Од 15 декември е отворена изложба на уметничката група XXL.
Националната галерија на Република Северна Македонија (Мултимедијален центар „Мала станица“) ја претставува групата XXL, создадена во 1994 година, во Софија. По децениско меѓусебно непознавање (или делумно познавање) на тековните процеси во уметноста на двете земји, оваа изложба ја гледаме како уште еден чекор кон трајна соработка во областа на културата.
Во 1994 година, основачи на групата беа Свилен Стефанов, Генади Гатев, Хубен Черкелов, Иван Ќуранов, Косјо Минчев, Расим, Георги Тушев, Петко Дурмана и Слави Славов. Првиот манифест, „Клоца во грбот на инерцијата“, е напишан и објавен на почетокот на 1995 година, во весникот „Култура“, а подоцна со додатоци се појави и на страниците на „Литературен весник“. Името XXL се поврзува и со галеријата која постоела помеѓу 1996 и 2003 година во Софија. Имињата на некои од најпопуларните изложби на кругот XXL се „Нова бугарска ликовна уметност“ 1996), „Косјо, Хубен, Тушев“ (1997), „Димензии на насилството“ (1998), „Гангстарт“ (1998) , „Бугарскиот пејзаж како метафора“ (2001) и „Нови радикални практики“ (од 1997 до 2001 година). Галеријата XXL беше затворена во 2003 година, од страна на регионалниот управител на Софија, по изложбата во галеријата насловена како „AntiSax (Нова политичка уметност)“.
8 Grupa XXL 1.jpg
Во општата слика на бугарската уметност, оваа група е еден од првите примери на самостојна уметничка дејност надвор од постојните институционални структури. Уште како студенти, тие навлегуваат во јавниот простор радикално и нецеремонијално. Денес нивното творештво може да се гледа со пообјективен поглед, исчистен од филтерот на емоциите и екстравагантниот дух на 90-тите. Изложбата во Националната галерија во Скопје не е реконструкција на феноменот XXL – тоа би била голема реконструкција на десетици дела, од кои некои повеќе не постојат. А освен тоа, тие беа само дел од севкупното радикално однесување. Оваа изложба е повеќе реминисценција и обид за подоцнежно разбирање на промената што оваа група ја предизвика во современата бугарска уметност.