Култниот албум на “Рок агресори” објавен на плоча

Exif_JPEG_420


Скопје, 27 јануари 2023

“Панкот не е мртов”, дефинитивно ја доби својата полна важност со промоцијата на ЛП плочата на “Рок агресори”. Станува збор за албум кој во јануари 1996 година беше објавен на касета, и по цели 27 години повторно добива нов живот. Сега веќе култен албум “Еб*на антикултура”.
Панк иконата Зоран Трпков- Фалус Агресор познат како Зоки Агресор е вокал и гитара, воедно и автор на сите текстови и музика, на ова севкупно 41 минутно музичко задоволство, Сашо Здравев – Ламбе отсвири бас гитара, а Тони Станковски тапани.
Промоцијата на лонгпејката се одржа синоќа, автентично во барот “Лонг плеј” во Аеродром, во присуство на опуштени фанови и панкери кои ги одбележаа златните деведесетти, познати како години на највозбудливата музичка сцена, но и на највозбудлив скопски ноќен живот и ноќни журки.
Сретнавме познати музичари кои учествуваа во создавањето на овој албум, Ристо Апостолов кој е застапен со својата соло гитара на некои од песните, Владимир Петровски Картер, во чие студио е снимана касетата, но и музичари кои дојдоа во чест на “Агресори”: Васко Атанасоски од “Бернајс Пропаганда”, Владимир Стојчевски од “Културно уметнички работници”, Деан Шкартов “Бадмингтонс”, Васко Марковски, Владимир Муратовски Диво, а во чест на својот татко, тапанарот Тони Станковски, беше присутен и неговиот син Кристијан Станковски.
За објавувањето на плочата Трпков посебно заблагодари за финансиската поддршка на Игор Кичма и Ламбе Ламбевски, на Тошо Филиповски и “Корпус деликти рекордс” за менаџирањето и печатењето на плочите, за дизајн на етикетите на Бојан Ивановиќ, за дизајнот на обвивката на плочата на Бојан Живиќ, за мастерингот на Андреј Љаркоски, и на Петар Пејаковиќ што ја овозможи оваа промоција во клубот “Лонг Плеј”.

***
Овој познат панк-рок бендот е формиран во 1991 година. Во деведесеттите важеа за икони на македонската панк култура, и тоа само со еден албум, споменатиот, на кој е снимена и хит песната „Мојата партија”, но и “Барам ништо”, „Сексуален манијак“, „Јас смрдам на лук“, „Врати ми ги парите“ со општествено ангажирани и хумористични песни, со хитовски и прифатлив звук за сите генерации.
Во 2001 година го издадоа вториот албум „Хистерија“, со хумористични песни, но не се доближи до првиот.
Цената на албумот е 1200 денари, има и маички по 500 денари.
-“Треба да се вратат ваквите бендови и ваквите текстови”, гласи еден коментар на нивни обожавател.
Издавач е “Кичма рекордс” на кого ова му е прво вакво издание, но најави и други панк- рок албуми од тоа време дека ќе бидат објавени на плочи.

***
Насловите на песните можете да ги најдете на следниов линк:

https://www.muzichkiregistar.com/AlbumDetails.aspx?id=46495


***
“Мојата партија” е песна која отсликува цели 30 години во македонското општествено живеење.

Мојата партија

„Мојата партија ви ветува сѐ,
мојата партија ви подарува сѐ,
надобар живот, најдобар систем, најдобри женски.
Како без работа да добиете пари,
како за малку да добиете многу,
Ќе бидеме сигурно први во ова,
ќе бидеме сигурно први во она,
за мојата партија гласајте,
за мојата партија гласајте…“

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.