз институцијата “претседател”. Пендаровски застана до филмот со неговата поддршка. Не зборувам материјална, морална. Тоа беше “инпут” филмот да дојде до некоја институционална завршница. Затоа што, навистина не е ни време ни пригода да долеваме масло на оган во овие состојби.
* Сега одам на една друга тема. Психолошки колкав период кај Вас беше потребен, со сета одговорност да се соочите како што и самиот рековте со една ненадминлива големина. Тоа бара психолошка подготовка кај секој автор. Во што се состоеше вашиот тренинг за да се дојде до тоа?
-Еве како, да Ви откријам, ќе се изненадите и тоа исто ме шокира. На пример, пред почнување на снимањето направивме анкета низ Скопје. Прво дали знаете колку има во Скопје во центар книжарници? Јас ќе ви кажам, има 14. Во годината на јубилејот на Конески освен во “Култура” која имаше есеј за Конески, немаше ништо друго за Конески во ниедна книжарница. Тоа е прво. Анкета направивме меѓу 79 испитаници. Знаете на прашањето “Кој е Блаже Конески?” освен со кревање рамења и “Не знам!”, одговорија само 11 луѓе. Сѐ ви кажав со тоа. И тоа луѓе од различни генерации. Од ученици до пензионери. Тоа беше шокантен податок и тоа беше “инпутот” да влеземе во приказната. Книгите ги набавив од госпоѓата Ивановска на плоштад што продава стари книги. Најдов нешто материјали, меѓутоа приказната се водеше од неговиот “Дневник пред многу години”, каде што има еден куп работи. Еве еден негов мал есеј кој ме водеше цело време низ филмот. Професорот имал навика барем еднаш месечно да помине во неговото село Небрегово, се шетале со еден негов соселанецот и наеднаш селанецот видел две змии испреплетени меѓу себе. Ја зел мотиката и ги убил змиите. Блаже му рекол “Човеку што направи, што стори?”. “Како што сторив професоре, две стии убив”. “Не, ти уби една прекрасна неродена рожба, змиите водеа љубов”… И тоа ме водеше, во име на љубовта. Ја знаеме приватноста на Конески, меѓудругото и тоа се чепка, се обработува во филмот. И за неговите недоразбирања на традиционалисти и модернисти во литературата, па и тоа на што да се приклонил во создавањето и модифицирањето на македонскиот стандарден јазик, дали на она како што велат србоманот или бугароман. Ниту е србомани ниту бугароман , туку македонистот Блаже Конески.
*Ми одговоривте две прашања што сакав да Ви ги поставам, едното од нив беше токму оној најсуштински момент што би го издвоиле. Еве за љубовта, сѐ е јасно веќе …
– Да, љубовта.
*Ми зазвучи на момент како да е ставена и над јазикот, во случајот.
-Да, Конески е љубов .
*Приватниот живот треба да го оставиме, а неговите чувства да ги почитуваме максимално …
-Се допираат и сегменти од неговата приватност кои досега не се објавани во јавност.
*Ваша слобода е на кој начин ќе го интерпретирате во чувствата и во сентиментот…
-Земете ја само само песната “Нежност”. Ти “само, што ми идеш на сон, од денот- в предел темно- мрежен, ти една само можеш да кажеш колку сум тих, и дури нежен” … Меѓудругото научив безмалку половина негови песни наизуст.
*Пред малку ме потсетивте да потврдам дека сте во право за анкетите. Во почетокот на 2000-тите години, присуствував на снимање во едно од студијата на МТВ и на излегување, во ходник, речиси на нога ме прашаа како ги поминувам вечерите, што најмногу сакам. Јас одговорив, првото што во тој момент мене ми дојде на ум, дека најмногу обожавам кога седам на креветот дома на топло и го читам Конески. И ништо не ќе беше чудно, ако по таа изјава дадена на телевизија, дури и колеги новинари не ме прашуваа “како ти текна на Конески?”. А, на кого да ми текне кога станува збор за некоја национална вредност, иако навистина имаме и други фантастични поети и писатели кои мене ми се многу омилени. Но, тој е Тој. Вам колку време Ви требаше да го исчитате, да го простудирате, да го впиете, анализирате, тоа навистина бара ангажман?
-Не е ангажман, тоа е задоволство. Конески не се елаборира со месец, со година две. Човекот е безвременски. Почнав да го читам уште кога бев млад, на академија во првата година во Белград, кога ме одбија од драматургија и кога за да не губам година се запишав на факултет кој се викаше во тоа време Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, денеска не постои. Значи од тогаш го читам и повторно сѐ уште истражувам. Блаже Конески не е елабориран. И не е она кога велиме само националното. Блаже Конески не само националното и уште помалку само национализам. Блаже Конески припаѓа на светското семејство на културата. Како што имаме и еден куп други дејци. Како еден Мисирков… Тој е само продолжувач на делото на Мисирков и нивните современици. Само, меѓутоа, кој да разбере денеска, особено малите генерации, за жал.
*Како да се направи филмот да се доближи до младите генерации? До нив не допираат овие информации и тие, разбирливо, се во некое несознание?
– Јас бев во една драматуршка недоумица кога го правев, една наша колешка, филмски критичар која го има погледнато филмот, вели “Никола, за да се разбере филмот треба предзнаење”. Во една верзија од филмот се обидов да дадам некои драматуршки објаснувањата па се вратив назад. И затоа можеби филмот всушност е провокација “инпут” за некој да земе да каже “што сакал писателот да каже” и да продолжи да го истражува делото на Конески. И она што ми е најбитно и најважно- во филмот има 22 интервјуирани лица, академици, професори, доктори на науки и петмина веќе починати меѓу нив и Славко Јаневски. Филмот има всушност поднаслов “Македонствуваме со Конески”. Во филмот е жив, во разговорите меѓу Професорот неговите современици. И на тоа сум горд, на таа моја драматургија.
*Верувам дека искрено дури и “од петици” сте го извлекле целиот свој професионализам и умеење за да ги вградите во ваков филм, бидејќи ова и покрај сите ваши успеси треба да е како една круна.
-Нема во нашиот занает тоа. Вие најдобро знаете. Се продолжува понатаму со работа. Се надевам дека нема во бункер да заврши.
*Нема да дозволиме. Навистина нема да дозволиме … Јас ви ветувам дека ќе бидам на Ваша страна. Уште кога го видов постерот ме штрекна кога го видов” Што е ова? Конески?”… На кого сме пасветиле најмалку внимание а треба најголемо “Благодарам” да му кажеме. Барем нашава генерација, кои живееме во оваа држава. Не зборуваме за младите кои заминуваат. Но, доколку кај нив би се развило тоа вистинско македонско чувство можеби ќе се сменат работите. Многу има да се зборува. Филмот, сигурна, сум ќе стави три точки. Што од Конески кај Вас најсилно се врежа овој пат?
– Токму оној слоганот на филмот. Професорот и минатото сите го имаме елаборирано, и за него не се дискутира. Конески во неговото време, основач на МАНУ, основач на друштво на Писатели, основач на Шаховскиот сојуз бил фантастичен шахист, пуздер ги правел во клуб кај Јоле, меѓутоа Конески секогаш работел денес, за утрешниот ден да биде оправдан пред сите нас. Затоа и слоганот е ќе повторам “Не ме дума минатото. Ме дума денот од утре како ќе го толкува нашево денес…“ а јас мислам на она што нѝ се случува нас во континуитет, немаме на што да се гордееме зашто направивме навистина пуздер и од себе си и од минатото и од идентитетот …
*Зошто “Јанѕа”?
-“Јанѕа” зошто…Прво работниот наслов сакавме да биде “Дневник по многу години”. Јанѕа значи немир, болка, с’клет, дури една од варијантите беше с’клет. Знаете ли како заминува Блаже Конески од овој свет? Настрана што го губеше видот, беше тешко болен од шеќер. Повеќе години живееше сам на Водно, ќерка му живее во Белград, и Блаже секој ден бил на инсулинска терапија. Еден ден оди во самопослуга “Славија” на Водно, со ќесичето во рака, зема половина леб, сардина и зденка, и наеднаш му се случува инсулински шок. Умира. Живее човекот на кој Македонија му должи, му должи навистина. Човек кој не дозволуваше ни политиката да го злоупотребува. Тој беше обичен златен човек, меѓутоа горд на своето минато и сегашност. Умира сам. Присуствува на осамостојување на Македонија а замислете по смртта првиот човек на првата политичкна партија формирана во Македонија, наместо да застане мирно пред него, кажува нешто што е невкусно, што и сега да се каже за него… Ете, затоа “Јанѕа”.
Валентина Ѓоргиевска Парго