Уште две нови сензорни катчиња

Скопје, 13.12.2022 – Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој е финансиран од Европската Унија опреми уште две сензорни катчиња во основните училишта Кузман Јосифовски Питу- Кичево и Браќа Миладиновци-Могила во кои повеќе од 10 ученици со попреченост. Овие сензорни катчиња се дизајнирани да го поддржат учењето, да обезбедат стимулативна средина за учење, а може да се користат и за поддршка на развојот на виталните вештини, како што се комуникацијата и социјализацијата.

„Целта на проектот е да се овозможи високо квалитетно образование во инклузивна средина која ќе му даде можност на секое дете да ги оствари своите образовни права, на еднаква основа со другите ученици. Затоа, нашиот проект секогаш се прилагодува на барањата на училиштата кои имаат различни потреби во градењето на инклузивна клима и пристапност.” изјави проектниот менаџер Бранка Џајковска.

За проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” инклузијата на децата со попреченост во образовниот систем е многу важна. Затоа, преку повеќе активности се работи на подобрување на нивната социјална и едукативна интеграција преку обуки и донации за отворање на сензорни соби и катчиња, како и олеснување на пристапот до училишните простории.

“Досега се отворени 20 сензорни соби, 10 инклузивни игралишта, 1 сензорна градина, а 8 училишта добија помошна технологија и дидактички материјали за лица со попреченост. Проектот придонесе и за подобрување на пристапноста во 2 училишта, а како дел од проектот се доделуваат и месечни стипендии за 470 ученици со попреченост кои добиваат и можност за туторска поддршка. Исто така, повеќе од 430 вработени во училишта активно учествуваа во обука за работење за лица со попреченост, а до сега се консултиравме со повеќе од 150 родители во однос на секојдневните предизвици кои ги имаат при воспитувањето на децата со попреченост.” додаде Бранка Џајковска.

Проектот го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор”, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива” и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак”, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.