Четири перформанси на 47. МОТ во соработка со Локомотива

Во рамките на 47-то издание на МОТ, Локомотива -Центар за нови иницијативи во уметноста и културата ќе претстави четири перформанси како дел од заедничката соработка со МОТ / Младински Културен Центар Скопје.
На 16-ти ноември во салата „25 Мај” во МКЦ, со почеток во 20 часот, премиерно ќе се изведе танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“.
Концептот и кореографијата на „Ми треба ново тело“ се на Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи, а изведувачки се
Викторија Илиоска и Настја Ѕубан.
Перформансот е копродукција помеѓу Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата, Life Long Burning (LLB), Номад
Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска. Проектот е поддржан од: Министерство за култура на Северна Македонија и Креативна Европа (во
рамки на проектот Life Long Burning).
Еден ден по перформансот, на 17-ти ноември во 12 часот во горното фоаје на Кино Фросина (МКЦ) ќе има и разговор со уметницата Викторија Илиоска
наречен „Дијалог кој недостасува“, кој ќе се реализара во соработка со фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО 0. Модераторки се Кристина Леловац (ППЖ10) и Биљана Тануровска-Ќулавковски (Локомотива), а на кој како соработнички на фестивалот ППЖ10 ќе учествуваат и Душица Лазова (Медуза) и Елизабет Колевска (танчарка/професорка во ДМБУЦ Илија Николовски Луј).
На 17-ти ноември со почеток во 19.00 часот во салата „25 Мај”, публиката
ќе има неверојатна можност да го проследи перформансот „Sad Sam Almost 6” на Матија Ферлин, хрватско-словенечка ко-продукција. Во својата соло изведба, тој сака да го истражи умот ќна детето кој не е условен од ништо, ниту од сопственото постоење. Во концептот за перформансот се вели: „Додека растеме, совеста на постоењето создава бројни „тероризирачки“ факти кои се резултат на општествените услови и стеги. Сите фиктивни ликови од детството стануваат непријатели. Фактот дека треба да пораснеме резултира со несовршености кои ги прават нашите животи и начини на постоење специфични и индивидуални.”
Следниот ден, на 18-ти ноември ќе бидат прикажани два перформанси: „Појавување на изведбата” на Номад танцовата академија од Хрватска, којa на програмата на МОТ е во 20.00 часот во салата „25 Мај”, а веднаш потоа, од 21.00 часот во Гaлеријата на МКЦ, Игор Коруга од Србија ќе го изведе својот соло перформанс „Блискоста на допирот”.
Поимот појавување, иако повеќеслоен и контроверзен по својата суштина, е
живописно присутен и на многу начини ги води уметничките процеси, што беше причина спонтано да стане истовремено и поттик, тема, метод и процедура во перформансот „Појавување на изведбата”.
Делото „Блискоста на допирот” произлегува од долгогодишно уметничко истражување на теоретските дискурси за грижа, имунитет и негативни чувства преку кореографијата. Целта на делото е да примени специфичен кинетички и кореографски јазик на различни принципи на општествено-политичката (ко-) егзистенција како форма на отпор кон денешниот сеприсутен капиталистички реализам.
Трите перформанси: „Sad Sam Almost 6”, „Појавување на изведбата”и „Блискоста на допирот”, се дел од проектот (Не)Врзани Движења
курирани од Биљана Тануровска-Ќулавковски, Викторија Илиоска и Александар Георгиев.
(Не)Врзани Движења е поддржан од програмата Креативна Европа/Европска
соработка Западен Балкан и Министерството за култура на Северна Македонија.
Проектот (Не)Врзани Движења/ (Non)Aligned Movements е развиен во партнерство помеѓу СТАНИЦА Сервис за современ танц, Белград; Номад танцова академија Словенија, Љубљана; Номад танцова академија Бугарија, Софија; Танцфабрик Берлин и ЛОКОМОТИВА Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Скопје.
Повеќе информации за перформансите може да најдете на веб страната на
Локомотива https://www.lokomotiva.org.mk/
Билетите се достапни на билетарницата на МКЦ како и на
https://bileti.mkc.mk/index.php?room=1

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.