Стана кинеска снаа, но и извесен наш амбасадор меѓу двете култури, мост меѓу Македонија и Кина. Среќниот брак со Кинез ѝ донесе среќно семејство и среќен бизнис, и живеат со македонско- кинески обележја.
Токму тоа е и поводот за оваа средба со госпоѓа Силвија Димитриевска Лиу, на која позборуваме за нејзините импресии од далечниот свет, а посебно се осврнавме на Кинеската Нова година, и утрешната прослава која ќе биде многу автентично прославена во најсоодветниот простор- нивниот кинески ресторан во Скопје.
*Вие сте организатор на забавата во скопскиот кинески ресторан “Ѕвезден океан”, на кој начин ја замисливте програмата, со која што гостите ќе може да се чувствуваат како да се во Кина и како да таму го слават доаѓањето на 2023 година?
-Традиционално веќе, повеќе години организираме дочек, од желба што на вакви простори, од каде што Кина е многу далеку и луѓето немаат многу допир со таа традиција и култура, да ѝм ја отсликаме во вистинско светло, бидејќи како што е Божиќ кај нас, Кинеската нова година е кај нив. Секоја година е различно некогаш во јануари, некогаш во февруари, годинава паѓа на 21 јануари. Кај нив сѐ уште е 2022, тие имаат 13 месеци по 30 дена. Затоа, на самата вечер и за да биде интересно за гостите, програмата ќе биде и културен настан, перформанс со разни кинески точки. Со самото тоа што Кинезите немаат музика и не танцуваат за Нова година, за амбиентот да ѝм биде интересен и да не биде само храна и јадење, секогаш настојуваме да имаме друштвени игри. Меѓутоа оваа година за прв пат, тоа што секогаш ми било желба, ќе го оствариме со поддршка на Центарот за уметност “Полифонија”, да имаме изведба на кинеска инструментална музика од страна на наши изведувачи- позната виолинистка, познат кавалџија и Симона Богоевска на харфа. Мислам дека гостите ќе бидат одушевени, бидејќи станува збор за мошне надарени таленти, а потоа сакам музиката на харфа да ја воведам еднаш или двапати во месецот. Од други кинески точки ќе има изведба на кунг фу- вин чун дисциплина која што е карате техника за здраво тело, од страна на сопственик на карате клубот кој што ќе ѝм прави и масажа на самите гости, кому учител му бил Кинез уште во времето на Југославија …
*Кинеската Нова година е светски познат празник, како се слави таму?
– Тоа не е само како почеток на новата година туку длабоко емотивен празник и Кинезите од цел свет било каде и да печалат, за новогодишната вечер се враќаат дома, односно два- три месеци пред тоа купуваат билети за тој ден да бидат со фамилијата, бидејќи Новата година за нив значи обединување на фамилијата. Бериќет носи ако за тој ден се заедно, заедно вечераат, заедно ја дочекаат новогодишната ноќ и тоа значи дека во година што доаѓа сѐ ќе биде добро. Фамилијата ќе биде заедно, ќе имаат близина. Тие седат на традиционалните тркалезни маси, заедно вечераат, заедно подготвуваат тестенини, дамплингс, традиционални специјалитети кои што носат бериќет, како што ние подготвуваме сарми. И секој специјалитет што таа година е на масата таа вечер има значење. Во однос на дочекот, ние секоја година се подготвуваме да бидат застапени различни културни елементи поврзани со нивната култура, секоја Нова година е носител на различен зодијачки знак оваа година е година на зајакот. Кина е полна со митови и приказни. Затоа ќе Ви раскажам легенда. Кинезите многу веруваат во хороскопските знаци, годинава ѝм е зајакот и со самото тоа сметаат дека со неговите карактеристики ќе влијае на самата година- долговечност, просперитет и мир. Зајакот е многу ценет во кинеската култура, успеал да влезе меѓу 12-те знаци. Една од приказните за зајакот се создала кога кралот пропишал трка за да одлучи кој од животните ќе влезе во зодијачките знаци. Премногу животни имало, и првите 12 животни кои ќе победат да влезат во кругот. Зајакот нормално бил најбрз од сите, бил многу опуштен бидејќи се чувствувал супериорен во брзината и воопшто не бил загрижен, додека другите животни, како и бикот, правеле план план. Меѓутоа во таа трка зајакот испаднал зад бикот од преголемата самодоверба во себе и опуштеност, кога набрзина по отпочнувањето на трката видел нема никој зад него, рекол “и вака, и така јас сум прв, да си поспијам малце”. Легнал, заспал кога се разбудил бикот и уште два животни биле пред него, и така зајакот не бил прв во трката туку на четврто место. Кај нас оваа приказна се раскажува за зајакот и желката, а во нивните приказни зајакот и бикот биле соседи и бикот побарал совет од зајакот, прашувајќи го “Како јас да успеам да победам во трката бидејќи сакам да влезам во зодијачкиот круг?”. На што зајакот му одговорил на бикот: “Има некои работи во животот што не се учат. Едноставно се така дадени како дар”, со тоа му покажува дека премногу верува во себе, понекогаш не е убаво тоа…
*Добра поента, дека не треба да се потпреш само на природната способност туку да си вреден, да ја осмислуваш ситуацијата, да не ја оставиш да тече сама од себе.
-Да. Така е. Заради тоа што не покажал трудољубивост, не победил, меѓутоа сепак успеал да влезе во зодијачкиот круг. А постои уште една приказна, зашто зајакот во Кина го поистоветуваат со месечината. На времето постоела божицата на Месечината Чаунг која не сакала да верува во смртност, сакала да биде бесмртна. Нашла еликсир за бесмртност и тоа само едно шишенце. Живеела со својот сопруг и била себична и сакала да се осигура дека еликсирот ќе биде доволен само за неа, го испила и заминала на Месечината, и останала да биде Божица на Месечината, а милениче ѝ било зајачето. И ден денес на 15 август кога Кинезите ќе се загледаат во месечината веруваат дека точно божицата и зајачето се појавуваат внатре во месечината, можете да најдете фотографии на интернет. Ете, затоа зајачето го поистоветуваат со месечината.
*Кина знаеме дека има голема традиција, а овие работи се локални верувања или глобални за цела планета.
-Глобални за цела нација.
*На кој начин Кинезите ѝм ја пренесуваат традицијата на децата, преку формалното образование или преку домашни преданија?
-Во домашна атмосфера. Нешто што ме фасцинира, при мојата прва посета на Кина од четири месеци, пред 20 години кога отидов таму со сопругот да го правиме ритуалот за нашата свадба, беше што секој ден слушав различни митови и приказни, најчесто поврзани со тоа зошто одредени јадења се сервираат и зошто е здраво да се јадат… Тие никогаш не прават без нешто да има заднина. На пример, се јадат зеленчуци, што кај нас не постојат, немаат име, и ти кажуваат зошто тој зеленчук се комбинира со ориз и има точно зошто и децата од мали нозе го знаат. Не се чека образование и да се учи од книга, за да се научи зошто зеленчукот е здрав. Од мали нозе семејството ги учи сѐ. На пример, кога станува збор за верувањето во Буда, будисти се тие, но не се толку строго насочени за религијата, се верува во државата. Во силата на заедништвото. На фамилијата. Акцент се става да не се почне да се јаде сам, како кај нас, дека носи несреќа ако малите прво почнат да јадат, а не постариот, дека најубавото кај нив прво го јаде постариот и потоа се дава на помалите деца, роденден во Кина не се слави на малите, се слави на постарите.
*Традицијата, е столбот и базата на Кинезите, а кон храната има посебен култ.
-Особено преку храната ѝм изразуваат почит на гостите. Кога имаат гости во домот многу внимаваат што ќе се сервира, како ќе се пречека гостинот, како ќе се наместат стапчињата, за да не се навреди. Има начин како се сервира, како се става, не се раскрева и чисти масата и не се мете, додека гостинот уште јаде, за да не сфати дека како да го бркаш. Тие традиции имаат логика и кај нас, ама кај нив сѐ уште се зачувуваат.
*Ние обично сметаме, еве на пример, лаички кога ќе се каже Кина и кинеската кујна дека таа е составена само од ориз сѐ додека не влезеш во кинески ресторан и сѐ додека не ги пробаш нивните специјалитети, кои се навистина неодоливи.
-Оризот е основа, како база и како прилог на сѐ. Но, не е точно дека без ориз не може да се замисли. Северниот дел на Кина не стават акцент на оризот, а јужна Кина не може да замисли оброк без ориз. Во северна Кина, од каде што потекнува нашата кујна, база се тестенини, дамплингс, лепчиња на пареа, дамплингс, со тесто како њоките, тестенца полнети со свинско месо, со зеленчуци, со ракчиња, нудлси. Има посебни месари- кои месат тесто, пекари и така во северниот дел на Кина се развива кулинарска бранша, каде што го одбегнуваат оризот како база и одат на друг тип на тестенини. На Југот многу повеќе е застапен оризот. Меѓутоа во северниот дел на Кина од каде што потекнува мојот сопруг Лио расте најквалитетно, најкрупно зрно кое има силен мирис. Кога се вари, домот мириса на ориз. Таа класа на ориз се извезува за Јапонија и за побогати земјите, на тој начин и земјата заработува.
*Дали на ист начин како и кај нас оризот го одгледуваат на полиња во вода?
-Да, сѐ е исто. Но порано повеќе го одгледуваа со природни ѓубрива, сега повеќе со вештачки ѓубрива и не ѝм се допаѓа и на самите нив, бидејќи старите генерации кинези, како свекрва ми и свекор ми, ја чувствуваат промената во начинот на одгледување на оризот, тоа влијае и на вкусот на самиот ориз. Се трудат да зачуваат многу начини во готвење. На пример кај нив порано немало печки до пред 20 години не се печело, сега веќе во домовите во Кина има печки. Се готви и во рерни. И не се готви само во вог.
*Употребуваат ли доста масло, како кај нас?
-Да. Различни видови на масла, има и од сончоглед и од сусам, најскапото е од сусам и се ставаат само неколку капки. На пример, ние во супите и салатите ставаме само неколку капки сусамово масло, за да му даде вкус и шмек. Во главните јадења користиме друг тип на масло.
*Знам дека Кинезите прават различни вкусни чорби.
-Најпознатата кинеска супа во цел свет е луто- кисела супа и обично таа супа сите кинески ресторани ја имаат во менито, но ја готват на различни начини. Таа е најздравата супа, како лек е, спој на луто, кисело и жешко, и мора да се јаде исклучиво додека е жешка, прави инхалација на дишните патишта и лекува. Умее да ви даде енергија, таа супа е најздрава и ја имаме испробано и ние и целиот персонал. Вистинска магија.
*Преку Вашата лична животна приказна можете најавтентично да нѝ ја доловите таа култура. Вие како малечка претпоставувам дека не ни помислувавте дека еден ден ќе бидете наша врска со Кина, пред сѐ дека ќе бидете кинеска снаа, кинеска сопруга и мајка, среќата на тој начин ја огреала Вашата судбина. Бракот ви се случи како многу млада, тоа беше раритетен брак, се запознавте, се вљубите, и формиравте семејство. Се уплашивте ли од самите разлики во двете цивилизации, кинеската е древна ама и многу модерна, меѓутоа сепак поразлична од нашата, почнувајќи од традицијата и од начинот на кој тие го живеат и модерниот живот? Ве плашеше ли помислата како ќе се снајдете во сето тоа?
-Не, не почувствувате пречки од различностите, од причина што бев многу убаво прифатена од првиот пат. Зборувам за тоа време од пред 20-тина години. Многу убаво ме прифатија и луѓето не направија да се чувствувам како странец. Дури и на денот на свадбата ме прашаа дали сакам да внесам некој наш ритуал. Привилегија ѝм е да бидат со странци, да научат нешто ново, нѐ прифаќаат. Додека пак кај нас мојот сопруг не беше така прифатен. Мене повеќе грчот и стравот ми беше овде како ќе бидеме прифатени како целина, бидејќи ние решивме да бидеме овде од причина што јас сѐ уште бев во фаза на студии на економскиот факултет и сакав да се вратиме таму, откако ќе завршам. Се договоривме да останеме додека дипломирам. Не сакав на половина да го оставам факултетот. Меѓутоа мојот сопруг е готвач по професија, од свои 14.години учи за готвач, и единствено нешто што тој знае да работи е да готви и бидејќи од нешто моравме да живееме. Рече: “Додека ти студираш јас ќе си отворам ресторан”. Почнавме, и веќе толку длабоко навлеговме во тоа, дадовме и душа и енергија, а не само финансии, така што потоа не сакавме да се вратиме. Дополнителна причина беше што многу му го прифатија бизнисот како бизнис, но како двојка, како различности, како раса, ви кажувам, многу тешко. Во тоа време бидејќи и бевме единствени, не само што многу тешко се прифаќаат тие разлики, туку и нѐ советуваа да не стартуваме- нема да успеете, ќе зажалите, не отворајте… Кина беше многу помалку застапена на овие простори, позатворени бевме. Сега младите генерации направија промена, светот оди напред, отворен е и полесно е за секој да стартува нешто така специфично. Има многу луѓе што пробале кинеска храна кај нас и ние сме причина што ја јадат храна и ми е многу мило зошто ние сме основата на азиската кујна кај нас.
*И јас сум една од нив, претходно мислев дека кинеското мени е многу сувопарно и само се става и ориз и тешко се јаде со стапчиња и толку. Но кога ги пробав Вашите јадења на еден кулинарски саем, станав вљубена во кинеската култура, гурманската пред сѐ.
-Морам да напоменам дека сме имале среќа што сопругот Лио потекнува од северниот дел на Кина, бидејќи Кина е многу голема и секаде јадат различно, и карактеристично е што се става многу сол во храната, пикантно, луто, позачинето, манџесто што е карактеристично и има и со нашата допирни точки. Има места во Кина каде што битно е да е здраво како суровина, а не е битен вкусот, така тешко дека ќе просперитавме. Многу луѓе мислат и дека сме ја преработиле храната за македонски потреби. Не е точно бидејќи специјално донесовме готвачи за сѐ да биде автентично, во моментов имаме три ресторани и пет кинески готвачи, а, реков веќе и мојот сопруг е готвач.
*Секој ден имате гости кои доаѓаат на кинеска храна?
-Да, ја обожаваат оваа храна.
*Вие научивте нешто да готвите?
-Не. Невозможно е. Зошто вогот за подготвување сам по себе без храна тежи 5 килограми. Не може ние да го помрднеме од местото а камоли да ставиме храна да приготвиме. Тоа не се оние вогови што се продаваат во нашите продавници, оригинални се. И масата на која што се готви е увезена од Кина, работи и на плин и на струја во исто време, е страшно комплицирана е за вклучување. Испушта многу голема бучава дури и не може да верувате дека машината има толкава моќност и дека развива со 500 степени температура, за да може еден специјалитет да се подготви за 5 до 10 минути. Не е едноставно за да се добие тој вкус.
*Значи Кинезите фактички од мали ако не се научат да прават јадење понатаму тешко им оди…
-Нема импровизации, не може готвач приучен, да земеме сега да го обучуваме цели две години, и пак нема никогаш да го даде тој квалитет како што е готвач од Кина, кој учел од мали нозе.
*Тие се фанатици во однос на кулинарството и не отстапуваат од своите успешни методи. Сакам да се вратам повторно на оној дел во кој нѝ кажувавте за Вашата свадба. Може ли да нѐ раскажете накратко од она на што се сеќавате како изгледаа тие обичаи, како течеше сето тоа?
-Јас од тоа што се сеќавам е дека тогаш многу малку го владее кинескиот јазик и воопшто не направија да чувствувам притисок во однос на обичаите. Немаше некои генерални проби за да мора да се запази секој елемент, сѐ ми беше простувано и ако не разберам или погрешам нешто, и беше презентирано на смеа. Дури беше и како комична свадба, од што беше забавно. Ако нешто не ми беше јасно ќе ми покажа со пример или со мимики. Танцување немаше, бидејќи кај нив нема играње и песна како на нашите свадби, туку има друштвени игри, има комичар кој на микрофон нѐ прашуваше прашања мене и мојот сопруг, како квиз. Не знаеме што ќе нѐ праша, нѐ прашува мешано- него ќе го праша, мене ќе ме праша, и тоа и некои одговори кои што во тој момент можеби не сме подготвени да ги дадеме, треба да се размислиш да ги кажеш, а бидејќи јас јазикот не го познавав толку добро имаше интересни комични моменти или да слушам обратно. На пример, кога си ги ставивме прстените имаше една ситуација кога ме прашуваа “Што ти е Лио сега тебе” а јас слушнав “Сега што си му ти на Лио?”, и јас велам “жена”. И цела публика почна да се смее. Лио се засрами почна да ме стега по ногата “речи сопруг, речи сопруг” тоа се слуша и се изнасмееја сите, велеа дека позабавна свадба немаат доживеано, со самото тоа што јас бев странец и се знаеше дека ќе се случуваат такви работи. И тоа не беше прифатено како “леле катастрофа”, туку тоа беше сѐ свртено на шега и поздравено.
*Значи многу се поотворени од нас?
-Многу, многу. Тоа беше пред 20 години сега уште повеќе. Направија спонтано сѐ да тече. Исти обичај како кај нас ѝм е мажот да ја земе жената од дома. Јас бев во домот кај негова братучетка за да тоа биде имитација како мој дом. Значи повторно го осмислија тоа и како за да се чувствува човек таму припаѓа. Во однос на храната, ме прашаа што е моја желба да има. Кај нив традиција на денот на свадбата мора да има свежа риба, зготвена, рибата е знак на богатство, на бериќет. Има различни начини на готвење на риби и морски плодови ама кај нив никако не се користи смрзнато ракчиња, смрзната риба, смрзнати морски плодови, тоа е строго забрането. Презадоволна бев, во секој случај. Не само за свадбата, за целосниот пречек. Кај нив свадбата се прави по три дена. Првиот ден со најблиските во ресторан со комичарот, а вториот и третиот ден се пречекуват гости дома затоа што се големи фамилии. Доаѓаат различни гости, од други градови, школски другари на свекор ми од свекрва ми, кои што не можат да стигнат првиот ден или биле спречени следниот ден доаѓаат дома. Класични подароци за свадба не се носат сите носат пари во коверт, кој колку може, и што ми беше тогаш најнеприфатливо и велев “срамота е тоа, вака не се прави” меѓутоа кај нив е нормално. Во една тетратка најстариот член на фамилијата запишува кој колку дал, за кога треба кај нив да се прави свадба не смее да даде помалку од тоа. Тоа ѝм е како почит. Како невеста јас имав две креации – првата црвена, потоа ме испочитуваат вториот фустан да е во бело ( кај нив белото е боја за тажни настани н.з.), а инаку нивната е црвена и со црвен вел, и не смее да те види сопругот додека не се стави прстените, па потоа може откако ќе се крене велот.
*За мени што се нуди на свадба?
-Кај нив начинот на јадење не е секој за себе сам да си нарачува. Сѐ се става на средина на тркалезните маси и секоја главен специјалитет има лажица и седнатите луѓе на маса делат. Кругот значи обединување, а делбата на храна значи сплотување. На постарите низ игра на бабата и дедото на сопругот ѝм се бацува рака. Но, тогаш немаа можност моите да отсуствуваат од работа и да дојдат на свадбата, само јас бев првиот пат во Кина.
*Според некои филмови имам гледано жената во Кина ја учат да биде однослива, нежна, убава, слаба, да има убав и анимирачки однос кон мажот. Да го почитува и многу да се негува, просто да биде како порцеланска.
-Тоа беше некогаш. Сега е поинаку во однос на мажот и жената. Прашајте кај кого се парите во Кина? Кај жената. Нашиве готвачи најчесто се ергени. Доаѓаат тука да спечалат. Кога треба да стапат во брак печачат, а кога се во брак а печалат надвор, ѝм ги праќаат сите пари.ќмна своите сопруги. Жената дома седи и се грижи за домот, и главно нарачува сѐ што сака преку интернет. Фамилијата на жената за мажење бара сума. Тоа постои и ден денес. Мажот мора да спечали пари за да побара жената. Тоа е притисок за мажите, но ја задржале својата традиција. Многу ретко женското може да влијае на фамилијата да не му бара пари од мажот. Треба да има и куќа и автомобил. Ако не даде ништо го чувствуваат како навреда .
*Вашиот сопруг кога дојде во Македонија дали лесно ги прифати нашите навики?
-Лесно. Многу брзо и лесно, меѓутоа луѓето не го прифаќаа лесно. И јазикот лесно го научи, а јас по година и половина од бракот доброволно се пријавив во Пекинг на курс за странци и три месеци го изучува и научив јазикот, од причина што сметав дека за да живееш и ја знаеш една личност мора детално да му го запознаеш и јазикот.
*Се чувствувате ли како еден вид амбасадори бидејќи сте воспоставиле една конекција со Кина која е многу силна, и со самото промовирање на нивната кулинарска традиција вршите некоја амбасадорска дејност?
-Да, бидејќи не го гледам низ призмата на бизнис туку навистина се чувствувам како мост меѓу Кина и Македонија и сакам да видам заинтересираност кај нашиот народ. Желба за знаења, желба за нови искуства, за да имам сила уште повеќе да го продолжам тоа на долги патеки.
*А Ви дошла идеја во Кина да отворите македонски ресторан?
-Да, но Лио не сака бидејќи смета дека премногу сме се зафатени овде, веќе имаме три локали и имаме уште многу што тука да понудиме на овој пазар. Не зборувам само во однос на кулинарство, на такви вештини, туку многу работи што во Кина ги има овде ги нема, а сакаме да ги донесеме.
*Вашите деца во кој дух ги воспитувате, научија нешто од кинеската култура и јазик?
-Знаат кинески. Јас многу ги обожавав нивните приказни и јас сум имала можност од свекор ми и свекрва ми да ги научам, и ѝм ги раскажувв, меѓутоа правилното воспитување во духот на Кина е само во Кина и затоа се обидуваме кога имаме можност, барем еднаш годишно претежно за летниот распуст , да ги праќаме таму, за да почувствуваат одблиску. Децата се заинтересирани и да работаат во овој бизнис. Најмалиот син покажува интерес, повозрасниот нѝ помага, но ќерката сепак ќе ја пратиме на економски студии во Кина, за да го совлада за да го совлада јазикот.
Валентина Ѓоргиевска Парго