Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс” заедно со Младинскиот културен центар и издавачката куќа „Слово”, на драго срце и со особено задоволство ве покануваат на промоцијата на книгата „Старите кина (киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)” од почитуваната Илинденка Петрушева.
На промоцијата, што ќе се одржи на 17 декември, со почеток во 19 часот, во кино „Фросина”, книгата ќе ја претстават Јасна Франговска, радиоводител и новинар, Борис Дамовски, режисер, Димитар Башевски, писател и издавач, а ќе се обрати и авторката и филмолог Илинденка Петрушева.
Модератор на промоцијата ќе биде Русе Арсов, продуцент и уредник на драмската програма во МКЦ.
Илинденка Петрушева е филмски критичар, филмолог, припадник на првата генерација историчари на филмот во бившата држава СФР Југославија. Еден од основачите е на Кинотека на Македонија, каде работела од основањето во 1976 година до заминувањето во пензија. Во оваа национална установа работела на капитални истражувачки проекти од историјата на македонската кинематографија.
Во рамките на промоцијата на најновата книга на Илинденка Петрушева ќе се одржи и проекција на документарниот филм „Кино ‘Мортус'” (2021) во режија на Ивана Цветаноска и во продукција на филмската школа „ДокуНикулци” на „МакеДокс”. На филмот работеа снимателите Антонио Мисиркоски и Матеа Козовски, звукот е на Леон Шумански, а монтажата е на Оливер Милески.