Вечерва, среда (28 декември) во Филхармонијата новогодишен концерт ќе одржат американскиот џез- тромбонист по потекло од Костарика, Луис Бонила и Биг бендот на Здружението на џез-музичари (ЗЏМ), кои се и организатори.
Дел од дваесетте музичари на сцена ќе бидат и уметниците Дарко Бенчиќ од Хрватска, редовен член на Љубљанскиот биг бенд (во случајов и посредник за ова гостување), и Бојан Цветковиќ, музичар од Србија.
Луис Диего Бонила е светски познат уметник, добитник на многу награди а највисоката музичка награда „Греми“, ја добива во 2002, 2003, 2004, 2006, 2008, 2011 и 2014 година. Тој е изведувач, продуцент, композитор, аранжер и професор. Роден во Лос Анџелес, живеел во Њујорк, последниве години во Грац, Австрија.
Во својата плодна кариера остварува соработка со некои од најголемите имиња во историјата на џезот: Вангард џез-оркестар, Мингус биг бенд, Мекој Тајнер, Дизи Гилеспи, Лестер Боуви, Том Харел, Фреди Хабард, Аструд Гилберто, Вили Колон и Тошико Акијоши.
Тој е веќе неколку дена во Скопје, а во понеделникот,26 декември, имаа прес конференција.
Гоце Стевковски, Претседател на ЗЏМ рече дека подготвиле репертоар од час и половина и дека смета публиката ќе ужива целосно во концертот (билетите се по 1.000 денари).
Џез тромбонист Бонила објасни дека ќе свирт селекција од сите негови свирки, со фокус на латинската страна на џезот.
„Македонија е едно невообичаено место и уживам во посетата на оваа држава. Убаво е повторно да се биде тука (беше пред неколку години во Охрид, н.з.). Овој концерт е важен чекор за креативноста и за музиката, бидејќи во оваа земја има многу талентирани музичари. По концертот најверојатно нема да ја паметите многу музиката, но ќе го запаметите чувството кое што сте го имале додека сте присуствувале на концертот“, рече тој на прес-конференцијата.
Валентина Ѓоргиевска Парго