Ненадејно во 61-та година од животот, почина маестро Милан Завков врвниот инструменталист и композитор, првенец на Танец и долгогодишен раководител на оркестарот, но над сево ова еден Голем Човек за секоја почит.
Врвен хармоникаш, инструменталист и композитор на кого сите му симнува шешир
Почнал да свири хармоника од 8- годишна возраст, на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот “Млад Танец” со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев”. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970-та година, со популарниот “Октет МАКЕДОНИЈА” ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група “Македонски мерак” остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи.
Има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.
Ора и чочеци беа негов фах.
Се се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Музичарите, фелата и публиката имаа беспрекорна почит кон него. Не сакаше почести а беше вреден за секоја почест!
Најмаестралниот меѓу маестрата замина во вечноста, збогум Милан Завков!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.