ЕКСКЛУЗИВНО СО РИСТО ЛИЈАКОВСКИ: Со октетот “Македонија” бевме славни како “Битлси”!

Некои се работи се поставени така што ќе останат вечно репер за убави нешта, за трајни вредности. Еден од нив е и “Октет Македонија”, кој на македонската музичка сцена е знак за врвен уметнички квалитет.
Оттука пријатна е средбата господинот Ристо Лијаковски, жива легенда, еден од осумтемина величествени, со кого се навративме низ времето и во годините кога нештата за нив беа филмски. Кога едноставно, сѐ што ѝм се случуваше беше како некоја посебна бајка.
Господинот Лијаковски е роден Скопјанец, бил надежен кошаркар, но музиката го зела во свои прегратки, цели 50 години досега, и го држи цврсто и понатаму.
*Господине Лијаковски, оваа наша прошетка низ Вашиот музички времеплов, ајде да ја почнеме од почеток. Вие сте скопјанец…
-Скопјанец роден, меѓу ретките. Роден сум во Скопје во 1952 година, вага сум во зодијачки знак и тоа доста ме определува во моите карактерни особини како прецизност, точност, желба за естетика, за убаво, за балансирање. Роден сум во музичка фамилија, татко ми Томо свиреше гитара руски штим, а мајка ми Арети свиреше гитара италијански штим, јас и брат ми Кире Лијаковски, кој е речиси две години постар од мене и стана познат оперски пејач, го наследивме музичкиот талент. Мајка ми е битолчанка, со тетка ми, двете сестри ја пееле првата оперета што се постави во Битола, а ја диригирал Тодор Скаловски. Потоа отишла во Белград да студира соло пеење, зборувам за 1950 година, пред 70-тина години, и таму се запознала со татко ми којшто беше војно лице и бил таму за да полага мајорски испит. Се запознале и татко ми си ја зел тука во Скопје. Немаше музичка академија, си пееше дома, како домаќинка. Имаше неверојатно добар сопран, имаше извонреден слух, ги познаваше сите пејачи и пејачки било да се од народна или од забавна музика, само што ќе слушнеш веднаш знаеше кој пее. Следеше сѐ. Во кујна ќе си пушти радио и слуша. Едно време со радио се правеше ручек, немаше телевизори. И татко ми многу убаво пееше само што тој во војска беше претседател на војниот суд,и пуковник, па така не смееше јавно да се занимава со такви работи. Меѓудругото беше и хипнотизер, се обучуваше во Амстердам, таму заврши, меѓутоа и со тоа не беше дозволено јавно да се занимава. Имаше два подруми полни со литература и читаше, само италијанска и француска литература, не смееше да ги набавува на негово име, па ги најавуваше на мое. Тогаш, нели знаете во војска беше строго, не му дозволуваа ни да оди во странство.
*Зборуваме за 60 до 70- тите години кога музиката се пееше со срце.
– Значи да, мајка ми држеше часови за гитара, дома кај нас доаѓаа деца на познати скопски интелектуалци, а учителката кога го правела оркестарот на училиштето “Ј.Х.Песталоци” ѝм рекла “кој сака да свири гитара ќе оди да учи кај таа госпоѓа”. Потоа учениците ги добиваше како готови гитаристи. Тие не свиреа со перца, туку со извлекување на жици што е многу потешко и е постручно, класично. Се свиреа песни од Евровизија, од италијанското Сан Ремо тогаш беа хит, така што младоста ми помина во музика. Потоа јас ја наследив мајка ми, а кога полека почнаа да ѝ откажуваат прстите почнав да држам часови, завршив гимназија се запишав на правен факултет. Тогаш познати скопски фамилии сакаа децата да ѝм свират гитара, да имаат убава занимација, и ги праќаа кај нас. Имаше и меѓу нив таленти, но се одлучија примарна да ѝм биде друга професија, како доктори и слично. Истовремено, од мои 17, 18 години со брат ми почнавме да се дружиме со хористи од гимназискиот хор каде одевме и пеевме, многу убав хор беше, и од таму нѐ упатија во академскиот хор “Мирче Ацев”. Е, таму веќе почнавме да се формираме како сериозни љубители на музиката, а факултетите си ги теравме паралелно. И брат ми беше на правен факултет и јас, меѓутоа љубовта кон музиката не ја напуштивме, останата во нас како една водилка, така што долги години поминавме во “Мирче Ацев”, па од таму нѐ преземаа во Хорот на Македонската радио и телевизија, каде што останавме околу 30-35 години. Тоа беше професионален хор, поточно полупрофесионален зашто стаж не течеше, но беше многу јако платен. Откако ги завршив студиите се вработив како секретар во Македонската опера и балет, каде брат ми веќе беше вработен, влезе таму во 1970 година уште со незавршени студии. Една година беше член на хорот, потоа стана солист и почна со солистички настапи. Паралелно си свиревме дома и на забави, научивме да свириме гитара одлично, така што еве јас седумдест години наполнив и сѐ уште ме држи желбата за музика. Дури да ви се пофалам во времето на короната отворив свој профил на Јутјуб и од март до јуни 2020 година отпеав, снимив на мобилен и ставив на каналот сто македонски песни. Секој ден по една снимав, бидејќи бев сам дома и секој ден си снимав по една. Прво, до летото, направив 60 светски евергрини, и во месец август во најголемата корона отидов кај синот да го посетам во Торонто и таму снимив 40 македонски љубовни евергрини, во неговиот убав стан во центарот на градот. Освен тие песни на мојот профил на Јутјуб ги ставив и песните кои ги пеам со син ми, и песните кои ги пеам во “Мерак меана”. Но и влашките песни, по потекло по татко сум Влав од Крушево, а по мајка Грк од Битола, од фамилијата Џима.
*Според ова што ми го кажавте, владеете влашки, тука се и англиски, италијански …
-Можам да се разберам и на англиски, но текстот си го учам па го преведувам за да знам за што се зборува и да можам да се опуштам и емотивно да ја интерпретирам песната како што треба. Влашки зборувам одлично, грчки можам да се разберам, додека брат ми повеќе, бидејќи тој се посвати со Власи од грчкиот остров Скијатос, каде му се омажи ќерката и тој таму го усоврши јазикот. Пееме на повеќе светски јазици.
*Зошто не се одлучивте да студирате музичка академија туку отидовте на право?
-Па знаете како? Искуството со мајка ми ми беше доволно. Тогаш да се студира музика академија беше ризично, каде ќе се вработиш? Кој ти гарантира? Јас не бев некој изразит гласовен талент да зборувиме сега реално, за разлика од брат ми кој беше солистички настроен, Господ му дал глас, и јас исто имам добар глас меѓутоа имаше разлика во волуменот. Сепак кога ме примија во хорот на Радио и телевизија сите одевме на школување на гласот кај оперската примадона Марија Скаловска, сопруга на Тодор Скаловски, така што во хорот поминав 35 години, од кои првите 12- 13 години одев на часови по соло пеење кај неа. Вокална техника. Тоа многу ми користеше да направам правилна импостација и ми овозможи да достигнам некое ниво уште повисоко од моите природни гласовни можности. Едно е да имаш талент, друго е што треба да го рашириш дијапазонот, баш во разговор со Драган Мијалковски, ѕвездата од тоа време, му велам “Ти си еден и единствен Господ ти дал глас никој не може да се споредува со тебе, но ние учевме плус соло пеење и така се задржавме на таа оперско- хорска музичка сцена”.
*Кога го формиравте октетот? Тоа е еден од бисерите на нашата антологија .
-Завршив факултет и се вработив во МОБ, како секретар, во 1976 година го формиравме октетот “Македонија”. Октетот беа: Радослав Стојанов и Илија Јованов тенор I, Киро Димчевски и јас тенор II, Влатко Галевски и Зоран Прокопиев баритон, Киро Лијаковски и Никола Ташев бас. Така што, составот на луѓето беа истите што одевме на хор, веќе формирани гласови. Еден ден, по една проба дојде Ѓорги,Ѓоко Димчевски и нѝ рече “Момци сакам да направиме октет. Тука ќе биде син ми, вие сите, а кој да биде осмиот?”. Осми го одбравме Влатко Галевски.
*Тоа беше почеток на еден славен период од Вашиот живот …
-Ние бевме добри другари од хорот “Мирче Ацев”,од хорот во Радио и телевизија и во операта, и решивме да формираме еден октет со голема благодарност на Ѓорги Димчевски, нашиот уметнички раководител. Тој ги одбираше песните, аранжманите ги правеше прекрасно, меѓутоа човекот беше многу инклузивен, сѐ што ќе му кажевме ние “чичко Ѓоко ова не бива вака, ова е високо, ова не е за тенор, ова не е за бас”, и тој сѐ прифаќаше, “Може деца, не е проблем”. Во 1986 година се сретнавме со Петар Георгиев Калица, ми приоѓа на едно снимање во телевизија и ме прашува “Вие сте шефот?”. Му велам “Не сум шеф, јас сум менаџер, задолжен за нас”. Ме прашува “Дали пеете и други песни?”, му велам дека пееме, ако се добри. “Дали би сакале да отпеете моја песна?”. Му велиме- “Дајте да ја слушнеме”. Така се создаде “Ако одам во Битола”. Таа беше наменски за нас. Седнавме со чичко Ѓоко, рече дека за неколку дена ќе направи аранжман, и направи феноменален аранжман. Ја испеавме ја снимивме веднаш и отиде таа на “Валандово 1986”, на првото издание на фестивалот. Таму освоивме прва награда од стручно жири. Стручното жири тогаш немаше како сега ќе ставиме овој, оној, Петко Станко,се знаеше кој може да биде. Значи песната беше изведена во 1986 година, за жал сите од младата генерација мислат дека е таа песна на Тоше Проески…
*Тоше ја оживеа и популаризира уште повеќе…
-Јас со сета почит, го знам многу добро Тоше и тој е по потекло од Крушево, игравме кошарка, се дружевме, со брат ми кога свиревме во хотел “Монтана” тој тогаш почнуваше.


*Пред тоа пеевте само народни песни?

– Пеевме и забавно, дојде и Димитар Масевски и тој истата шема. Вели “Пеете ли песни од други автори или Ѓоко не дава?”. “Како не, му велиме, ако имаш добра песна”. И ја напиша “Буди ме, буди, Будимке”, прекрасна песна за Охридското езеро, аранжманот го направи Ѓоко Димчевски, и испадна прекрасен. Се вртеше таа песна, како хит на неделата, на месецот… Пеевме разни жанрови. Понатаму растеа апетитите за Октетот… А имавме и камерен состав, четворица од Октетот пеевме и во ресторан “Т’га за југ”, па во дискотеките “Метропол”, “Мусандра” кај Мице. Пеевме и црнечки спиритуали и сѐ.
*Ги знаеме Вашите изведби и од телевизија …
-Снимивме една емисија со режисерот Стојан Стојановски и сценаристот Љубе Цветановски, Љубе беше легенда знаеше да процени од кого што може да очекува. Бидејќи јас бев и претседател на управата на Хорот на Радио и телевизија и се гледавме почесто, тој ми вели “Сакам да направиме едно шоу со вас, со режисерот Стојан Стојановски”. И направивме. Тогаш аранжманите за песните ги направи Кокан Димушевски. Шоуто го снимивме со 12- 15 песни црнечки спиритуали и мексикански песни, доби прва награда на фестивалот на ЈРТ во Опатија на ЈРТ, Васе Манчев тогаш беше директор на Редакцијата. И ден денес шоуто се врти на собранискиот канал можеби еднаш месечно.

*На “Макфест” пеевте, исто…
– Една година пеевме со Мери Цетиниќ “Љуби ме, лажи ме”. Друга година пеевме со Симона Вајс. Со Григор Копров имавме многу убава соработка, тој беше автор на песната на Симона. Пеевме преубава песна, на која, во музичкиот дел јас со убавата дама игравме танго. Таа песна стана голем хит и доби награда за “Макфест”. Тоа се успесите што ги постигнавме со октетот.

*Да позборуваме за албумите што ги реализиравте…

-Имаме снимено 300- 350 аудио снимки за МРТВ. Тоа е едно многу големо богатство, од сите жанрови и снимивме четири самостојни лонгплеј плочи, една снимивме со Селимова – Желчески “Елено ќерко”, снимивме и некои синглови. Првата плоча ја издадовме во 1979 година, и се сеќавам фотографијата за обвивката ја правевме на калето во Штип, бидејќи другарот Коле Машев таму беше во војска, а Зоран снимателот од Македонска телевизија нѝ направи многу убави снимки. Е, ние кога излезе првата плоча се “греевме”, мислевме пари ќе имаме. Нема пари за изведувачи. Во Македонија како и во цела Југославија, што се плаќа? Се плаќа музика, текст и аранжман и обично се дели на три еднакви дела, но според јачината на композиторот има разлика од композитор до композитор.

*Како се најдовте и на плоча од “Дугме”?
-Сега ќе ви кажам за тоа. Тоа беше исто многу добра соработка. Кога пристигна новата опрема во МРТВ во 1986- 1987 година, дојдоа “Бијело дугме” да снимаат албум во Скопје. Песната “Заборави ако можеш”, на обвивката на албумот беше една девојка свртена со задникот и нечија рака како ѝ “брца” во гаќите. Многу славен алнум. Ми дојде Бреговиќ и ми вели: Господине Лијаковски би сакал да снимиме придружни вокали, јас би сакал да го отпеете тоа на-на-на- на, на “Заборави ако можеш”. “Знаете што господине Бреговиќ, дајте нѝ ги аранжманите полесно е така да научиме, отколку да нагаѓаме кој што треба да пее”…Нѝ ги даде аранжманите и отпеавме. Потоа вели “Дајте ми жиро сметка да ви префрлам пари”, му велам дека јас сум правник во Концертна дирекција и знам дека за изведувачи не се плаќа, а доколку сака да нѐ плати, плаќањето да биде “паре на сунцу”. Се смее и ме прашува како е тоа “паре на сунцу”, му велам “Кеш брате на рака, а ти таму пријавувај како сакаш”. Тој почна да се смее, колку што се договоривме,толку нѝ плати и му рековме авторските права од придружните вокали задржете ги за вас. Тој се насмеа и беше многу задоволен. Тоа што баравме, да нѐ напише на обвивката- тоа и добивме. Нѐ напиша по нашите прекари, учествувавме четворица- брат ми Камфи, јас Такси, Коле Палестинец и четвртиот Тофо.

*Ми кажувале и други музичари за тоа искуство, и Блаж Маротов бил на снимањето на тој албум.
– Да, и Маротов. Сега ќе ви кажам една анегдота за 1978- 1979 година кога го снимавме првиот албум, беа реномирани музичари од оркестарот на “Танец” бидејќи Ѓорги Димчевски таму работеше. Таму беа сите Киро Ѕифовски виолина, Симоновски свиреше флејта, на кларинет свиреше Ратко, на бас беше Мето, на гитара беше Томе, на хармоника беше Лазо. Сѐ врвни музичари. Но кога снимавме учествуваа и Горан Алачки и Милан Завков, имаа по десеттина години. Сега кога ги прашуваат- “Кое ви е најнезаборавно доживување?”, велат- па кога снимавме во 1978 година заспавме со хармониките на полноќ. Тогаш се снимаше во стара телевизија, со еден широк микрофон, немаше можност да снимаме поединечно на канали. Сите заедно. Ако се згреши сѐ одново оди. Меѓутоа професионалци, еднаш ќе се снима колку да се добие саунд, па да се види кој инструмент да се појача и веќе на второто, третото снимање беше тоа- тоа.
*Имавте ли значајни турнеи со октет “Македонија”?
-Прво имав турнеи со “Мирче Ацев” во сите земји низ Европа, па Канарски острови па со хорот на МРТВ исто така, Италија, Полска, Бугарија кои сѐ земји не ги поминавме, и со операта патувавме. А со октетот одевме најмногу во Швајцарија. Како почна? Четворица од нас од Октетот и Лазо хармоника и Киро Ѕифот на виолина, пеевме во “Т’а за југ”. И таму почнаа првите контакти. Воспоставивме врска со фирмата “Рајсхауер”. Тие беа тројца Швајцарци, односно едниот беше Германец, другиот Французин и третиот Србин, Мирковиќ. Една вечер газда Љубе ми вели “Ристе дали може вечерва да смените две три облеки, ќе дојдат едни гости од Швајцарија, па сакам да се покажам”. А таму се седеше на големи маси и на дрвени клупи од по осум луѓе. Почна свирката, а тие само слушаат, ќе прекине музиката 10-15 минути и тогаш ќе јадат, ќе пијат, а ние на секоја пауза менуваме гардероба. Почнавме со светска музика, со евергрини, облековме гардероба елечињата црни со црвено од Егејска Македонија, јас ги набавував од “Мирче Ацев”, па облеката од Вардарска Македонија оние убавите елечиња срмени со жолто. И за крај влегуваме со третиот блок од Југославија и тогаш веќе луѓето знаеја дека се работи за некои кои се од тука, некаде од Европа, а не од подалеку. Но, никој да се фати за бакшиш. На крај на полноќ ѝм велам “Ви благодарам за вниманието и ви посакувам добра ноќ”, кога Мирковиќ, од некаде извади еден голем шешир и помина за бакшиш, кој по 50, кој по 100, се собраа 3.500 швајцарски франци. Нѝ ги носи во шешир, му велам “Ставете ги на хармониката, а сега господине Мирковиќ имате уште еден блок од еден час, ќе ви свириме, од нас е тоа”. Отсвиревме и ми вели “Господине Лијаковски јас би сакал да ве видам во Швајцарија во ваков состав”. Јас му кажувам дека во Швајцарија можеме да дојдеме во поголем состав, како октет, и имаме наш оркестар кој брои уште пет музичари, значи сѐ на сѐ 13 луѓе. Ако можат да го изменаџираат тоа во ред. И така почна соработката со Швајцарија.
*Во кои градови одевте?
-Одевме во Цирих во центарот, бевме сместувани и платени на највисоко ниво. Кога се сретнавме тој ми рече дека кон крајот на ноември ќе ми се јави телефонски да договориме за следната година и си велам ова нема да се случи, рекле па “порекле”. Некаде кај 20 декември се јавува вели “Овде е господин Мирковиќ, и јас би сакал да ве видам во Цирих од 24 до 27 март”. Тоа беше голем предизвик. А јас тогаш бев генерален секретар во МОБ и можев да ги аранжирам термините, да ја замолам уметничката секретарка да стави балет или друга претстава, за да бидеме ние слободни. Направивме многу убава соработка со Швајцарија. Одевме таму два пати годишно. И сега да ви кажам кое беше нашето ниво. Стигнуваме таму на аеродром, таму нѐ чекаат три комбиња Мерцедеси со три табли на кои пишува “Октет Македонија”. Стигнуваме во хотел нѐ чекаат 13 еднокреветни соби. Тринаесет авионски карти Белград Цирих, до Белград 13 коли за спиење во возот. И сѐ платено, и за три настапи добивте по 1.000 швајцарски франци за секој, а тоа реално беше сума што ние ја добивавме за 3-4 месеци работа во Македонската опера. Сѐ ти е платено какви менија, вина, 13 видови кашкавали и сирења. Тоа беше незаборавно. Отидовме десет пати во Швајцарија, една година бевме дури и три пати, директорот Делави направи свадба, се женеше по втор пат, му се допаднавме многу, па нѐ викнаа да свириме на нивната свадба. За првиот пат добивме по илјада франци, по шест месеци пак на настап, пак оставив хонорарот да го определат тие, и го качија за 30 посто плус… Еднаш имаше фестивал и не можеа да најдат сместување во Цирих, 13 еднокреветни соби во ист хотел. Јас ѝм велам “Тоа е проблем, но ќе се обидам да ги наговорам да спијат во двокреветни соби” ха, ха. Така што најубаво доживување беше тоа со Швајцарија.

*До кога постоеше октетот Македонија?
-Октетот Македонија постоеше до 2005- 2006 година. Од осамостојување на Македонија, од 1991 година, на репертоар имавме 18 химни, македонска, швајцарска, американска, германска, хрватска… Ние настапуваме во 1992 година кога се отвораше првата наша амбасада во Љубљана Словенија, со едниот државен авион патуваа Киро Глигоров и Димче Беловски, со Лирџетот, а ние одевме со Кингерот.
*Ова е цел филм, овде може многу да се зборува. Дали имате добиено некоја државна награда за целата ваша активност, како амбасадори на нашата музичка култура.
-Имаме добиено две значајни награди, награда на Здружението на естрадни уметници на Македонија, во осумдесеттите, и кога добиваме награда со филмот во Опатија, добивме награда од Здружение на естрадни уметници на Југославија, за особени заслуги, што ретко кој има добиено таква награда. Таму немаше некои врски, ние со квалитет бевме наградени. Значи ние бевме како “Битлси”. Кога добивме “Златна Буба Мара” за животно дело во 2018 година со Ранко Петровиќ правевме интервју, во кое му кажувам дека бевме како “Битлси”… Со Кингерот сме патувале преку 20- 25 пати, кога се отвораа амбасадите, па на разни манифестации, денови на македонска култура … Со Лирџетот патуваа Киро Глигоров, ние по нив одевме, само што нашиот авион доцнеше половина час затоа што беше поспор, на Вип салонот излегувавме. Пеевме химни и да ви кажам без никаква лажна скромност нека се пофалиме некој од овие соло пејачи на државна сметка што патувале како државна делегација? Не душо драга, не може, ние пеевме химни, и по три песни од земјата каде што одевме. Прва се отвори амбасада во Љубљана, ја пеевме химната словенска и химната македонска, “Болен ми лежи”, “Елено ќерко” и три словенски. Петерле беше премиер, а Кучан беше претседател. Кога завршивме, доаѓаат и вели “Момци јас пеев во хор сакам да фотографираме”. “Аааа, му велам тоа се плаќа”. Јас сум бил мангуп на претседател така сум му кажал. Но тој вели “Ќе платиме колку што чини, само да се фотографираме со вас”. Кој доживеал такви работи? Ние бевме државен ансамбл и добивавме дневници од секретаријат за култура. Се правеше голема фешта. Бевме први вистински амбасадори на македонската култура.
*Но сепак заслужувате една голема државна награда.
-Тогаш немаше, имаше награда АСНОМ, но не е доцна да се најде некој да нѐ номинира, меѓутоа четворица од првата гарнитура не се веќе живи. Сега е тоа завршено, во нашите златни времиња беше голем престиж кој да дојде да влезе во октетот, макар и како замена. Имаше еден вокалист Андонов Димитар кој нѐ заменуваше сите кога одевме војска зашто гласовно се усогласувавме, тој најмногу одговараше.
*Како продолживте по распадот на групата?
-Тоа беше крајот, некаде почна 2002-2002 година, откако се формираа сите амбасади. Во меѓувреме јас со Наско Чапар и со Боби Коцев, понекогаш и со Влатко Плевнеш од “Силви бенд”, свирев во казината и тогаш ја почнав мојата соло кариера. Во казиното “Шери” бев најскапо платен пејач. Јас земав 150 евра хонорар, најмногу од сите. Да не ви кажувам колку бакшиши имам добиено, тогаш таму доаѓаа на вечери сите амбасадори. Има една анегдота. Амбасадорот на Германија важеше за скржав човек. Дојде со една госпоѓа со лептир машни тогаш свирев со Хилми Билбил, кого јас го направив забавњак, и кога добив бакшиш од тој амбасадор шефот на салата се крсти. Сега ќе ви ја кажам приказната- отсвиревме ние, а до него беше една убава госпоѓа, јас сакам такви убави дотерани, вистинска дама. Му свирам песна за него, жената аплаудира, но и го боцка да даде бакшиш. Но тој никако да се фати за џеб. Таа ја отвора чантата и кога тој виде, тогаш извади еден син орел, сто германски марки, кои тогаш беа пари и го вика шефот на сала, тој ми ги носи во она сметка што даваат, доаѓа кај мене “Леле Ристо Такси, од мене имаш десет дена да јадеш и да пиеш што сакаш. Не се фатил за џеб да даде некому камоли 5-10 марки а тебе 100 ти даде”…

*Името е “Македонија”…
-Јас сум кумот на октет “Македонија” и не само што сум кумот, бидејќи ги знаев авторските права, во Министерство за правда, кое тогаш беше Секретаријат за правда, поднесов барање и реков- ансамблот којшто е во интерес на Република Македонија, сакаме да го носи името Македонија. И тогаш ние така направивме, почнавме да го користиме името Македонија, немаше ни додавки, ни Северна, ни Источна ни Јужна, ни Западна, и не може ние сега да се претставуваме како октет “Северна Македонија”. Според сите стандарди според кои ние сме регистрирани во тогашното Министерство добивме одобрение да го користиме името *Октет Македонија”, и сме меѓу ретките што така се нарекуваа. Добро, имаше забавна група “Македонија” на Чешларов, тоа беше специјално наменска група и одеа низ Русија, составена од Кирчо Поп Лазаров, Верица Ристевска, Панче “Мањифико” Даниела Панчетовиќ и Сашка Петковска, но тоа беше друго.
*Спомнавте дека имате цеде со влашка музика. Тоа е интересно, имаме многу Власи кои велат дека имале добра музичка традиција, но ретко кој нешто објавил.
-Влашки албум објави и брат ми со 12 песни со голема уметничка тежина. Јас отпеав повесели песни, но и тие имаат уметничка вредност меѓутоа намерно ги одбирав весели, свадбарски, аранжманите се прекрасни ги направи Наско Чапар. Објавено е 2019 година. Сам го издадов, од влашката популација ми помогна само Хари Костов, ми откупи цедиња, а беа дистрибуирани преку “Сенатор”. И, објавив едно цеде од снимките кои беа во Македонска радио телевизија од тие четири лонгплеј плочи, ги одбрав сите најубави, 70 минутно компилациско цеде со врвен квалитет. Сум вложил многу финансии во музиката, но тоа што сум го добил на духовен и на нематеријален план не може да се плати со пари.
*Која Во остана неисполнета желба, во музиката, ако има таква?
– Ми се исполнија многу желби отпеав многу дуети, можам да ги издвојам последниве години натапите и во “Мерак меана”. Задоволен сум од сѐ. Сега има и многу заскитани на естрадата, особено од женскиот пол, за кои што не е битно дали знае да пее туку како изгледа.
*Се променија критериумите во музиката. Во некоја друга прилика ќе проговориме и за други детали. Ова интервју да го затворам со песната “Ако одам во Битола”, сепак е евергрин, доживеала многу преработки, меѓу кои и таа од Тоше, кој ја направи многу популарна меѓу младите генерации…
– Меѓутоа да се разбереме, таа е авторска песна, не е народна и ја испеавме ние прв пат и специјално за нас е правена, и ден денес Петар Георгиевски Калица ми е благодарен што стана славен. По таа песна се окуражи и почна да создава и други песни, како “Стариот џумбушлија” со Ана Бекута…
*Таа е новосоздадена и бидејќи ги има сите манири на традиционална, затоа малку нѐ збунува, но остана како химна на Битола, химна на Вашата група, заштитен знак на Калица како автор, и едно големо богатство за македонската музичка антологија… Но, рековте дека Вие имате разновидно мешано национално потекло.
-Јас и сега се декларирам Македонец. По националност јас сум Влав. Но, како граѓанин јас сум државјанин на Република Македонија.
*Тоа значи дека подеднакво удобно се чувствувате кога изведувате македонска, грчка, влашка, канадска, италијанска музика..
-Апсолутно, апсолутно.
*Тоа треба да нѝ биде порака.
-Музиката нема граници!
*Така е, и треба да се оградиме од сите недолични национализми, сепак се покажува дека ние за музичари сме имале врвни маестра и врвни изградени интернационални личности. И тоа треба да се почитува. Многу Ви благодарам за интервјуто. Мулцумеск.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.