.Скопје,
17.11.2022 година
Да ме прашаше некој синоќа кога се враќав од премиерата на “Кајмак”, новиот филм на сценаристот и режисер Милчо Манчевски, за што се работи, верувајте немаше да знам да му кажам, иако бев седната во првиот ред и на првото место до бината (платното), и како во вицот-“прва го изгледав филмот”.
Ќе му речев по скопски “дејството нешо следи два типични урбани градски парови, кои беа во потрага по свое бебе, нешо се муваа со некои други, неверства , тамте- вамте, џиги-миги, и на крај фраерот лапна две јаки типки, спиеше и живееше со нив, едната роди едно бебенце, а другата нешо као почина или загина, не знам баш од шо…Али музиката беше топ!”
Не ве лажам. Манчевски, ќе ми помогнеш ли да го раскажам “Кајмак”? Инаку, да кајмак според гастрономскиот речник е највкусна кремаста млечна храна, која се добива и прави од млеко.
И утрово кога се разбудив прво што побарав на imdb да видам што филм сум гледала, истото го најдов напишано во само три реченици…
Irreverent, unconventional and poignant love story, but also a critique of the illiberal hypocrisy. A young, rich couple are on top of the world, when a distant relative comes to live with them. Meanwhile, the neighbors in the crumbling house down below are middle-aged and feeling left behind, when the husband starts an affair with a cheese-seller. Underneath its exploration of the eternal search for love, KAYMAK tackles darker social issues – surrogate parenting, infidelity, woman’s role in family and society, human trafficking, sexual liberty.
****
Не, не е филмот збунка, напротив. Толку е јасен, течен, редоследен, мек, и повремено те засмејува, што не го забележуваш жанрот во кој е сместен- “црна комедија”. Трае 106 минути, а можел и во само 20, но сѐ е така искулирано.
Ама, не можеш (лесно) да го раскажеш.
Но, можеш да го наречеш продолжение на претходниот филм “Врба”, според тематиката, односно кога би се залепил за третиот дел од тој филм, навистина се надоврзува и е негово продолжение. “Кајмак” е еднакво на “Врба”- втор дел.
Но ,ако таму режисерот ги имаше затегнато жиците на гитарата до пукање, овде беа олабавени, и се свиреше малку посмирена варијација на истата тема.
Мене, од старт ми пропадна стратегијата- цел ден гладував со цел да сум гладна и дефокусирана при гледање, зашто Манчевски ако те вовлече знае да те изгребе јако под кожа. Овој пат немаше потреба од заштитен механизам. Гладна, ама го изгледав смирено со доволна концентрација (за да не знам како да го раскажам) и да сфатам дека сепак беше филозофски филм. Сѐ е ставено во мирување, тивко и бавно темпо и динамика, лесна, light варијатна, и мислиш ништо не се случува ама процесот во заднина си тече.
Вистинскиот вкус на филмот не го чувствуваш во салата, го чувствуваш дури следниот ден.
И сега треба пак да го изгледам филмот, како и вие што не сте го гледале, за да знам за што станува збор.
А Знам.
Суштински знам. Ќе ви раскажам.
Филмовите на Милчо се круг, за да го разбереше овој треба да ги имаш гледано сите други по редослед. За мене последните негови три македонски филмови “Мајки”, “Врба” и “Кајмак” се еден циклус.
Воедно е блага пауза од напнатоста на претходните филмови, овој пат ја намалува очекуваната тензија, нема силен електрицитет и поларизација, ама се застапени сите препознатливи елементи на овој автор (дури и некои од истите глумци, драги на јавноста), но ако во “Сенки“,“Мајки“ и“ Врба“ (а пред тоа и во “Пред дождот“и “Прашина“) почнува со убиство, овде завршува со тоа, и затоа со тоа не те фрустрира како што умее, доколку би одело по некој обратен редослед на настаните.
И мислам дека колку и публиката да го тегне јажето на своја страна, за да надвладее нечие мислење “про” и “контра”, колку и да е за или против слободна љубов, на крај ќе се предаде, крајот има финта.
Режисерот откако во “Врба“ нѝ даде целосна анестезија, овде ти ги оперира чувствата со локална анестезија, свесен си и цело време гледаш што ти прави .
Повторно низ модерен живот, го опишува исконското . Природен филм за денешните градски слободни љубовни релации.
***
Поради слободно отпуштање на нагонот или поради тренд, неговите хероини се препуштаат на лесен живот што самиот градски стил ти го наметнува, ама мајчинскиот инстинкт е сепак тој што ги води цело време, и без да знаат.
Слободата на телото и на чувствата, да се лепат за кого сакаат, се некој (прастар) а не модерен концепт како што се мисли, отсекогаш постоел, но децата од големите градови се поослободни и затоа ги вадат на виделина. И тука се косат со нормите на општеството.
Формата на слободна љубов во филмот не е хистерично прикажна, може да се голтне, не создава одбивност, и лошење, ако ти не си за тоа. Затоа што, правото да се избере слободно овој пат го префрла на женско – женската љубов, која е поретка и поретко јавно прикажана, но на крај тој ја врзува и со мајчинскиот инстинкт и ја обработува од тој агол. И со детето кое има две мајки и еден татко. Од две мајки дете!
Сето тоа некако впрегнато во порака.
****
Која е и, која се може да биде мајка? Повторно ја шири и растегнува како ластик оваа мошне сензитивна тема и категоризација, која вклучува повеќе типови на мајки , со тоа и повеќе прашања. Повеќе мајки, детето килаво? Дали е мајка само биолошката или и таа што своите чувства го “покрива” целосно, го расте, гледа, негува му дава храброст? Дали само таа што му дава мајчино млеко, или и таа мајка што сака да му даде еден друг вид мајчино млеко или кајмак?
Современото општество , слободата и трендовите од една, и притисокот, очекувањата, дискриманацијата врз жената (која денес суптилно е најсурова) прават мноштвото девојки да не го остварат тој инстинкт, или се некаде брзаат, за кога ќе помине време да сфатат дека веќе е доцна или дека веќе самите отсакале да имаат деца. Напати и природата, но многи поинтензивно општеството си игра со инстинктот на жената, те го затапува, те го заспива, те го замрзнува, те го одложува, те го отстранува, но не постои жена која не го почусвстувала на ваков или таков начин барем еднаш во животот.
Попатно начната е темата за децата кои се позачестено се раѓаат или поради лекарска негрижа стануваат со доживотни одредени пречки, хендикеп или синдром.
***
Различните реакции (кои се очекуваат од гледачите) сепак водат кон единствен заклучок- каква телесна љубов и да практикува човек кога станува збор за бебе, дете, љубовта инстинктивно автоматски се префрла на него, и сите го гледаат низ очите на мајка.
Од мој агол- Манчевски е медум на мајката, инаку не би можел да го долови тоа што го чувствува една жена.
М.М. повторно многу убаво ја спакувал темата (односно лепезата од мајчински инстинкт/ и), а ја одвиткува како слатко бонбонче.
***
Мајсторска фотографија и колорит, перверзија и загонетност, со мерка, цело време. Метафорична е и сцената на пасторалата- кога еден од главните улоги со автомобил влетува во стадо со овци, а потоа се појавува сцена со скали, прозорче и светлина (асоцира на раѓањето на Исус во Витлеем). Ја р’чнува и урбаната градежна мафија. Во филмот ќе ги слушнете и звуците на “Бандиера роса”, една македонска народна и авторската музка на Новоградска – феноменална. Мааните ќе му ги наоѓам на репризата, а она што ми се допадна е дека нема “драмење и глума”, глумците не претендираат да бидат ѕвезди, настапуваат сосема природно. Одлична актерска екипа во која се почувствува компактност како на семејство – млада генерација, која не само на филм и во реалност испитува некои нови искуства и предизвици, слободи.
***
На крај се случува (само)убиство (смрт), но слаткото русо бебе кое се појавува со милозвучен плач е толку преслатко што ти прави “клик” и мајчинскиот инстинкт е заволен кај сите, што дури трагичниот крај нема некој силен импакт врз гледачот.
Филмот, кој иако е категоризиран во црна комедија баш поради тоа, (-убавината на) бебето, јас би го ставила во жанрот “баш е кјут”…
Валентина Ѓоргиевска Парго,
Независен новинар и уредник во “Куларт”