Конкурс: Се враќаат серенадите во Битола

Културен и информативен центар – Битола објавува конкурс, со траење од 01.02.2023 до 31.03.2023, за 14 нови композиции за потребите на фестивалот на битолската серенада “Ех таа серенада” 2023 . Композициите треба де се во согласност со досегашните принципи на компонирање на музика и пишување на текстови во корелација со староградската музика, со потенцирање на битолската серенада како основен уметнички израз. Сите варијации и иновации на оваа тема се добредојдени за збогатување на квалитетот на оваа музичка форма. Музичките дела ги очекуваме како демо снимка во mp3 формат, аплициран текст, и/или нотен запис на мелодиската линија со запишани акорди на нашата електронска адреса [email protected].
За изборот на композициите неприкосновено право при селектирањето и изборот на делата има комисијата назначена од КИЦ Битола. Избраните музички дела ќе бидат хонорирани со 12.000 денари за текст, 12.000 денари за музика и 12.000 денари аранжман. Изведувачите ќе добијат хонорар од 5.000 денари.
Во корист на квалитетот на фестивалот, организаторот има право да нарача одреден број композиции кај докажани автори, и ја задржува целосната контрола врз аранжманите, поради тоа што музичкиот настан ќе се изведува во живо со оркестар, со професионални музичари кои имаат искуство и знаење да одговорат на предизвикот.
Фестивалот “Ех таа серенада” 2023 ќе се одржи во Офицерски дом – Битола (плато) во рамките на Бит Фест 2023.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна до 15.04.2023.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.