“Си беше еднаш маестро Виничо Капосела, една вечер беше музички принц на Скопје, ја донесе италијанската магија, царуваше со публиката. А тие ќе го паметат засекогаш!…”
***
Ви звучи познат почетокот на приказната, а оваа музичка приказна навистина ќе биде запаметена по концерт на славниот италијански маестро,кантавтор, пејач, поет и шоумен Виничо Капосела, кој на 9 ноември 2022 година за прв пат се запозна со скопската публика, или подобро речено таа се запозна со Него.
Концертот не го следеше голема кампања, речиси и минимална фејсбук најава, а доцна синоќа осамна скромна и дозирана медиумска вест за негово доаѓање во Музејот на револуционерна борба, како за крај на балканската турнеја. Сосема соодветен простор, за некој кој умее да ја шета публиката низ разни времеплови, и низ битки- и револуционерни и љубовни.
Капосела, за тие што не го знаат, можам да речам е италијанскиот “Арсен Дедиќ”. Музички поет во движење!
Неговиот репертоар се состои од весели италијански песни, како на пример хитови од Адријано челетано, од филмска музика на Федерико Фелини, од негови авторски композиции, во кои има и етно и затоа често некој влез во некоја песна ќе ви заличи на познат, па дури и на песна од традицијата, но толку умешно спакувано, што неговиот концерт е цела (музичка) претстава, мјузикл и богата мешавина од дестилирано етно и поп, Џез, мешавина од традиција и современост.
Повремено вклучува и разни инструменти, овој пат дури и гајда и се разбира хармоника, дури и накратко покани една хармоникашка. Голема екипа на сцена, и зад сцена, а лајтшоуто во најголем дел го доловуваше италијанското знаме- со зелено и црвените зраци
Весел, ведар, налик на перцепцијата што светот ја има за вистински Италијан, но највпечатлив и најинтересен е, со неговиот знак на препознатливост- менувањето на капи, од султанска капа, до качкет, до капа на гроф, на магионичар, цилиндер, класичен шешир…
***
Интелигентниот и сензитивен уметник, секоја песна ја објаснува вербално, со својата легенда, го спомна Милчо Манчевски, филмот “Прашина”, “Кочани оркестар” , ја изведе “Ерделези”, го запеа рефренот “Било чија да си, само моја ти си” (пред концертот на својата страница сподели фотографија со своите музичари фотографирани пред мурал во музејот на Македонската Борба И го опишал) … едноставно, те внесува и затвора во својот свет тој час и половина.
Неговиот перформанс, во придружба на Виктор Хереро, Андреа Ламаркја, Винченцо има голем степен на продуховеност, целосно е од духовна и уметничка природа, има душа, и ни малку (видлива) комерцијала.
Организатор беше Италијанска амбасада, веруваме повторно ќе нѐ почести во концерт на овој грандиозен сценски уметник, кој точно си ја сфатил својата функција и својата улога на сцена.
Како да го протолкувам промашувањето што не видов официјална телевизија да го сними овој грандиозен камерен сценски спектакл? Со пари не се купува.
***
Нема спиење по концерт на Капосела, мораш да ги стишаш емоциите, префинетоста со која те освоил, и убавината која те опружила и те држи уште да сонуваш буден/будна со отворени очи.
Не туку- така го нарекуваат најпознат современ италијански кантавтор, додека википедија и вели дека:
Виничо Капосела е италијански кантавтор, поет и романсиер, роден на14 декември 1965, во Хановер, Германија .. Познат по високо оригиналните и поетски текстови на неговите песни. Многу црпи од традициите на италијанската народна музика, особено оние на родната Ирпинија на неговите родители, дел од провинцијата Кампанија.
Некои од неговите песни – особено во албумот Marinai, profeti e balene („Морнари, пророци и китови“) – се инспирирани од светските теми и легенди (Canzone a manovella, Medusa) и од светската литература, како што е Хомер (Calypso, La lancia del pellide), Семјуел Тејлор Колриџ (Santissima dei naufragati), Џозеф Конрад (Лорд Џим), Херман Мелвил (Били Бад, La Bianchezza della Balena), Џон Фанте (Accolita dei rancorosi), Оскар Вајлд (Con una rosa), Алфред Џери (Deservelamento) и Џефри Чосер (Corvo torvo). Неговиот музички стил се споредува со оној на Том Вејтс.
***
Останува надежта дека повторно ќе дојде тука, или ние ќе одиме некаде каде ќе музицира, дотогаш слободно побарајте на фејсбук дали некој ваш пријател бил присутен и ја уживал оваа привилегија вечерва,и со мобилен телефон снимил макар И мал сегмент и- едноставно уживајте!
Fantastico!
Валентина Ѓоргиевска Парго
Зфото галерија – Официјална страница на Италијанската амбасада во Скопје