МАНУ: Иднината на образованието е во СТЕМ дисциплини и зелени компетенции

Иднината на образованието треба да се базира на развојот на т.н. STEM дисциплини (наука, технологија, инженерство и математика), родовата еднаквост и развојот на зелените компетенции кај младата популација беше заклучено на работилницата која се организираше во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ. Настанот го отворија претседателот на МАНУ, академик д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025, Џан Мемед, директор на дирекција за корпоративни клиенти, претставник на Халкбанка АД Скопје, како и проф. д-р Радмил Поленаковиќ, претставник на Машински факултет, УКИМ и Претседател на Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење од Скопје.
-Денешното присуство на преку 100 наставници и директори од над 25 средни училишта од целата наша држава е доказ за интересот и желбата континуирано да го подобруваме образованието, преку дискусија и елаборирање на теми кои се во фокусот на интерес на развиените земји, а особено се значајни и за нашата држава бидејќи се директно поврзани со нашата иднина и со одржливиот економски развој. Не само желба, туку и наша обврска е да ги поттикнеме нашите ученици да развиваат критичко размислување, да решаваат реални проблеми и да се соочуваат со предизвиците на денешниот свет, изјави проф. д-р Радмил Поленаковиќ, фокусирајќи се на патот кон зелена транзиција и развој на зелени вештини.
Надоврзувајќи се на дискусијата за STEM образование и важноста на науката, технолошкиот развој и зелените иновативни решенија, доц. д-р Трајче Велковски од Машински факултет-Скопје и раководител на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации ги нагласи можностите на интегрираниот екосистем за стручно образование и обука.
-Во оваа прилика би сакал да го најавам националниот натпревар за зелени иновации за средни училишта кој ќе се одржи во април 2023, чии победници ќе имаат можност да учествуваат на меѓународен натпревар за зелени иновации каде ќе соработуваат со врсници од Австрија, Финска и од Португалија. На овој начин можеме да ги мотивираме нашите ученици и студенти да размислуваат одговорно, да истражуваат, да бидат креативни и да ги употребат своите STEM компетенции како одговор на реалните проблеми, истакна Велковски.
На работилницата се поттикна дискусија и размена на искуства за застапеноста и мотивацијата на жените за учество во науката и образованието со фокус на STEM дисциплините, а значаен осврт на ситуацијата во Република Северна Македонија беше даден од страна на Нена Манчев, програмски директор за образование на фондацијата Македонија 2025.
„Македонија 2025 ќе продолжи со имплементација на активности за промовирање на СТЕМ образование за младите, со фокус на девојки. Во 2022 година, 800 млади од Македонија учестуваа во нашите обуки и програми за поддршка на СТЕМ образование, програмирање, високо-технолошки вештини и вештачка интелегенција“ – изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, извршен директор на Македонија2025.
Академикот Љупчо Коцарев истакна дека образованието не треба да се сфати само како ефикасно средство за едукација на учениците или постигнување на националните образовни цели, напротив, образованието е јавно добро што треба да се смести во пошироки општествени и културни рамки и движења. За разлика од технократските и инструментални пристапи, прогресивните и критички настроените образовни системи воспоставуваат балансирани релации меѓу науките (вклучувајќи ги и хуманистичките науки) и уметностите.
Настанот беше организиран од страна на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Машинскиот факултет – Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење (НЦРИПУ), Македонија 2025 и Халкбанка АД Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија преку Хоризонт 2020 проектот WBC-RRI.NET: „Вградување на одговорно истражување и иновации во земјите од Западен Балкан: Подобрување на самоодржливите еко-системи за истражување и развој“, и Еразмус+ проектот GREENOVET: „Европска платформа за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.